Почина режисерот Душан Макавеев

25.01.2019 18:02
Почина српскиот режисер Душан Макавеев

Почина режисерот Душан Макавеев, основачот на црниот бран во југословенската кинематографија.

Денеска, на 87 години почина Душан Макавеев, култниот српски режисер.

Тој е роден на 13 октомври 1932 година во Белград. Неговата мајка Јелка Бојкиќ била првата жена дипломиран ветеринар во Југославија. Макавеев дипломирал психологија на Филозофскиот факултет во Белград.

Макавеев се смета за еден од основачите на „црниот бран“ во југословенската кинематографија, филмови во кои се критикувало општеството и комунистичкото и капиталистичкото: „Парада“ (1962), „Човек није тица“, „Љубавни случај или трагедија службенице ПТТ“ (1967), „Невиност без заштите“ (1968), „Недостаје ми Соља Хени“ (1972), „Sweet Movie“ (1973), „Горила се купа у подне“ (1993) и други.

Како следбеник и познавач на делото на психологот Вилхелм Рајх, често неговото учење го вклучува во своите филмови, па така филмот „Мистерии на организмот“ (1971) всушност бил посвета на овој недоволно признат психолог – револуционер.

Душан Макавеев бил уредник на неколку весници: „Студент“ (списание), „Книжевне новине“ и „Данас“. Исто така, има објавено многу текстови во други списанија и весници. Имал значајна улога во студентските демонстрации во Белград, во 1968 година.

 Извор: Blic