Кој јазик го браните, министре Милошоски?

22.11.2010 11:11
CRI_111100.jpg

Пред да му поставам, почитувани читатели, неколку едноставни и прецизни прашања на нашиот млад министер за надворешни работи Антонио Милошоски, човекот кој деновиве наголемо се фали дека го брани македонскиот јазик и нашиот национален идентитет, би сакал сосема искрено и отворено да ви кажам една работа која на многумина од вас нема да им се допадне. Имено, мене лично воопшто не ми пречи ако некој во Македонија денес се чувствува и се декларира како Бугарин. На таквиот му дозволувам да мисли дека и јас сум Бугарин по потекло, а не Македонец, каков што сум. Со внимание ќе го слушам ако се труди да зборува на бугарски јазик. Нема да се изненадам ако ми покаже бугарски пасош. Нема да се бунам ако формира бугарска партија и ако утре стане пратеник Бугарин во македонскиот парламент. Едноставно, не гледам разумна причина во едно отворено, демократско и мултикултурно општество сето ова да биде забрането.

Некој ќе рече, вака не зборуваше и не пишуваше Героски пред десет или дваесет години. Не негирам, тоа е точно. Кога бев помлад, а и кога државата ни беше помлада и понесигурна, бев помалку толерантен и многу поемотивен од сега. Годините и искуството веројатно си го сторија своето. Денес со сите што патат од криза на идентитетот, со секој што сè уште не знае кој е и што е, јас можам да разговарам многу поспокојно од некогаш. Дури и ако станува збор за луѓе кои носат политичка одговорност за иднината на Македонија. Знаете ли зошто? Затоа што денес сум апсолутно сигурен дека никој и ништо не може да го загрози нашиот национален идентитет, да ни го уништи јазикот, да ни ги смени обичаите, да ги сосече корените на нашата култура и духовност.

Оттаму, без ронка одвишни емоции, би сакал на Милошоски да му поставам неколку директни прашања, кои се однесуваат на периодот кога беше млад и надежен кадар ва ВМРО-ДПМНЕ, кој еве, дотурка до министер на браникот на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет.

Дали знаете, господине Милошоски, дека во една своја колумна, Вашиот некогашен пријател Филип Петровски тврди дека во времето на студентските демонстрации во 1997 година сте биле деклариран бугарофил? Дали е тоа вистина? Дали е точно дека кога една година подоцна сте биле сменет од потпретседателската функција во подмладокот, како што тврди тој, сте се жалеле дека сте биле сменети токму поради Вашето наводно бугарофилство?

Дали е точно, министре Милошоски, дека во тие години сте предлагале ревизија на македонската азбука и дека сте објавиле книга со наслов „Исчашена азбука“? Вистина ли е дека нашата македонската азбука погрдно сте ја нарекле „караџица“ и дека сте барале враќање на буквите голем и мал ер, карактеристични за бугарското писмо? Дали во тогашното гласило на ВМРО-ДПМНЕ, „Глас“, сте објавувале статии со вакви ставови?

Дали некогаш, господине Милошоски, кодификаторот на македонски јазик, поетот Блаже Конески, сте го нарекувале „џуџето од Небрегово“, „шеќерниот џелат“ и „без’рбетниот академик“?

Дали е точно дека неделникот „Фокус“ објавил серија фотографии, снимени на 31 август 1999 година, кога Вие, господине Милошоски, наводно сте присуствувале на чествување на делото на Тодор Александров, на неговиот гроб на Пирин планина, заедно со подмладокот на ВМРО на Каракачанов? Ако е ова точно и ако овие фотографии се автентични, можете ли, министре, да ни ги објасните Вашите мотиви за таа несекојдневна екскурзија?

И конечно, дали во меѓувреме, господине Милошоски, еволуиравте во своите ставови, кон една потолерантна позиција, која би допуштила македонскиот јазик да се смета за автентичен јазик, а не преработен и посрбен источнобугарски дијалект?

