Фестивал на европска литература - Европски приказни

23.09.2019 11:35
Фестивал на европска литература - Европски приказни

Приказни вредни за раскажување

Издавачкиот центар ТРИ овој месец заокружува уште еден успешен проект посветен на квалитетната литература која доаѓа од различни страни на Европа. Во чест на оваа специјална едиција, ТРИ го организира Фестивалот на европска литература „ЕВРОПСКИ ПРИКАЗНИ“, кој ќе се одржи од 25 до 27 септември, во Јавна соба.

Фестивалот што ќе ја претстави оваа оригинална едиција на книги предвидува неколку централни настани – гостување на две големи авторски имиња од Португалија и Грција – Афонсо Круш и Калија Пападаки, изложба на оригинални дизајнерски решенија на книгите од едицијата изработени од познати домашни автори, предавања, дискусии и работилници посветени на книжевниот превод кои ќе се одржат на Европскиот ден на јазиците, како и неформални средби и дружења кои имаат за цел да го доближат најдоброто од европската литература и да понудат поинакво искуство за љубителите на добрата книжевност.

Препознатлив по внимателниот избор на наслови, врвниот превод, оригиналниот дизајн и реализација, честите гостувања на автори, како и по сопствениот информативен блог-канал (prikazni.mk) – овој проект, реализиран со помош на програмата „Креaтивна Европа“ на Европската Унија и Министерството за култура, воведува нови практики и поставува повисоки стандарди во издаваштвото во нашата држава, а ја задоволува и големата потреба од оригинални и квалитетни дела кои се наменети и за помладата и за повозрасната публика.

Програма на Фестивалот „ЕВРОПСКИ ПРИКАЗНИ“:

-25.09. (среда), 20 часот – Изложба на сите графички решенија за објавените книги и запознавање со актуелните имиња на уметничко-дизајнерската сцена.

-26.09. (четврток), 19.30 часот – Гостување на АФОНСО КРУШ и промоција на неговиот роман „Да купиме поет“. Промотори: Владимир Мартиновски, Наташа Сарџоска (преведувач).

-27.09. (петок), 19.30 часот – Гостување на КАЛИЈА ПАПАДАКИ и промоција на нејзиниот роман „Снегулки“ (добитник на Европската награда за литература). Промотори: Елизабета Баковска, Емилија Мајсторова-Стојановска (преведувач).

Дополнителни настани:

-26.09., 18 часот – Работилница за превод и толкување со Наташа Сарџоска на тема Те преведов или те предадов?

-27.09., 18 часот – Работилница за превод и толкување од француски јазик во соработка со проф. д-р Ирина Бабамова од Филолошкиот факултет.

Овие настани се посветени на книжевниот превод, како и на спецификите и предизвиците во преведувањето на книжевни дела на македонски јазик. Тие се насочени кон преведувачката заедница, јазичните редактори, уредниците, како и сите заинтересирани за оваа професија.