Лексикон на странски сликари во Македонија (1850-1950)

12.05.2020 16:55
Лексикон на странски сликари во Македонија (1850-1950)

  
„Лексиконот на странски сликари во Македонија“ е меѓу најфасцинантните потфати што сме ги сретнале во последно време. Проектот има за цел прегледно и систематично да ги претстави сите странски визуелни уметници кои во периодот 1850-1950 година создале дела на територијата на Македонија. Авторот на Лексиконот, Влатко Милошевски, пред сѐ страствен љубител на уметноста, веќе петнаесет години истрајно и внимателно го собира знаењето во оваа многу специфична ниша од историјата на уметност.

Еден поглед на Лексиконот е доволен за да се добие впечаток за вртоглавата комплексност што лежи зад концизно уредените информации. Зад наброените повеќе од 250 автори, со прецизно наведени библиографски податоци и слики од делата кои се однесуваат на Македонија, стојат стотици релации и извори кои требало да се пребараат за да се дојде, некогаш до само мало делче од сложувалката. Тоа, како што споделува авторот, некогаш подразбирало макотрпно пребарување на бази на податоци, некогаш години трпеливо чекање да пристигне вистинскиот човек, книга или референца што ја содржи бараната информација.

Притоа, Лексиконот не е интересен само за заинтересираните за историја на уметност. Милошевски срдечно ги споделува неверојатните приказни околу уметничките дела на кои наишол. Некои од нив имаат карактер на трилер или аура на фантастичност околу нив - но се во целост базирани на веродостојни податоци и исцрпни истражувања. Историите на уметничките дела се шират индиректно заплеткувајќи се во многу важни историски, општествени и политички контексти.

Милошевски за Окно ни раскажа околу создавањето на Лексиконот, потрагите што го помачиле и оние кои биле највозбудливи, и што овој проект му значи нему.

Ludvik Kuba, „Пазар на грнци во Штип“, 1924, масло на панел

Проект од овој обем, во услови кога претходници на кои би можеле да се потпрете практично нема, е сериозен предизвик. Како започнаа вашите истражувања и кои беа вашите првични очекувања?

Проектот „Лексикон“ започна во една декемвриска ноќ 2004 година кога пронајдов колекција маслени цртежи од 1920-тите години од Македонија од еден непознат српски сликар Никола Петковиќ, за кого ми требаа 4 години да ги пронајдам биографските податоци и неговата врска со Македонија (приказната „
Учителот од Охрид“ дава детали за ова истражувачко патешествие). Во текот на овој процес почнав да водам белешки за сликарите кои ја посетиле Македонија на почетокот на XX век, најпрво на хартија, па во ексел датотека, па на крај во биографска пишана форма. Опсегот растеше. Прво беа покриени балканските сликари, па се прошири на сликарите од цел свет. Постепено и временскиот опсег се прошири на стогодишниот период 1850-1950 кој за мене е фасцинантен од научен, уметнички и историски аспект.

Петнаесет години подоцна – во проектот „Лексикон“ се запишани над 250 уметници (сликари, скулптори, фотографи, илустратори) и над 500 дигитални фотографии од нивните „македонски“ дела, а мојата уметничка збирка порасна на над 200 оригинални ликовни дела.

Ludvik Kuba, „Манастир Трескавец“, 1924

Работата што ја правите изгледа во голема мера детективска. Кои се тешкотиите и предизвиците на кои наидувате при истражувањата? Има ли некое дело што ви предизвикало посебно тешки главоболки?

Првиот предизвик е времето. Ова сепак е мое хоби. Да бидам искрен, ова хоби си излезе од контрола и сѐ повеќе доминира. Јас сум по струка инженер одговорен за развој на бизнис, а сум и сопруг и татко. Се борам да го одржам балансот во овој триаголник: лексикон-работа-семејство.