Толку со прашањата. Ги поставив од три причини. Првата е, како што веќе реков, нужноста да добиеме прецизни и јасни одговори, бидејќи Милошоски не е kој било, туку шеф на нашата дипломатија, човек кој треба да го брани нашиот идентитет – што би било поприродно од тоа да ни ги соопшти своите ставови за потеклото на македонскиот јазик? Втората причина е потребата денешниве млади момци и девојки Македонци, кои во времето за кое зборуваме биле деца, да се запознаат со некои појави и настани од нашата понова историја, а не само да ги мантраат приказните за Филип и Александар. Третата причина е мојата одлука директно да ве соочам, почитувани читатели, со лицемерието на нашите лажни патриоти, кои секојдневно ја трујат нацијата, измислувајќи светски заговори и домашни предавници кои го загрозувале македонскиот идентитет, кој тие, божем, го бранеле.

Се фатив за Милошоски, бидејќи деновиве е актуелен. А може и треба да зборуваме за односот на сите луѓе од власта кон нашиот јазик, кон неговите корени и кон неговата историја. Истражувајќи малку, се потсетив дека никој од нив не присуствувал на одбележувањето на 87-годишнината од раѓањето на Конески во МАНУ, кога бил прикажан документарниот филм „Проста и строга македонска песна“. Академик Старделов тогаш рекол дека кон наследството на авторот на Граматиката и на Историјата на македонскиот јазик и редакторот на тритомниот Речник на македонски јазик некои се однесуваат како македонмрзци и македонофоби.

Треба да зборуваме за македономрзците од бугарофилска провиниенција, но уште поотворено и за „србувањето“ во денешното ВМРО-ДПМНЕ. На многу денешни асови и агитпроповци од партијата на власт можат да им се постават многу непријатни прашања на оваа тема. И ќе им се постават. Некои се поставија во моите последни две интервјуа со Љубчо Георгиевски – првото после објавувањето на „Македонска енциклопедија“, второто пред две недели. И тука, се разбира, нема да запреме. Нема лесно да им дозволиме на луѓето што денес ја водат Македонија и на нивните медиумски апологети, да продолжат, простите на изразот, да се курчат дека тие се бореле за одбрана на нашиот македонски идентитет, наспроти сите нас другите, кои нè нарекуваат предавници. Е, веќе нема да може така.

„Шпиц“, 20.11.10.

Слики: Christian Holstad

Би било добро во текстот да

Би било добро во текстот да се додадат линкови барем кон споменатите интервјуа, веројатно се наоѓаат на веб.

 Интересен напис,и јас се

 Интересен напис,и јас се приклучувам кон коментарот само дека фалат линкови,да видиме црно на бело, или барем скенирани слики на YouTube од споменатата објавена книга на Милошоски, во случај да се плашите од тужба;-))
Вака текстов нема новинарска издржаност, испаѓа се рекла-казала, или треба да му веруваме на Филип Петровски кој се трка за прво место со Бранко Црвенковски за најчесто менување ставови...и друго ми е чудно...Антонио Милошоски бил сменат од потпретседателската функција во подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 год. за својата бугарофилштина кога е претседател докажаниот бугарин Љубчо Георгиевски??!!! Нели би требало да е унапреден не сменет??!!

Текстот е преземен од дневен

Текстот е преземен од дневен весник. Која е поентата во него да има линкови? Кој би се мачел да ги препишува?
 

Еве некои линкови. Милошоски

Еве некои линкови. Милошоски зборува на бугарски. http://avangarda2009.blog.mk/2010/01/19/miloshoski-se-v%D1%8Arna-k%D1%8Am-b%D1%8Algarskite-si-koreni/

Секако, не му замеруваме, бидејќи добро е да се познава туѓ јазик. Обаче, видете го овој линк:

http://www.scribd.com/doc/24563149/identitetot-na-milosovski

А и овој:

http://www.youtube.com/watch?v=l3GLNSsi9UI&feature=player_embedded#!

Сурфнете малку самите, ќе се изненадите.

