1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Животно беше тоа или птица?
Таа го галеше. Тој нежно му зборуваше.
Од својот глас таа му создаде среќна шума.
Тој го изведе надвор со насмевка од коцки шеќер.
Тоа наскоро им ги лижеше бакнежите.
Таа му ги даде гласните жици и тоа ги проголта
Тој му ја даде крвта од лицето и тоа живна
Таа му ја даде сладоста од усните и тоа нагло пркна
Тој му го принесе анасонот од својата иднина
И тоа го лапна, го проголта и стана злобно, посегна
По погледот од неговите очи
Таа му ја даде сигурноста на својата рака
Тој му ја даде силата на својот ’рбет тоа изеде сè
И почна да плаче за друго нешто да му дадат
Му ги дадоа календарите тоа им ги лапна дневниците
Му го дадоа сонот и тоа им ги голтна соништата
Ги начека на спиење
Им ја изеде кожата и мускулите под неа
Тие му дадоа завет нему забите му чкртаа гладно
При секој збор што ќе го кажеа
Потоа најде змии под душемето и ги изеде
Па ужас од пајажинки
На нивните дланки и ги изеде
Тие му дадоа двојни насмевки и празна тишина
Тоа гризеше дупки во нивниот килим
Му понудија здрав разум
Им ја изеде бојата од косата
Му ја дарија секоја меѓусебна караница
Му го дадоа сиот викот и вистински бес
Им ги изеде лицата на нивните деца
Му ги дадоа албумите со слики и сите свои плочи
Ја изеде бојата на сонцето
До крај им ја изеде иднината и сега ним им беше редот
Ги демнеше изгладнето
Му го дадоа гласното негодување оти ја претера
Им загриза во умот
Го изеде и покривот
Проџвака и осамен камен и ветар што навестуваше глад
Па налутено си замина
Тие плачеа и го вабеа назад му нудеа сè што сака
Им ги соголи нервите џвакаше џвакаше без сласт
Гризеше во нивните здрвени тела тие не се опираа
Гризеше во нивниот испразнет мозок тие ни да сетат
Па тргна ждригајќи
Низ пустош од чинии и ѕвездена светлина
Бавно си заминуваше тие ни да мрднат
Замина далеку тие ни збор да речат
Само солзи им навреа.
1968 г.
Превод: Зоран Анчевски