Вториот предизвик е познавањето јазици. Јас говорам македонски, англиски, холандски и српски јазик, но не и германски, француски, италијански, бугарски јазик. Често пати ќе пронајдам стари книги во кои е опишан животот на сликарите и каде што потенцијално е опишана нивната врска со Македонија, но не можам да ги разберам. Во мојата колекција има и француски и германски книги за Македонија, испечатени околу самиот почеток на XX век, но не можам да ги прочитам. Тоа страшно ме фрустрира.

Неколку дела во мојата колекција ме намачија со откривањето на авторот и врската со Македонија. За цртежите на Никола Петковиќ ми беа потребни 4 години (приказната „Учителот од Охрид“ говори за тоа). Едно непотпишано масло на платно од Густав Вундервалд (Gustav Winderwald, 1882-1945) – „Велес 1918“ , ме намачи 6 години, сѐ додека нe се појавија на аукција неколку сертифицирани слики од Вундервалд со речиси идентична композиција како мојата слика (за ова патешествие ќе има нова приказна во иднина). Понекогаш требаше да се вратам чекор наназад и да преиспитам некое дело (Приказната „Камили во Скопје“ опишува таква епизода).

Ernst Richard Dietse, „Марширање на германска војска крај Дојран“, 1917, масло на платно

Каква е Македонија низ призмата на уметниците што ги откривте?

Тоа е една чудесна и непозната земја во која се измешале јазици, вери и традиции, во една перфектна хармонија. Земја во која луѓето на улица, по пазарите, пред црквите или џамиите во муабетот префрлале од македонски на турски, па на влашки или албански јазик. Секој се разбирал со секого. Секој живеел се секого. Заедно. Тоа искуство било фасцинантно и невидено за западните сликари, и овие теми на секојдневен живот доминираат во нивните дела.

Кое дело би го издвоиле како највпечатливо во проектот?

За читателите на лексиконот веројатно се најинтересни сликарите поврзани со нашите главни настани од овој период. На пример познатиот британски воен сликар и репортер Вилиам Т. Мод (1865-1903) цртал и известувал од Македонија за грабнувањето на Мис Стон (Приказната „Аферата Мис Стон“ дава повеќе детали). Неговите патешествија со Мис Стон даваат друга димензија на настанот – како ударна вест во која странските медиуми се натпреварувале во својата сензационалност. Исто така известувањата и скиците на Британецот Ричард Катон Вудвил (Richard Caton Woodville )(1856-1927) за Илинденското востание и за настаните пред и после востанието даваатнова димензија на настанот од агол на страдањата на населението, која во нашите книги по историја е засенета од величењата на хероизмот на востаниците.

Ernst Richard Dietze, „Логор на македонски бандити“, 1917, масло на панел

Дали наидовте на соработка и интерес од домашните институции и организации? Колкави се нивните сознанија и капацитети во ова нише од уметноста на наше тло?

Покојниот скулптор Проф. Томе Серафимовски беше голем љубител и поддржувач на овој проект. Една испечатена рана верзија на лексиконот од 2013 година остана во неговото студио во МАНУ. Проф. Серфимовски се обидуваше да го анимира МАНУ да застане зад проектот но не успеа. Сум разговарал и со луѓе од Музејот на град Скопје (каде што редовно донирам историски артифакти поврзани со земјотресот од 1963 год.) и Музејот на Македонија. Беа импресионирани и многу заинтересирани, но на крај кај нив сѐ се сведува на финансиска подршка од Министерство за култура, и тука запираше целиот ентузијазам.

Кога веб страницата се појави на интернет во април, испратив имејл со известување до МАНУ и на Министерството за култура дека Лексиконот е јавен и достапен за секого и на македонски и на англиски јазик. Досега немам добиено повратна реакција.

Оваа тема – идентификација на странски сликари кои ја посетиле територијата на Македонија, досега не е обработена, или е обработена делумно за некои од сликарите. На пример, познати и обработени се деталите на посетата на чешкиот сликар и етнолог Лудвик Куба. Но најмалку 80% од сликарите во лексиконот се непознати на македонската јавност, а тие креирале прекрасни дела од Македонија.

