ЕУ река (56): Данило Киш, последниот југословенски писател

24.03.2020 23:49
ЕУ река (56): Данило Киш, последниот југословенски писател

Сакам да обрнам внимание на еден ретко спомнуван аспект на распадот на СФРЈ, да го наречеме - културолошки.

Данило Киш уште во почетокот на седумдесеттите години пишуваше за јасната поврзаност помеѓу колективистичкото мислење и партикуларистичкиот национализам. Веќе тогаш одговорноста за сепаратистичкиот национализам во Југославија Киш ја лоцираше во колективистичкото устројство на јужнословенската национална мисла: „Сурово потчинет на идеологиите, на маргините на општествените промени, заглавен и изгубен помеѓу антагонистичките идеологии, неспремен за поединечен бунт, оти му е ускратен, поединецот е збунет, се наоѓа во вакуум... Националистот е фрустриран индивидуалист, национализмот е фрустриран (колективен) израз на тој вид индивидуализам, едновремено идеологија и анти-идеологија.“ Преземајќи го тој концепт на нацијата од Германците, јужните Словени нацијата главно ја промислувале на колективистички, а не на индивидуалистички начин; нацијата била составувана од групи, а не од слободни поединци, што го покажуваат, на пример, книжевните и културните дела што ја формирале јужнословенската национална мисла.

Можеби испадна, на крајот, дека Југославија исчезнала како Атлантида, а она што останало од градот и поредокот се претворило во еден парадоксален џиновски кенотаф, гробница истовремено полна и празна. Впрочем, Данило Киш, последниот југословенски писател, како што самиот се нарекуваше, беше експерт за кенотафи, т.е. сведок-во-обид за многубројните тела што исчезнале без трага, заменски глас на гласовите што занемеле (а тоа, да се сведочи за занемените, замолчаните, оневозможените, сигурно е една од најважните функции на книжевноста). Во „Гробница за Борис Давидович“ Киш вели: „Старите Грци имале еден обичај достоен за почит: на оние што изгореле, кои биле проголтани од вулкански кратери, кои биле затрупани од лава, оние што биле распарчени од диви ѕверови или изедени од морски кучиња, оние што биле разнесени од мршојадци во пустина, во нивната татковина им граделе таканаречени кенотафи, празни гробници...“

Гиф: Александар Јосифовски

ЕУ река (55): Од историјата на еден Германец

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото