„Одлив на мозоци“: Колку чини заминувањето на младите од регионот?

19.10.2019 00:59
„Одлив на мозоци“: Колку чини заминувањето на младите од регионот?

Koга еден млад човек ќе одлучи да ја напушти земјата во која се родил, растел и стекнал образование, во куферот со себе носи и дел од иднината на таа земја, но и она што во него дотогаш било вложено.

Истражувањето „Трошоците на емиграцијата на младите“ е спроведено за да се покаже колку ги чини земјите заминувањето на младите луѓе.

- Заминувањето на младите луѓе не се квантификува само парично, туку е важно да се покаже колку тие земји и општества губат со заминувањето на еден млад човек - вели за Би-би-си Ненад Јевтовиќ, српски истражувач од Институтот за развој и иновации.

Тој додава дека целта била да се препознаат и позитивните и негативните ефекти на миграцијата.

Истражувањето во Србија, Црна Гора, Северна Македонија и во Албанија било спроведено со поддршка од Вестминстерската фондација за демократија.

1. Губење општествен производ

Колкав е губитокот за БДП со заминувањето на младиот човек?

Наместо во својата земја, емигрантот работи на општествениот производ на друга земја.

Бруто-домашниот производ е особено засегнат кога младите ја напуштаат земјата затоа што оваа вредност го претставува сето она што поединците го создаваат во едно општество за една година.

- Со заминувањето младите луѓе повеќе не создаваат во својата земја, туку во таа каде што одат - вели Јевтовиќ.

Според луѓето што си заминуваат, во регионот најмногу губат Црна Гора и Србија, а во помала мера Северна Македонија и Албанија - сето тоа поради општото ниво на БДП во тие земји.

Но, штетата не завршува тука - кога станува збор за младите луѓе, таа е долготрајна.

- Очекуваме младите луѓе да бидат тие што ќе го подигнат нивото на општествениот производ - заклучува истражувачот.

2. Трошоци за образование

Колку чини образованието на еден емигрант

Колку земјите од Балканот вложуваат во еден дипломец кој подоцна ја напушта земјата?

Освен идниот изгубен придонес кон општествениот производ, младиот човек при емигрирањето со себе го носи и она што во него било инвестирано дотогаш.

- И земјата и семејствата инвестираат во образованието - сè додека младиот човек не ја напушти земјата, тоа е инвестиција. А кога ќе ја напушти, тоа станува трошок - вели Јевтовиќ.

Овој трошок е највисок во Србија, поради општото ниво на цените и платата во образованието.

Помал трошок имаат Црна Гора и Македонија, додека оваа загуба во Албанија е најниска - поради најниската инвестиција во образованието.

Кога ќе се спореди износот на тоа колку земјите од Балканот инвестираат во образованието, а колку инвестира Германија, може да се заклучи дека земјите во кои заминуваат младите луѓе добиваат експерти и десетпати „поевтини“ од оние што самите земји ги образоваат.

- Сосема е разбирливо зошто за Германија е исплатливо да добива млади и образовани луѓе од Балканот по ниски цени. Подобро е да се увезува одличен, квалитетен производ отколку да се прави во сопствената земја по исклучително високи цени - вели Јевтовиќ.

3. Позитивен ефект - дознаки

Колку во земјите од Балканот се враќа низ испраќање пари од емиграцијата

Дознаките сочинуваат одреден процент на бруто-општествениот производ

Дел од парите од дијаспората на крајот се враќаат во татковината - емигрантите честопати испраќаат дел од заработката до семејството што останало дома.

- Ако само ги погледнеме вкупните бројки, би можеле да заклучиме дека дознаките од странство може делумно да ја компензираат загубата поради заминувањето на младите луѓе - вели Ненад.

- Речиси сите пари се трошат за купување недвижности - луѓето од емиграцијата испраќаат пари за семејствата да преживеат или да купат станови и да градат куќи - ги наведува Јевтовиќ причините зошто балканскиот сон за финансирање од странство е неодржлив на долгорочен план.

Извор: https://www.fakulteti.mk/

Слични содржини

Балкан
Балкан / Спорт / Теорија

ОкоБоли главаВицФото