Транспарентни животни

14.08.2018 16:54
Транспарентни животни

 

На семафорот беше зелено. Машан не се помрдна. Стоев неколку метри зад него и го снимав. Не ме забележуваше. Улицата беше пуста. Притиснав стоп, ја ставив камерата во џеб, запалив цигара и чекав. Гледав во точката каде што почнуваше улицата. По целата должина беа построени идентични камени куќи. Повремено нè заплиснуваше солениот ноќен ветар. Се загледав во бандерите. Се палеа и гасеа како светулки. Отсјајот во морето се протегаше до хоризонтот. Ја согледав широката раскрсница. Го снема. Ја фрлив цигарата и ја претрчав улицата. Се свртив наоколу, користев логика, брзав кон најблискиот премин. Градите ми се ширеа и го притискаа гркланот. Куќите се збиваа, камења се струполуваа, интензитетот на притисокот ми ја одземаше потребната количина воздух. Изгубив рамнотежа. Очекував студенило на грбот. Бетонот беше млак.

Лежев исцрпен. Боледувањето беше при крај, за неколку дена требаше да се вратам на работа. За него не дознав речиси ништо. Ниедна понова информација од тие што ги имав на почетокот. Ја отворив камерата и ја сменив картичката. Материјалот подоцна ќе го прегледам. Пред да станам, од масичката го подигнав стаклениот сад. Внатрешноста на мртвата проѕирна риба беше прошарана со црвени и сини облици. Машан стоеше пред огромно стакло во трговскиот центар. Залутани птици летаа над главите. Внимателно го спуштив садот на масата. Трупот на рибата елегантно се излизга кон дното.

Најдов добра позиција. Зумирав за четвртина и ја потпрев камерата врз ладниот чајник. Седеше на истата маса во аголот, со спуштен поглед. Дувна дим во одразот на масата. Таа не поднесуваше мирис на тутун. Тој нарача омлет со тартуфи. Му дадов знак на келнерот да ми донесе исто. Не бев гладен. Го сакав мирисот на пржени печурки. Тој во устата го мласкаше мразот. Батеријата умираше, далеку бев од штекер. Го следев до плажата. Стоеше на испакнат дел од плажата, подалеку од големите бранови. Решив да го турнам. Се прикрадов на прсти. Момчиња во кратки нуркачки одела поскокаа во морето како уплашени пеликани. Побара запалка. Прстите му беа жолти. Не одговорив.

Осумнаесет дена порано часовникот отчука девет и дваесет минути. Телефонот заѕвони. Во сообраќајна незгода на некој европски автопат настрадале четворица луѓе. Меѓу нив и мојата сопруга. Полицаецот изрази искрено сочувство. Не поставив ниедно прашање. Го задржав телефонот уште некој миг. Потоа се струполив.

Илјада црвени жижици ја осветлуваат плажата. Одбројување и огномет. Завршетокот на карневалот се прославува со влегување во море. Мажите и жените дивеат на песокот. Од металниот топ шика пена. Ги затрупува главите. Од шеталиштето го набљудував медитеранскиот циркус. Машан беше пијан, потпрен на оградата. Едвај ја држеше главата горе. Му пријдов и му понудив уште една пијачка. Побара да ја исклучам камерата. Му ги зумирав очите. Розикавите капилари блескаа под огнометот. Се сврте и проба да замине. Се тетеравеше, луѓе го туркаа. Притрча кон оградата и поврати врз пенливите тела што играа. Плунката му се растегнуваше, од пола пат ја врати во уста.

 

Бракот без деца заврши со ударот на шлепер со брзина од сто и педесет километри на час. Три дена чекав да го допремат телото. Пораките во мобилниот телефон ми ја олеснуваа ситуацијата. Мртвата риба в тегла таа ја имаше донесено од изложба во Јапонија. Ми објасни дека мртвото ткиво потопено во хемикалии со тек на време станува проѕирно, а коските и ‘рскавицата добиваат црвена и сина нијанса.

