Медиум на друм (67): Демократичноста на фотографиите

01.04.2020 21:53
Медиум на друм (67): Демократичноста на фотографиите

Помалку дотераните фотографии не се добредојдени само како нешто што поседува посебен вид автентичност. Некои од нив можат да се натпреваруваат со технички најдобрите – толку еластични се стандардите за вредна, елоквентна фотографија.

Ова се покажа и со изложбата на фотографиите што го документираа уништувањето на Светскиот трговски центар, која се отвори во просториите на Со-Хо во Менхетен кон крајот на септември 2001 година. Организаторите на „Тука е Њујорк“ (Here is New York; a democracy of photographs), како што гласеше звучниот наслов на изложбата, испратија покани до сите – аматери или професионалци – кои имаат фотографии од нападот и од неговите последици, да ги испратат своите дела. Во првите недели имаше повеќе од илјадници одговори, и од секој кој испрати фотографии беше прифатена барем една. Непотпишани и без наслов, сите беа изложени, закачени во две тесни простории или вклучени во слајд-шоуто на еден од компјутерските екрани (и на веб-страницата на изложбата), и се продаваа како висококвалитетни инк-џет принтови, за истата мала цена, дваесет и пет долари (парите беа дадени во фондот за помош на децата на убиените од 11 септември).


Откако ќе ја купеше фотографијата, купувачот можеше да дознае дали можеби купил фотографија од Жил Пере (кој беше еден од организаторите на изложбата), од Џејмс Нахтвеј или фотографија на пензионирана учителка која, наведнувајќи се од прозорецот на нејзиниот изнајмен стан во Вилиџ со својот автоматски фотоапарат ја фатила северната кула додека паѓала. „Демократичноста на фотографиите“, самиот поднаслов на изложбата укажуваше дека има дела на аматери исто толку добри како дела на искусни професионалци кои учествуваа. И навистина беше така – а тоа докажува нешто за фотографијата, ако не нужно и за културната демократија. Фотографијата е единствената значајна уметност во која професионалната обука и долгогодишното искуство не овозможуваат ненадминлива предност над необучените и неискусните – има многу причини за ова, меѓу нив е големата улога што случајноста (или среќата) ја игра при фотографирањето, и предрасудата што постои во однос на спонтаното, грубото, несовршеното. (...)


Без разлика дали фотографијата се сфаќа како наивен предмет или дело на искусен занаетчија, нејзиното значење – и одговорот на гледачот – зависи од тоа како фотографијата се идентификува или погрешно се идентификува; значи, од зборовите. (...) Толпата свечени Њујорчани кои со часови стоеја во ред на улицата Принц секој ден во есента 2001 година за да ја видат „Тука е Њујорк“ немаше потреба од легенди. Тие имаа, ако ништо друго, вишок разбирање за она што го гледаа, зграда по зграда, улица по улица – пожарот, кршот, истоштеноста, тагата.

Но, еден ден ќе бидат потребни легенди, се разбира. И неточните читања и неточните сеќавања, и новите идеолошки употреби на фотографиите ќе ја направат разликата.

Избор: Фросина Крушкаровска
Превод: Владимир Јанковски
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од книгата Here is New York; a democracy of photographs.
Извор за текстот: Сузан Сонтаг, За страдањето на другите (Темплум, 2006)

Медиум на друм (66): И сонцето е наш непријател!

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото