Тигар

07.02.2019 19:01

Тигру, тигру, ти што светиш
среде шуми темни, клети,
кој ја созда, јас те прашам
симетрија твоја страшна?

Во кој бескрај, долу, горе,
жарот в око твое горел?
Кој го скротил огнот лилав?
Со какви тој летал крилја?

Каква ука, каква сила
в лак срцето ти го свила?
А пред да стрепти тоа диво
чија рака му дала живот?

Со каков чекан тој го ковел,
во каква печка, умот зловест?
Со каков удар, каков потег
бил тој смртен ужас скротен?

Дали кога светли ѕвезди
испуштиле солзи в бездни
тој своето го видел дело?
Ист ли создал Јагне бело?

Тигру, тигру, ти што светиш
среде шуми темни, клети,
кој ја созда, јас те прашам
симетрија твоја страшна?

Препев: Влада Урошевиќ

Вилијам Блејк (William Blake; 28 ноември 1757 - 12 август 1827) — англиски поет, визионер, сликар и бакрорезец. Сосема непознато во текот на неговиот живот, делото на Блејк денес се смета за единствено, оригинално и особено значајно во историјата на поезијата и ликовната уметност[1]. Според анкетата направена од страна на Би-Би-Си во 2002 година, Блејк е прогласен за 38. најголем Британец во историјата.
Според Нортроп Фрај, кој е еден од најзначајните истражувачи на целокупниот поетски опус на Блејк, неговите пророчки книги се „обратно-пропорционално на нивното значење, најнечитаните дела во историјата на англиската книжевност“. Многу ја имаат величано Блејковата оригинална работа во рамките на ликовната уметност и барем еден критичар има речено дека Блејк е „убедливо најголемиот сликар што го има дадено Британија“.[2] Долго време сметан за несекојдневен лудак, поради неговите идиосинкратични и ексцентрични идеи, денес Блејк се цени поради неговата експресивност и креативност, како и поради филозофската визија која го дефинира целокупното негово дело. Како што и самиот еднаш има речено, „Фантазијата не е Состојба: тоа е самото човеково постоење“.
Без разлика на тоа што денес неговата ликовна уметност и поезија се разгледуваат одделно, Блејк најчесто двете ги поврзува во една целина, формирајќи еден прекрасен склоп кој истовремено им се противи и ги надминува сите конвенции. Иако целиот живот верува во својата способност да зборува со библиските пророци, и и покрај неговата работа во однос на илустрирањето на „Книгата на Јов“, Блејковата несомнена приврзаност кон Библијата е постојано придружена со анимозитет спрема востановената црква, а самите негови верувања се обликувани преку неговата фасцинација со мистицизмот, кој пак ќе биде еден од столбовите на новороденото романтичарско книжевно движење.[3] Конечно, неможноста да се смести Блејк во ниту една хронолошки одредена фаза од развитокот на уметноста, е можеби карактеристиката која најлесно го дефинира.

Блејк на mk.wikipedia

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото