Послание за религијата (2)

05.10.2010 10:50
chris-sedgwick-5.jpg

3. Наметнување

Религијата денес не е одвоена од државата, туку напротив, таа постои како есенцијална јавна и политичка категорија. Можеби делува луцидно, но многу сериозно е прашањето зошто воопшто постои категоријата религија на попис (и не само во Македонија)? Доколку е за научни потреби, постојат други методи на утврдување (на пример, анкети, кои исто така би се занимавале и малку подлабоко со феноменот). Сепак, ако веќе државата води евиденција за религија, тогаш дефинитивно треба да ги забележува и политичката определба, сексуалната ориентација и сè останато што е право на избор (би рекол, дури и етницитетот, но тоа е тема за друг текст), затоа што е глупаво да се двои еден тип верување од друго. Многу повеќе би имало смисла државата да води, на пример, евиденција за здравствената состојба на граѓаните на пописот, отколку за нивната религија (ако знае колку и какви болни има, ќе може да им помогне подобро).

Сепак, на крајот на краиштата, ако навистина станува збор за секуларна држава, тогаш нема потреба на попис да бидам прашан која е мојата религија. Чудно е како луѓето воопшто прашани за нивната политичка определба често пати реагираат како да им е засегната приватноста; но сосема прифатливо е некој да праша за нивната религија. А всушност и нема некоја голема разлика.

Во Македонија, за жал, верските институции се уставни категории, а религијата нешто што се подразбира како инхерентно на индивидуата. Дополнително, таа сосема нелогично се поистоветува со етничката припадност. Сепак, за разлика од етницитетот кој во многу аспекти за многумина практично не е предмет на избор и е безусловно детерминиран од средината на раѓање (пред сè поради јазикот на фамилијата и средината), религијата е многу пофлексибилна категорија, која и самата од себе бара процес на учење и, многу побитно, процес на преџвакување на наученото.

Тажно е што во Македонија (исто како и насекаде во светот), луѓето прво стануваат верници па дури потоа учат во што точно веруваат. Како мали ја „примаат“ религијата уште во возраст кога немаат способност да расудуваат за основни работи и кога не се способни ниту да ги извршат основните физиолошки чинови како што треба. Јас лично сум крстен кога сум имал неколку седмици и никогаш нема да го простам тој грев извршен врз мојата личност. Впрочем, што е крштевањето? Мало бебе, го вадите од дома (и да врне, и да вее), свесно го предавате во рацете на некој човек, за кој најчесто не знаете ништо освен дека е „верско лице“, кој во студена, темна, стара просторија го прска вашето бебе со ладна вода или, во полош случај, го потопува во света, но веројатно загадена вода (ако е од извор полн со бактерии). Чудно е како родителите ги вардат бебињата од секакви ситници, но кога станува збор за крштевањето тогаш се подготвени да преземат крајно ирационални и неодговорни глупости. Искуството, пак, на мали деца кои не се веќе бебиња е многу повеќе трауматично; зашто тие се свесни за доживувањето и успеваат да го запаметат. Тие се мали деца, кои чичковците ги соблекуваат и допираат (може да е најбенигно на свет, сепак им се нарушува интимата, а за мали деца тоа може да биде многу трауматично). Им пеат во темница, со свеќи наоколу и ги прскаат со ладна вода и со некои интензивни миризливи материи. Но, се разбира, во ваква ситуација фаќањето уплав е прифатлив ризик, зашто е „верска работа“.

Но прашањето е, ете бебето или детето е попрскано, па затоа е Христијанин? Дали ако му направите сунет, тоа е Муслиман?

Да се каже дека мало дете е Христијанин, Муслиман, Евреин или дека има каква било религиозна определба е да се имплицира дека тоа дете се разбира во метафизика, размислило за потеклото и поентата на неговото постоење и дека прифатило одредено учење. Отприлика му доаѓа како да кажете за тоа дете дека е меритократ, комунист, либертаријанец, неокејнзијанец, постструктуралист итн. Меѓутоа, тоа дете не знае многу работи, и допрва треба да научи. Да му се полни главата со религиозни приказни е тотална индоктринација, и тоа индоктринација со научно неприфатливи одговори за некои основни прашања. Со други зборови, индоктринација со невистини (пак ќе речам, има разлика од филозофска/политичка и научна вистина: како што вели Докинс, ако се сомневате во вистинитоста на природните закономерности, ете тестирајте го законот за гравитација: рипнете од прозор). Жално е во дваесет и првиот век на вашето дете да му кажувате дека земјата е стара само неколку илјади години, дека ја направил некој семоќен чичко налик на Ѓорѓи Колозов замотан во чаршафите. Жално е да му ја скратите можноста да се интересира и да го осакатите за навек полнејќи му ја главата со страв, апсолутни вистини кои не мора да се докажуваат, и да го лишите од можноста да научи да аргументира. Жално е да го учите да не ги решава проблемите и да не размислува за нив, туку да се моли за спас. Најстрашното е, што преку религијата, вие вашето дете го учите на предрасуди и го програмирате да препознава „наши“ и „нивни“. А тоа неминовно ќе заврши во конфронтација. Би се обложил дека многу такви религиозно индоктринирани личности (некогаш деца), читајќи го текстов се наоѓаат засегнати и им се раѓа бес кон авторот. А до сега не реков ништо лошо и навредливо, а нема ни да речам до крајот.