Често ги премотував снимките и одново ги гледав работите. Тој седеше на мокриот песок, бранови му ги наводенуваа нозете. До самрак не ја промени положбата. Снимав како крузерот влегува во заливот. Го покри сонцето. Кога пројде, руменилото веќе беше минало зад хоризонтот. Крабите излегуваа на копно, рибите-скокалки брзаа по бротчињата. Тој ги соблече панталоните и отиде до куќата.

Откако нејзиниот црн, деформиран куфер стигна, го потпрев на орманот и го набљудував неколку дена. Ме вознемируваше и кога спиев. Во сништата беше отворен или се претвораше во црно кучиште. Го преместив во малото купатило. Седев на кревет и си ги триев дланките. Го довлечкав и го отворив. Парчиња стакло се растурија по паркетот. Не се сеќавам кога изгубив свест.

Лежев на подот. Од дланките ги извадив острите срчи. Останатите ги измив под туш. Претпазливо ја превртував гардеробата, ги мирисав кутиите со шминки, внимателно редев меки работи на нејзината страна на креветот. Мобилниот телефон сè уште функционираше. Прелистував пораки. Наидов на видеоснимка. Трчавме по плажа, на песокот цртав срце. Си го исеков прстот на рѓосано железо. Следеше поздравот од Царската палата во Токио. Таа зборуваше во профил. Беше надувана. Мавташе со садот со глицерин. „Проѕирни примероци го создале новиот свет. Најпрвин се стругаат крлушките, а телото се чува во формалдехид. Животните се потопуваат во хемикалијата и добиваат боја на ‘рскавица. По кршењето на мускулите и на протеинот, процесот престанува во моментот кога рибата ќе стане транспарентна. Коските поцрвенуваат. Брилијантниот ѕвер плута.“ Мавна уште еднаш и прати бакнеж.

Наидов на фотографиите. Изгледаа уморни и среќни.

Не беше тешко да се дознае со што се бави и каде живее. Бегаше од мракот. На изгрев играше тенис, утрата ги поминуваше во трговскиот центар, на самрак седеше на плажа. Еднаш на шанк заборави книга. Се обидов да ја земам, но несмасно постапив, па келнерката ме престигна.

Физичката состојба ми се влоши. Со денови немав јадено. Се исфрлив по рамената и вратот, устата ми се исуши, колената отекоа. Ја собрав потребната сила, пријдов и му соопштив кој сум. Завршуваше со утринскиот тренинг. Го цедеше потникот врз портокаловиот песок. Гром удри близу до нас, шуштеше летниот плискот. Застанавме под стреата на една зграда. Гледаше во сопствениот одраз во излогот. Пластичните кукли тапо ни се клештеа. Замавна и го скрши стаклото. Блескави парчиња срча му се разлетаа по косата и рамената. Внимателно ја извлече раката. Рече дека знае кој сум. Таа така избрала. Толпата брзо се собра. Алармот затрешти.


Превод: Борислав Јарчевски
Фотографии:
iori tomita: new world transparent specimens

За авторот на расказот

Утре (15.08.18.) на Сараевскиот филмски фестивал (СФФ) ќе биде прикажан краткиот игран филм „Пелоид“, чијшто косценарист е младиот црногорски писател Стефан Бошковиќ, кој и се појавува во една од улогите. Бошковиќ, драматург по образование, на СФФ како сценарист настапи и 2015 со филмот „Бисерниот брег“.
Вниманието на познавачите на книжевноста Бошковиќ го привлече со својот прв роман „Шамарање“ (2013).
Расказот „Транспарентни животни“ е земен од неговата најнова истоимена книга.

Стефан Бошковиќ ќе биде еден од гостите на скопскиот книжевен фестивал Друга приказна (6-9 септември во МСУ).

 

ОкоБоли главаВицФото