Шутиот го напаѓа рогатиот.

Шутиот го напаѓа рогатиот. Аман, Милошоски и Героски, немојте вие да ја браните Македонија, Македонците и македонскиот идентитет. Немојте вие двајца да ни кажувате колку се грижите за Македонија и да кажувате кој бил поголем предавник и патриот, кога народски кажано: „и на двајцата ви се испострани гаќите“. Сакаш на едниов со сликите бугарските знамиња, писанијата против македонскиот јазик и идентитет додека беше портпарол на владата во периодот 1998-2002, сакаш на другиов што преку колумни го навредува и го рани македонскиот човек со лајна (ќе сме ставале лајчиња со лајна во ајварот! - метафора над метафорите! од колумна од 7.11.2009). Немојте вие двајца и уште неколку други исто така со испострани гаќи да ја браните Македонија (како на пример Латаси ред други од двете „завојувани“ страни).

А за азбуката за која барале

А за азбуката за која барале ревизија и други бугарољупци (да не речам бугарофили) е друг разговор кој навистина заслужува внимание. Во тој разговор треба да се вклучат покрај барателиве - бугарољупци и докажаните самоизјаснети горди „Словени“ како Бранко Героски и Жарко Трајаноски. Доколку се вистински „Словени“ Героски и Трајаноски и тоа како би поддржале ревизија на македонската азбука и враќање кон изворната словенска азбука, која ја има во нашите цркви и манастири, фрески и евангелија со ЈА, ЈУ, јеровите. Затоа што тоа е изворната словенска азбука создадена на овие простори (во Македонија) на која пишувале Климент и Наум а денес и Русите, Украинците и Бугарите, а не ревизијата на Вук Караџич со пари од Австрија на која пишуваме денеска ние и Србите. Но што е тука е, денес треба да гледаме за економски развој, а не на овие работи. Затоа и да ги оставиме овие работи и да се фатиме за посуштинските што ги мачат луѓето. Но чисто еве неколку факти околу „словенството“ кое стана многу експлоатирано последниве години, од едни што шупачки глупо го отфрлија и други што слепо идиотски сесрдно се фатија за него, колку да имаат позиција за „борба и спротиставување“ без да имаат поим околу таа работа. 

Ако добро разбрав, Геровски

Ако добро разбрав, Геровски имал некои ставови па ги сменил и ништо тука не е спорно. Ама и Милошоски имал, па сега спорно е што ги сменил? Или спорно е што ги имал?
 
Фејл невиден и сајтов станува со вакви тралалајки.

 Oh Gero, jadniku, isto lajno

 Oh Gero, jadniku, isto lajno ste so toj shto go napagjash, samo druga strana parickata. Pocnuva da mi se povrakja. Divjashtvo, nepismenost, i kriminal. vo normalni zemji i dvajcata pred sud kje bevte izvedeni. 

Гелевски постојано се прашува

Гелевски постојано се прашува што треба да се случи, каков поголем удар врз демократијата за да народот конечно се крене? Читајќи го Героски (а и пропратните бранители на правдата) станува јасно дека на народот не му се случува удар врз демократијата па затоа е апатичен. На народот му се случува еден театар изрежиран од две „завојувани“страни. Но, барем да беа вистински завојувани можеби и ќе му прекипеше на народот па ќе избереше страна. Вака само гледа една претстава во која главните улоги ги играат тинејџери кои си ги вадат на клупите да видат на кој му е поголем. Ама тешко се гледа кога парадираат мажи на кои им се „губат“ и во тањир со кикирики, не на клупи.Бедни сте, а на обичниот свет му е преку од вакви леки мажи чие ниво на комуникација и аргументирање е под нивото на исфрустрирани баби.

Geroski, za se imas pravo.

Geroski, za se imas pravo. Poradi toa, mislam deka treba da se zapre finansiskata inspekcija kaj semkarot i da mu se vratat eventualnite danoci ako platil nesto.

Cesno odraboteno.