Otto Pankok, „Пристаниште во Охрид“ 1953, отпечаток на дрво

Како во општествена смисла го гледате значењето на ваков тип активности? Особено во контекст на македонската култура која главно била маргинализирана, во дисконтинуитет и отсечена од светските текови. Кои важни увиди ги добивте?

Културата гради мостови помеѓу народите. Во првата недела од лансирањето на веб страницата, добив многу позитивни коментари од Грци, Бугари, Турци и Срби. Нудат поддршка, даваат информации за сликари или споделуваат фотографии од слики. Ова е наш заеднички аманет. Културата и историјата на Македонија зближува и им припаѓа на сите кои живееле и живеат на тоа тло. Културното наследство на Македонија е моќен амбасадор и миротворец.

Културата ги зближува и Македонците на оваа планета. Еден Македонец во Авганистан ми прати имејл со порака дека секоја вечер го листал лексиконот и ги читал приказните. Го враќале во мислите дома. Слични реакции добивам од Македонци од Лондон, Вашингтон, Литванија, Европа...

Трета работа што ја забележав во овие неколку недели од лансирањето на лексиконот е дека македонска публика e желна за еден ваков, би го нарекол, „Денбрауновски“ стил на откривање на непозната македонска историја на уметност. Преку едноставни но интересни приказни се добива ново знаење и се става Македонија во мозаикот на светот од тој период. Македонските љубители на ликовната уметност реагираат многу позитивно. Ми праќаат нивни приказни, дојавувааат нови имиња. Целиов проект станува некој вид open source.

Една од важните димензии на лексиконот е што придонесува во разоткривање на темни места во светската историја на уметност и ги испрашува воспоставените, главно евроцентрични наративи. Дали таквото бунтовништво е една од линиите што ве мотивираат?

Периодот 1850-1950 е период на промени на цивилизациско ниво. Уметноста била предвесник на сите тектонски промени кои се случиле во ова време. Ориентализмот бил предвесник на крајот на западното игнорирање на остатокот на светот. Џезот и блузот биле предвесници на крајот на расната сегрегација. Баухаусот, Кубизмот и експресионизмот биле предвесници на револтот против класицизмот диктиран од европските стари династии. Борбата за женски права, или работнички права ја смениле литературата. За жал, секоја промена носи голем отпор, а уметниците се први кои страдаат. Судбината „Да си прв“ во нешто е и клетва и благослов. Или ќе го смениш светот или ќе изгориш во обидот. И не само уметниците. И моите колеги инженери или го менуваат светот (Google, Apple, Microsoft, Facebook, Air B&B...) или пропаѓаат (огромен дел на моите колеги од Универзитетот на Флорида имаат пропаднати стартап компании). Некако сме „браќа по судбина“. Од тука и ја црпам мотивацијата – од чувството на камарадерија со уметниците дека го менуваме светот на подобро.

Heinrisch Richter Berlin, „Селанец во Скопје“, 1916, мастило, цртеж

Поседувате и богата сопствена колекција на уметнички дела. Раскажете ни за неа, што можеме да сретнеме таму?

Колекцијата брои над 200 оригинални дела во разна техника: масло на платно или панел, акварел, пастел или молив, разни форми на графика... Има тука и неколку ретки албуми со оригинални фотографии од Големата војна во Македонија. Ја имам целосната колекција на македонски гравури на францускиот уметник Алмери Лобел Рише (Almery Lobel-Riche ) (1880-1950) кој е прадедо на денешниот амбасадор на Франција во С. Македонија, господинот Тимоније.

