ЕУ река (13): Европската метафизика на кафулињата

09.01.2020 16:30
ЕУ река (13): Европската метафизика на кафулињата

(...) Не можам да замислам ни еден саат живот без богатствата на Европа, без нејзините кафулиња, на пример. Во кафуле можеш да седиш и читаш по цел ден, или да играш шах, да среќаваш пријатели, интелектуални противници. Ги има на атлантскиот брег - се сеќавам на прекрасното кафуле на Песоа, во Лисабон - сè до Санкт Петербург, Одеса и Киев. Во Москва, меѓутоа, не видов кафулиња, но Москва е веќе почеток на Азија, на големата Азија. Такви кафулиња не постојат ни во Соединетите Држави, ни во Англија. А да се води дијалог за среќата или тегобноста, за иронијата или трудот, за мене е многу важна работа, која зачудувачки ги преживеа двете светски војни и Холокаустот. Секако би требало да се разработи некоја метафизика на кафулињата...

-Сте предавале во бројни земји, добро ги познавате и француската и британската култура. Дали во тој европски свет културите се различни?

Латинитетот е многу далеку од англиската култура. Тие две култури слабо се разбираат. Како и обично, генералот Де Гол не згрешил кога на прашањето кои се трите најголеми европски писатели одговорил, без двоумење: Данте, Гете и Шатобријан. Тоа е мошне длабоко размислување, оти Шекспир е светски, не строго европски. Дистанцата помеѓу тие две култури станува, за жал, уште подвосмислена и поголема бидејќи француската се бори за својот јазик, често со делумно помпезни средства, делумно шовинистички, но совршено разбирливи. Навистина се надевав дека нема да има тунел, туку мост помеѓу тие две земји: но мост нема. Не гледам знаци ни дека ќе го биде. Во Европа надежта можеби ќе дојде од исток. Да се надеваме дека тој голем свет кој се простира од Виена до Киев и Одеса ќе придонесе за некоја потолерантна Европа, некоја дури посложена Европа, но ќе ни треба многу среќа. Англија не ја сака таа Европа, Англија која преживеала благодарение на Ватерло, на Ла Манш 1914-та и посебно 1940-та, Англија која тие 23 милји вода ја чинат окована со море од пари...

Јас во таа смисла несомнено ја изгубив кладбата, наспроти прекрасните преводи на Шекспир од перото на Ив Бонфоа, наспроти претставите на Питер Брук во Париз. Има многу убави работи од двете страни. Но историјата има чудна смисла за хумор. Среќата како да не ѝ е посилната страна.

 

Џорџ Стајнер, во разговор со Изабел Албаре и Оливие Монгин (2004)

 


За авторот

Џорџ Стајнер (George Steiner, 1929) е американски литературен критичар, есеист, филозоф, романописец и педагог. Бил професор по англистика и книжевност на Женевскиот универзитет (1974–1994), професор по книжевност на Оксфордскиот универзитет (1994–1995) и професор по поезија на Харвардскиот универзитет (2001–2002).


Повеќе за
Стајнер и европските кафеани

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Слика: Ото Дикс - Портрет на новинарката Силвија вон Харден (1926).

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото