Медиум на друм (43): Пулицер и првите факултети за новинарство

11.02.2020 23:40
Медиум на друм (43): Пулицер и првите факултети за новинарство

Во втората половина на 19-иот век сè поголемиот број новинари и растот на јавната моќ на професијата го доведуваат во криза „занаетчиското“ доживување на новинарското поле. Почнувајќи од крајот на седумдесеттите години на 19-иот век, на некои универзитети во САД почнуваат да се одржуваат курсеви по историја на новинарство и новинарско пишување: во тоа прв е Универзитетот во Мисури во 1879 (кој во 1908 го отвора првото независно училиште за новинарство), но веќе од 1875 Универзитетот Корнел издава сертификат за новинарство.

На другата страна од Атлантикот во 1884 следи швајцарскиот универзитет во Базел каде се одржува првиот европски курс од новинарската наука. Школата за бизнис Вортон при Универзитетот во Пенсилванија во 1893 ја отвора првата школа за новинарство. Првата европска школа за новинарство е отворена во Париз во 1889, откако угледниот германски универзитет во Хајделберг во 1895 ги отворил своите врати за еден курс за новинарство. Од еден договор од 1903 помеѓу њујоршкиот универзитет Колумбија и Џозеф Пулицер (кој подарува шест милиони долари) настанува Школата за новинарство Колумбија, отворена во 1912.

Пулицер пишува: „Треба да биде, по мое сфаќање, не само некомерцијална, туку антикомерцијална“, сакајќи со тоа да ја истакне итната потреба за облагородување на новинарската професија, првенствено за да се одвои од опасната блискост со светот на рекламата.

После смртта на Пулицер (кој бил директор на весникот World), дел од неговото наследство се користи за основање (1917) годишна награда за новинарство, уметност и книжевност, што го носи неговото име, а што ќе стане најугледното признание за сите кои се бават со новинарската професија.

Последните години на 19-иот век се објавени првите прирачници за новинарство: „Пишување за печат“ (Writing for the press , 1886) од Роберт Луис, „Чекори во новинарството“ (Steps into journalism, 1891) од Едвин Шуман, „Новинско известување“ (Reporting for Newspapers, 1901) од Чарлс Хелмстрит.


Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Извор: Џовани Гоцини, Историја на новинарството, 2000

Кон Медиум на друм (42)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото