Амнестија за ВМРО, без трошка каење?

13.03.2019 13:47
Амнестија за ВМРО, без трошка каење?

Иако почини чудовиштен злостор против македонското општество и уставниот поредок, против културата на целата нација, против достоинството и идентитетот на граѓаните на библиската земја; иако ја ограби земјата за повеќе милијарди евра, ги фрли во мизерија дури и генерациите што уште не се ни родиле, злосторничкото здружување ВМРО-ДПМНЕ е сè уште регистрирано како политичка партија, се башкари во единствената активна cassa del fascio во Европа и ги ужива сите права што Уставот ги гарантира на една демократска политичка опозиција.

Тоа значи дека оваа фашизоидна мафијашка партија добила полна амнестија, простување и заборав на сите општествено-политички, економски, финансиски, социјални и културни злочини што ги сторила; амнестија што е дадена во некој матен и незнаен миг, во временскиот вир на промената на власта, тивко и молкум, та никој и да не ја забележал дека воопшто се случила?

 

Општ заборав

Оваа општа амнестија, меѓутоа, претставува само суров технички чин на општ заборав, еден вид сенародна амнезија на која сите ние доброволно пристанавме: на состојба во која жртвите на злосторот немаат никаква сатисфакција во форма на правда, обелоденување на вистината за злосторот, а не добија, кутрите, ниту покајување или извинување од страна на познатите злосторници?!

Ваквата амнестија, затоа, не само што не е општонародно помирување и цврста основа за градење заедничко општество во иднината, туку не овозможува ни да се извлечат вистинските поуки од деценискиот системски злостор. Амнестијата без правда, па макар била и само изрекување на вистината, дури само консензусот дека мафиократијата на ВМРО е зло што не смее да се повтори, а да не зборувам за човечката потреба (на жртвите) да чујат зборови на покајување и извинување, ваквата амнестија само ја продолжува поделеноста на општеството, го пренесува незадоволството собирано цела деценија кон новата власт, и подмолно ја компромитира целата македонска иднина.

Стенли Хенкман, директорот на Институтот за правда и помирување во Јужноафричката Република, институцијата што ја наследи славната Комисија за вистина и помирување со која Нелсон Мандела и Дезмонт Туту успеаја да обезбедат транзиција од монструозен апартхејд во демократија, тврди дека амнестијата, односно „процесот на помирување, кој за крајна цел ја нема вистината и правдата, е осуден на пропаст“. Тој потенцира дека помирувањето е процес на окончување со ужасното минато, само доколку е тоа воедно и начин да се дојде до вистината за злосторот.

Иако е сосем вон рамките на процесната правда, туку е длабоко всаден во емоционалната и моралната интуиција на човечкиот вид, процесот на помирувањето може да биде успешен само доколку откривањето на вистината е проследено и со покајување на злосторниците. Испаѓа дека на човечката душа, која била убивана и ограбувана со децении, ѝ е доволна сатисфакција само вистината за неправдата и извинувањето од злочинецот.

Но, од ВМРО не само што не добивме ниту збор вистина до денешен ден, туку тие топтан, на чело со нивниот лидер – кој можеби бил и добар во нешто во другиот живот, велам можеби, зашто според неговото однесување како лидер на ВМРО тоа воопшто не изгледа можно – значи, целата таа разбојничка банда се однесува како жртва на политички прогон, како невини цивили фрлени да бидат растргнати од диви ѕверови за забава на римскиот плебс, и наместо покајување само папагалски ги повторуваат криковите на своите жртви?! А за покајание не може ниту да се сонува, зашто од злосторниците извира само праведничкиот гнев на онеправдени жртви!?

Не е згора оваа фашизоидна мафијашка дружина да се потсети дека тие идеолошки се декларираат – лажно, се разбира – како демохристијанска партија. А во Светото писмо покајанието има клучно и незаобиколливо значење за секој чин на приведувањето кон Бога, за секој ден во верата. Вистинското библиско значење на покајанието значи „промена на умот“. Во Библијата вистинското покајание резултира единствено со промена на однесувањето. Така, на пример, во Евангелието по Лука (Лука 3:8-14; Дела 26:20) Христ говори дека „им проповедав на луѓето да се каат и да му се обраќаат на Бога чинејќи дела достојни за покајание“. Дури и злогласната инквизиција ја условувала амнестијата со покајание: познат е случајот во Валенција, кога инквизиторите му се обратиле на папата Гргур Деветти за совет во врска со голема група еретици што биле ставени „на испитување“. Тој им наредил на инквизиторите еретиците да ги помират со црквата, бидејќи тие се покајале, што, се разбира, и било сторено.

 

Вмровски шеријат

Доколку грешниците од ВМРО не се запознаени – бидејќи се тотални дунстери за христијанскиот морал – дека Светото писмо се темели на искреното покајание што се докажува со „промена на умот“ и промена на однесувањето со чинење на добри дела, сметам дека многу ќе им значи и фактот дека страниците на Куранот се практично исполнети со зборови со истото значење. „О, верници, бојте се од Алах и зборувајте ја само вистината“ (сура Ахзаб, 71. ајет), и понатаму: „Вие што верувате, искрено покајте му се на Алах, за вашиот Господар да премине преку вашите зли дела, за во рајските бавчи да ве воведе…“ (сура Тахрим, 8. ајет). Конечно, децениските поборници на суровото вмровско шеријатско лоповско право, би морало да се потсетат дека самиот израз „шеријат“ потекнува од арапското „сариа“, што го означува патот на покајанието, патот по кој би морало сите верници да одат низ своите животи. А особено вмровските верници.

Што ми е зборот: тоталната и општа амнестија на злосторничката партија ВМРО-ДПМНЕ, и глумењето нормална либерална демократија во која институциите на системот – а особено судската власт – ќе ги санкционира неколкуте криминалци од врхушката на бившата мафиократија, е потполно погрешна стратегија со која целиме да ја обезбедиме благосостојбата на општеството, возобновувањето на владеењето на правото и уставниот поредок и, се разбира, интегрирањето во европскиот „рај“. Без вистината за димензиите и природата на злосторот и без покајание од злосторниците, ние само го трасираме патот за нивното повторно раѓање и трагедијата на нашата повторна преродба, којзнае која по ред.


Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото