1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
Повеќе граѓански организации на чело со О2 Иницијатива, во отворено писмо бараат од претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, да ги вклучат армијата и полицијата со цел, како што се вели, да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина.
Писмото го пренесуваме во целост:
Почитуван Претседател на Република Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски,
Почитуван Претседател на Влада на Република Северна Македонија, г-дин Зоран Заев,
Согласно вашите законски надлежности како Претседател и врховен командант на вооружените сили, и како Претседател на Влада на Република Северна Македонија, бараме да активирате припадници на Армијата и Полицијата со цел да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно Член 43 од Уставот, и да се одржи јавниот ред и мир во општеството, согласно Член 3, Член 5 и Член 14 од Законот за полиција.
Имено, секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на Армијата и Полицијата - во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините - активно да се вклучат во следните активности:
• Да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и Полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии;
• Да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и Полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за ЗиС на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено;
• Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект;
• Да се организираат редовни патроли на припадници на Армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар.
Сметаме дека Армијата и Полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и со своето присуство на терен да делуваат согласно законските ингеренции, со цел да се спречат вакви појави.
Ви благодариме.
Со почит,
Граѓански иницијативи,
Скопје Смог Аларм
О2 Иницијатива
AirCare – МојВоздух
НЕ БИДИ ЃУБРЕ