4. Верувањето не е доблест

Религиозноста и религиозното однесување е исклучиво неразумен феномен, чии манифестации во кој било друг контекст се сметаат за неприфатливи. Возачи во автомобил се крстат кога поминуваат покрај црква (дали ако некој поради намалена концентрација при крстење се судри фатално тоа значи дека побрзо ќе оди кај Господ?). Муслиманите цел месец се самоизгладнуваат, прифаќајќи сосема нездрав начин на живот. Се разбира, докторите ќе ви кажат дека изгладнувањето преку ден, а товењето преку ноќ е болна работа. Ама ако е дел од религијата, не смее да го критикуваме, бидејќи тоа е во доменот на приватното.

„Верските потреби“, се разбира, добиваат на приоритет во однос на кои било други. Многу веројатно е работодавецот да го пушти вработениот да тркне до црква и џамија на молитва, отколку да му поверува дека има пролив и дека не може да дојде на работа. Многу поразбирливо е да му се дозволи на Јеховин сведок да не оди во војска, отколку да му се дозволи на некој пацифист или антимилитарист. Многу поверојатно е да ви дозволат да консумирате дроги ако тоа ви спаѓа во доменот на „религиозното искуство“ отколку ако едноставно сакате и уживате во тоа. Се има разбирање за оние што од верски причини не јадат свинско, ама вегетаријанците и веганите се „будали“. Разбирливо е за поп да носи брада, ама ако млад секуларен човек носи брада тогаш тој асоцира на нешто лошо, непримерно и валкано.

Накратко: кога некој нешто прави во име на верувањето, тогаш тоа се смета за прифатливо само поради тоа што е „религиозна“ работа, и што е пострашно, не е дозволено да се дискутира и критикува од истите причини.

Сепак, лудото и религиозното се многу слични; и едните и другите се базираат на илузии и понекогаш халуцинации, „имагинарни“ пријатели, заговори, и тврдат дека ја знаат апсолутната вистина. Но ако најдете нерелигиозно објаснување за семоќните сили, за скриените значења и симболи, ќе ви биде дијагностицирана психоза; ако најдете религиозно објаснување за истото, и ако почнете да го наоѓате Бог во обичните работи, тогаш ќе бидете потапкани по рамо како добар човек. Разликата меѓу халуцинирањето за самовили и божества е во тоа што второво е вгнездено во културата и со тоа поприфатливо за многумина.

Од друга страна, како што рековме, религиозноста ви го дозволува луксузот да си се произнесете за тешки комплексности, без да чувствувате потреба да образложите или да посочите валиден аргумент за истото. Доволно е да се каже „тоа е Божја волја“ или „Божје дело“. И сега, ние тоа треба го сметаме за доблесно? И да не прашуваме понатаму?

(Се разбира дека и одговарањето на прашањето со одговор кој не го разбирате не е најдобриот одговор; затоа на секој кој претендира на разумност му е потребна константно образование во полето на природните науки.)

Продолжува...

Првиот дел е достапен на овој линк.

Слики: Chris Sedgwick

Ти држи тоа тројчето и

Ти држи тоа тројчето и четворчето :) Глупо е да се попишува религија, и на луѓето да им се наметнува. Но истото може да се каже и за науката и индоктринацијата со неа „Набубај бе немора да сватиш, ќе ти биде јасно после“, и рецитирањето на песнички у школо, ти е исто ко да пееш псалми напамет. Прифаќањето на граматиката на Блаже и компанија како догма и единствена доктрина на македонскиот јазик ти е канон. За митологизацијата на нашето херојско минато ич да не зборам. Стаи наука место религија во текстчето, скоро истото стои.
 
Не е до религијата лепи, тоа против што се бориш, глупоста, незнаењето и слепото прифаќање, до луѓето е. Тргни им го попот, ете им го профот. :)
 
Еден апел до интелектуалното свештенство. Ве молам, ко Константин Филозоф што го замолил оние фарисеите или што и да беа, малце на човечки јазик. Чунки народо не го разбира вашето послание. 

