Моја Европа: Музеј на комунизмот во Бугарија – невозможна мисија?

12.11.2019 00:09
Моја Европа: Музеј на комунизмот во Бугарија – невозможна мисија?

Триесет години по падот на Тодор Живков, интелектуалци во Бугарија дискутираат за отворање музеј на комунизмот. Колку и да изгледа чудно, во бугарските изложби на тема историја денес многу повеќе може да се види за Тракијците од антиката отколку за советскиот социјализам, кој се уште има влијание врз животот во Бугарија. На кој начин да се потсетуваме на комунизмот? Можни се различни пристапи. Младите демократи често имаат тенденција да ги нагласуваат страшните случувања од тоталитаризмот. Како на пример, во Музејот на комунистичката историја во Прага, Музејот на теророт во Будимпешта, Гулаг музејот во Москва или пак музејот во Вилнус кои потсетуваат на жртвите од комунистичките масовни убиства. Посетителот може да види затворски келии, сцени од сослушување и измачувања и фотографии на жртвите, да ги прочита или чуе приказните на преживеаните. Таквите музеи често се места на тагата, но и на политичката легитимација на новите елити.

Терор, глорификација или скурилен хумор?

Имаме и спротивни примери. Како на пример музеи кои го глорифицираат минатото, како што е оној во Белград, поранешниот главен град на Југославија, која не припаѓала на ниту еден блок, или пак во Ханој каде во фокусот е ставена храбрата борба против САД. Тука припаѓаат и мавзолеите на Ленин и Мао или поновиот комунистички парк во кинеското место Вуханг. Од гледна точка на суверена империја, изгледа дека дури и масовните убиства добиваат друга димензија.

Постои и трет вид музеи – оние кои бедната и избрзана модернизација на комунизмот на разигран начин ја претставуваат како егзотична. На пример, Музејот на источна Германија во Берлин, во кој се изложени куриозитетни предмети од секојдневието, грди играчки за деца, стари брендови на слатки производи, како и препознатливото човече од семафорите во тогашен источен Берлин. Во Варшава пак може да се посетат реконструирани станови од комунистичко време и да се спореди материјалниот свет од тогаш и денес. Во парк на статуи, како оној во Будимпешта, настанува комично – суреален ефект со поставување на еден до друг слично патетични идеолошки споменици. Таквите музеи најчесто се критикувани поради тоа што наводно ја нормализираат комунистичката ера и моралната пресуда ја заменувале со хумор. На крајот на краиштата нема ништо криминално во источно-германското возило трабант или пак бугарскиот „чушкопек“ кој на бугарската национална телевизија беше избран за „бугарска револуција на домаќинствата од 20. век“.

Гулаг-музејот во Москва - потсетување на стравотиите на диктатурата

За некои прерано, за други предоцна

Сеќавањата на комунизмот се активираат и со помош на уметност. Во минатото преку уметнички акции се нудеше индиректен начин за шегување со режимот. Одличен пример за тоа е советскиот Соц-арт кој си играше со предмети од пропагандата слично како поп-арт со предмети од потрошувачкото општество. На места каде што минатото изгледа како да не поминало, поединечни уметнички групи се обидуваат да ја надминат моралната апатија. Егзотичните бункери на диктаторот Енвер Хоџа во Албанија сега се користат за различни перформанси. И во еден поранешен бункер на комунистите во Романија денес се изложени уметнички дела. Тајните простори на моќниците се изнесуваат во јавност преку естетска бласфемија која предизвикува нови дебати. Сепак, таквите уметнички гестови се многу далеку од историскиот наратив којшто човек би го очекувал од еден музеј. Бугарија долго време беше воздржана и не можеше да се одлучи за ниту една од овие различни форми на музеи. Земјата не создаде некој сериозен споменик за комунистичката епоха, бидејќи за некои секогаш беше прерано, а за други веќе предоцна.

Поранешните комунисти уште се присутни во Бугарија

Музеј на теророт не можеше да заживее бидејќи поранешните комунисти до ден денешен играат централна улога во бугарската политика. Единствениот голем антикомунистички ритуал беше тоа што го кренаа во воздух мавзолејот на Георги Димитров, поранешен водечки комунистички функционер во Бугарија во времето на Сталин. Во споредба со други земји зад Железната завеса, во Бугарија имаше релативно малку жртви на комунизмот, бидејќи тука на пример не се случија масовни протести, ниту нивно насилно задушување, како во Унгарија 1965 или во Прага 1968.

Од друга страна пак, политичката транзиција во 90-те беше потешка отколку во други поранешни земји од Источниот блок. Сеќавањата на теророт од почетоците на комунистичкиот режим се разводнија и паднаа во сенка на новите трауми. „Суверенистичката“ верзија на комунизмот најмалку одговара на Бугарија, која пак беше позната како најблизок сателит на Советскиот Сојуз. Денеска е дури познато дека диктаторот Живков, два пати предложил неговата земја да стане дел од Советскиот Сојуз. За среќа, Москва одбила. Родната куќа на диктаторот е еден од малкуте музеи во Бугарија кои, иако мошне внимателно, фрлаат позитивно светло на времето на комунизмот. Секојдневната верзија на социјализмот во Бугарија ја презентираат и повеќе аматери со помош на нивната колекција од носталгични предмети. Некои од нив станаа комерцијални проекти, како на пример, ретро музејот или „Црвениот апартман“ каде што може да се слушаат смешни приказни за евтините предмети кои ги поседувало просечно бугарско семејство во тоа време. Таквите изложби се наменети за странски туристи, чиишто коментари во книгата на посетители покажуват дека всушност не ја сфатиле иронијата. Тие на пример пишуваат: „Да живее комунизмот!"

Тодор Живков преку три децении беше на чело на Бугарија

Зошто толку малку Бугари посетуваат вакви изложби? Влезниците се многу скапи, а изложените предмети и натаму се дел од секојдневието на многу граѓани, па веројатно би им било тешко да изградат естетска дистанца спрема експонатите. Единствениот државно субвенциониран музеј во Софија е посветен на уметноста од социјалистичкото време. Тој ја спојува пропагандата со високо квалитетни дела, уметници од естаблишментот и жртвите на режимот. Неуспешен компромис: музејот го критикуваат за недостаток на хомогенитет и ориентација. Софија сега сака да следи пример за модел од Романија и тунелите под стара комунистичка зграда да ги претвори во уметнички простор. Главниот аргумент притоа е дека ќе се привлечат што е можно повеќе туристи.

Нели се работи за чуден начин на потсетување кога го имитираш сеќавањето од некој друг. Во основа погледнато, сите овие проекти во пост-комунистичките земји се разводнуваат на имитирачки начин. Бугарија е последна во редицата. Не ѝ успеа самата да се справи со сеќавањата на своето минато, па уплашено се обѕрнува околу себе за да позајми од некаде модели за сеќавање.

Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија. Меѓу другото има предавано во Германија, Франција и САД.

Извор: Дојче Веле

 

ОкоБоли главаВицФото