Професоре, колега, пријателе – Ти благодарам за сѐ!

28.11.2018 11:28
Професоре, колега, пријателе – Ти благодарам за сѐ!

Горан Стефановски не е „мртов“, оти големите драмски писатели не умираат, тие живеат и ќе живеат сѐ додека постои театарот – тие штици што значат ЖИВОТ! И исто како Есхил, Молиер, Шекспир, Бекет... така и Горан е „жив“ и ќе живее со секоја нова постановка на која било негова драма, на која било театарска сцена во светот!

Горан исто така ќе продолжи да живее и преку еден друг, несомнено, најблагороден чин, кој е одлика само на големите луѓе. Тој не мислеше само на својата иднина како драмски писател, туку и на иднината на драматургијата, особено тука во Македонија. Големината е во тоа што Горан е татко на современата македонска драматургија, секако како автор, но уште повеќе, би рекол – како професор по драматургија. Тој без ронка себичност го пренесе сето свое мајсторство, сите тајни на драматуршкиот еснаф, врз нас – неговите студенти по драматургија. Така тој го засади и го за’рти семето на современата драматургија во Македонија... и од тоа плодоносно поле на драмска умешност и занает денес сме тука ние, неговите ученици – и јас, и Дејан, и Маја, и Сашко, и Викторија, и Огнен, и Жанина; и многу други... така, тој си „обезбеди“ уште една бесмртност – Горан, ќе живее низ – заплетите, драмските ситуации, репликите – во нашите драми, низ драмите, на нас – некогашни негови „чираци и калфи“, а денес, секој од нас – подеднакво голем мајстор на својот занает.

Убеден сум, и мислам дека моите колеги ќе се согласат со мене – да го немаше Горан како врвен автор и како професор кој создаде автори, автори налик на здрав темел, темел врз кој понатаму може и мора да расте и да се развива македонската драма, да го немаше Горан – македонската драматургија и воопшто македонскиот театар, ќе беше многу посиромашен, наместо споменатата исполнетост – ќе имаше една „црна дупка“, која со ништо нема да можеше да се пополни.

И на крај, нема да кажам – Нека му е вечна слава! Оти Горан и славата и вечноста ги „заработи“ уште за време на својот живот!

P. S. Напишано – додека болка ЛЕТА ВО МЕСТО, во душата зјае ЦРНА ДУПКА, а во грлото ДИВО МЕСО не дава да излезат зборови сразмерни на тагата внатре.

ОкоБоли главаВицФото