 А тој аргументот на Докинс е

 А тој аргументот на Докинс е тешка глупост. :) Исто ко религиозен човек да ти каже е ај иди кога грми, сред поле, држи железна прачка во воздух и дери се дека господ не постои. :)
Знаеш кој не верувал во законот за гравитација и другите Њутнови закони? Ајнштајн. Неверувањето го проширило знаењето (или барем го намалило незнаењето). Јас не верувам во Ајнштајн. :)

Малце да не претера со

Малце да не претера со кршетвањето, а? Испадна дека е најопасната работа на светот. Кога се претерува вака, колку и да се добри поентите (а добри се), остануваат во сенка на преувеличувањето и сите (еве и јас) ќе земат да докажуваат како тоа не држи.
Инаку, сосема се сложувам, вероисповедта не би требало да биде пописна категорија.
Исто не ми е најјасен аргументот со брадата, треба малку да се поработи на аргументацијата, но суштината ми се допаѓа,

Проблемот кај нас, со

Проблемот кај нас, со македонската десница или оние што претендираат да бидат конзервативци е во тоа што во дадена пригода би имале проблем да ги набројат 10-те Божји заповеди. - г-дин Тикварски

Авторот на овој пост турка

Авторот на овој пост турка камен на удолница (придонесува кон разнебитување на верата, нешто што веќе наликува на природен процес), и тоа е ок. Денеска е тоа тренд.
Ама не можам да се изначудам на аргументите. Детето ќе имало трауми ако го допира попот?! Водата во која се крштева детето е извор на бактерии?!
Сите кои постат знаат и потврдуваат дека тоа е многу убава работа. Зошто да се трудиш да ги убедиш дека се глупави, кога тоа го прават во името на нивна лична вера? Зборот „вера“ како да станал чиста патетика? Работам со муслиман, кој кажува како за време на рамазан се чувствува добро, затоа што се радува на најобични работи, кога ќе дојде ифтар (вечерата).
Да сум шеф, поради би го пуштил човекот да појде в црква или в џамија, поради тоа што се работи за душевна потреба, приврзаност кон систем од вредности, кој тој човек ги прифатил. Тоа (не)одење во црква/џамија е поврзано со совеста. Ако има пролив, значи дека бил глупав и дека не се чувал баш. (Ама и тоа е наивно размислување, нели?)
Одамна не сум прочитал олку без врска работи на едно место.

 super e tekstot samo

 super e tekstot samo napred. 

 "Ама не можам да се

 "Ама не можам да се изначудам на аргументите. Детето ќе имало трауми ако го допира попот?! Водата во која се крштева детето е извор на бактерии?!"
Да даваше црквата информации за стапката на заболени од нивната света вода (или болниците) можеби нема да се чудиш. Мој роднина (заедно со уште 15 деца крстени истиот ден) има закачено менингит од „светата вода“. Повеќето имаат починато. Тоа не е резултат на верата, ами на простотилакот, секако, со тоа што простотилакот заслепен од верски верувања се дуплира. Можеби ќе ја смениш водата во која капиш 3 деца додека си дома, оти знаеш дека не иде, ама во црква не ја менуваат, оти таму „Господ ги чува“ и ниту еден родител не прашува колку деца поминале низ водава? Колку од биле настинати? Колку од нив имале кожно заболување? Не, не прашуваат, оти срамота е, у црква се!!! Тоа е проблемот со слепото верување, не верувањето само по себе. Оттука да, надуваните аргументи во текстот малку пречат, ама оснвоата е многу јасно, и не аплицира само на религијата - во случајот кај нас таа е само алатката со која се контролира непросветленоста, утре ќе биде некоја нова идеологија, и така редом... 

баш интересен интернет

баш интересен интернет феномен. троловите по мк сајтовиве имаат често географски презимиња :-)

internet troll, noob (ако

internet troll, noob (ако веќе се фаќаме за имиња :) ): 
someone who posts controversial and usually irrelevant or off-topic messages in an online community, such as an online discussion forum or chat room, with the intention of baiting other users into an emotional response[1] or to generally disrupt normal on-topic discussion.
pursuitmag.com/cyber-crime-terms-and-definitions/
 
Се препознаваш? :)

 Те препознавме.

 Те препознавме.

 Ех синко, лесно се

 Ех синко, лесно се препознава друг во огледалото на сопствената заслепеност.

Лајк! :-)

Лајк! :-)

My best advice to anyone who

My best advice to anyone who wants to raise a happy, mentally healthy child is: Keep him or her as far away from a church as you can. (F. Zappa)

Вуна, важно ти, како

Вуна, важно ти, како вистински атеист, не се плашиш од конфронтација, нели? Гледам, се разби контра-аргументирајќи по коментариве. :)
 
Атеизмот и јудаизмот/исламот се една иста работа. Различни обвивки за две поинакви времиња. Лесно ја побивате митологијата, ама малку потешко ви оди кога и самите треба да го кренете велот.
 
Пораснете више. Никој нема да го направи тоа за вас. 

Ако нешто има што највеќе го

Ако нешто има што највеќе го ценам кај Вунестиот е отворен мозок за туѓи размислувања и капацитет за анализа. Остај му време да си размисли сам.
 
Невлетувањето во конфротација е мудра работа. :)

ОкоБоли главаВицФото