Во колекцијата се речиси сите преостанати „македонски“ дела на Германецот Ернст-Ричарт Дитзе (Ernst Richard Dietze )(1880-1961) чие студио изгорело за време на бомбардирањето на Дрезден во 1945 година (приказната „Изгубено во огнот на Дрезден“ дава повеќе детали). Тука се и десетина дела од германецот Ричард Геснер (Richard Gessner, 1894-1989) од Скопје од 1917 година. Има дело и на најдобриот австриски акварелист Фриц Лах (‘Fritz’ Lach )(1868-1933) од Крушево од 1918 година. Во колекцијата се наоѓаат исто така околу дваесетина цртежи и акварели од британските уметници кои биле или воени сликари или војници на македонскиот фронт во солунско или Дојран.

Застапен е и познатиот Лудвик Куба со едно масло на панел – Пазар во Штип 1924, и акварел - манастирот Трескавец од 1924 година ( неколку дела на Лудвик Куба се во колекцијата на Музејот на Македонија). Особено ми се драги германските експресионисти и модернисти, на пример во колекцијата имам 6 цртежи на Хајнрих Рихтер-Берлин (Heinrich Richter-Berlin, 1884-1981) со ликови од луѓе од Скопје од 1917-та година, голем отпечаток на дрво од Ото Панкок (1893-1966) од Охрид, итн.

Милошевски со својата лична колекција

Koе дело или информација e „светиот грал“ на вашите истражувања – она кое силно го посакувате но е многу тешко да се дојде до него?

Лично имам слабост кон британскиот сликар, поет, музичар, патеписец и истражувач Едвард Лир (Edward Lear) кој ги посетил Охрид, Струга и Битола (Монастир) во 1848 година. Се работи за еден колоритен ексцентрик кој ги илустрирал книгите на поетите од калибар на Лорд Тенисон. Бил авантурист кој одел во непознати територии на Ориентот и јужна Европа. Неговите цртежи го проширувале хоризонтот на знаењето на британската империја од средината на XIX  век. Нацртал петнаесетина акварели од Македонија од 1848 година, кои се исклучително барани од колекционерите и музеите и ако се појават на пазарот чинат десетици па и до стотина илјади евра.

Во мојата колекција имам поголем подготвителен цртеж-скица за еден од неговите акварели – „пристигнување во Охрид (Аецхрида) 1848“. Успеав да ја купам скицата на една аукција во Париз, каде што аукциската куќа не ги идентификувала коректно авторот и сцената, па ме послужи среќа и скицата ја добив за мошне пристојна цена.
Ми останува да мечтаам дека еден ден ќе успеам да додадам некој од неговите македонски акварели во колекцијата.

Аlmery Lobel -Riche, „Селанка со деца“, 1917, гравура

Освен што ќе продолжите континуирано да работите на Лексиконот, како планирате тој да се развива? Имате ли идеи за други проекти?

Проектот „Лексикон“ оди понатаму. Читателите ми праќаат нови податоци секој ден. За жал, Лексиконот нема професионална коректура и лектура. Се решив да ја пуштам веб страната што е можно побрзо во ова тешко време на самоизолација, за луѓето да имаат нова содржина за читање и ново пријатно изненадување што ќе ги разведри и мотивира да издржат. Се извинувам за многуте печатни и правописни грешки, како иселеник кој што живее дваесетина години надвор, полека ги заборавам лекциите по македонски јазик од основно и средно школо, а кирилицата ретко ја употребувам.

Најголема желба ми е мојата колекција да си дојде „дома“ и да се отвори за јавноста. Како охридски зет и како голем љубител на Охрид, би сакал токму во Охрид колекцијата да биде достапна за јавноста во вид на една перманентна поставка во една градска галерија или ликовен музеј. На Охрид мислам дека му фали ваква туристичка понуда – ликовна уметност од висок квалитет која би била интересна и за домашните и за странските гости. Овој сон за жал не можам да го остварам сам. Потребна е помош од македонските државни или градски органи кои би ја транспортирале колекцијата од Холандија до С. Македонија и би ја уредиле поставката.

Fritz Lach, „Црква со селани во Крушево“, 1918, акварел

Веб адресата на проектот: https://www.artlexicon.mk/