Девет начини на кои модната индустрија ја уништува планетата

02.12.2020 14:47
Девет начини на кои модната индустрија ја уништува планетата

1. Производството на текстил и ткаенини троши огромни количини вода. За производство на една памучна маица потребни се 2 700 литри - тоа е тригодишна залиха на вода за пиење за една личност. Аралското езеро во Узбекистан некогаш беше четврто најголемо езеро во светот. Од шеесеттите па наваму езерото е исушено на 15 проценти од неговата првобитна големина, зашто водата од неговиот буен пејзаж се користи за иригација на 1,47 милиони хектари полиња со памук во оваа земја. Нивото на соленоста на преостанатата вода е зголемена за 600 проценти, додека речиси 65 000 квардатни километри од некогашното езерско дно се претворени во неплодна пустина со канцерогена прашина како резултат на долгогодишното агрикултурно испуштање вода за истите полиња со памук. Десеткуваните рибарски села и туристички одморалишта од крајбрежјето се соочуваат со невработеност и болести поврзани со сиромаштијата, како недохранетост и туберкулоза. Не само што заради воздухот заситен со смрт стапките на рак на хранопроводот се абнормално високи, туку, како што извести БиБиСи, научниците во 2004 година открија оштетувања во самата ДНК на локалното население: „Тоа не значи дека постои само поголема веројатност дека луѓето ќе добијат рак, туку и дека постои поголема веројатност дека ќе го добијат нивните деца и внучиња“. Во моментов памукот е најпрофитабилна стока во Узбекистан.

2. Децентрализираната природа на модната индустрија значи дека одредени компании се кријат од одговорност, додека брендовите од поле па до фабрика, користат независни добавувачи. Гринпис дозна дека многу модни брендови се потпираат на фабриките кои во своето производство користат отровни хемикалии кои се забранети во западните земји. Најк, Рибок и Томи Хилфигер беа клиенти на компании обвинети за инсталирање тајни водоводни цевки во Кина за испуштање исклучително токсични отпадни води во главната река. Болеста е раширена меѓу локалното население, кое е лишено од чиста вода.

3. Модата има долга и крвава историја на апропријација на светските ресурси за неколкумина на штета на мнозинството. Во книгата Царството на памукот, Свен Бекерт ја опишува империјалната експанзија која започнала во 16 век како „воен капитализам“. Памукот бил занаетска специјализација во Мексико, Кина и Индија, но го апроприрале европските претприемници. „Со пристигнувањето на модерниот свет, памукот стана доминантен во светската трговија. Токму во индустријата со памук се појавија нови начини на производство. Нејзин изум беше самата фабрика, како врска помеѓу ропското земјоделство во Америка и производството ширум Европа.“

4. По правило, текстилот и облеката сериски се произведуваат на глобалниот Југ и се транспортираат во западните земји за потрошувачка. Огромни количини од она што се наоѓа на закачалките за облека на почетокот од сезоната никогаш нема да се продаде - па се уништува или се фрла на депониите зашто би било поскапо отколку таа облека да се продаде за поевтина цена.

5. Добротворните продавници и продавниците за користена облека станаа своевиден фластер на западната материјална вина. Впрочем, мал дел од она што е донирано се продава и повторно се употребува; добротворните продавници продаваат огромни количини облека која ја добиваат на пазарот за користена стока, каде овие планини евтина фрлена облека го гушат локалното производство на текстил и облека.

6. Потрошувачкиот притисок дека модата може да биде пријателски насочена кон екологијата му даде поттик на подемот на концептот „green-washing“, во чии рамки брендовите како H&M и ASOS на пазарот поставуваат неколку серии органски облеки додека во пошироките деловни практики ја одржуваат стратегијата запалена земја. Моделот на брза мода е изграден на продавањето производи со толку низок квалитет што шкартирањето е вградено во самата нивна структура. Оваа Ноќ на вештерките, продавачите на главните улици ќе нудат милиони еднократни тренди чипкасти црни фустани и ленти за на глава со мачкини уши, речиси идентични на оние што ги продаваа минатата година.

7. Иако е проблематична, брзата мода не е единствена по тоа што ја уништува планетата. Снобизмот на оцрнувањето на брзата мода имплицира дека проблем се алчните потрошувачи кои не можат да си дозволат да ја консумираат на пропишаниот начин. Како што тврди Танси Хоскинс во книгата Stiched Up, „брзата мода мора да се критикува како производ на корпорацискиот порив за профит, а не како недостаток на сиромашните слоеви на населението“. Дизајнерските марки се користат во исти загадувачки фабрички услови на производство на поголем дел од она што го продаваат. Многу од нив специјализираат производи кои особено ги исцрпуваат ресурсите, како торбичките од крокодилска кожа кои се произведуваат од животни одгледани во сурови услови во еден дел од светот и кожи третирани со брутално токсични хемикалии. А ако сме реални, и покрај тоа што многу се зборува за „вложување“ во добра торба или капут, целата мода се произведува за да биде заменлива, независно од цената.

8. Еко модата е растечки тренд, но етичкиот интегритет не се покажа како доволен поттик за остварување радикална промена. Марките како Стел Мекартни или Пипл Три се занимаваат со прашања како што се пестицидите, органските ткаенини, благосостојбата на животните и рециклирањето, а нивните основачи/ки сакаат да создадат подобар свет. Меѓутоа, иако ваквите компании недвосмислено имаат влијание на животите што ги засегнуваат, не го адресираат системот како целина. Голем дел од оваа облека е скапа зашто во капитализмот е скапо производството според етички стандарди. Нема секој средства за да ја купи. Би можело да се аргументира дека со тоа што се обезбедува пазарна линија за неколкумина кои можат да си дозволат да се грижат за планетата и луѓето, се поттикнува помало скрутинизирање и притисок на остатокот од пазарот, кој не само што никој не го доведува во прашање, туку во одредени негови делови дури и се насладуваат на неетичките позиции, како крзнарите кои своеволно ги користат загрозените животни.

9. По алтернативи се трага, но прашањето е дали ќе се најдат доволно брзо. Луксузниот моден конгломерат Керинг го спонзорира Центарот за истражување одржлив дизајн на Лондонскиот моден факултет (London College of Fashion’s Centre for Sustainable Design research). Керинг секако е заинтересиран за одржливоста, но само ако на тој начин во иднина му биде загарантирана профитна линија. Не е изгледно дека сопствениците на Баленсијага, Гучи или Александар Меквин ќе подржат кое било истражување кое предлага радикален економски ремонт на системот кој е толку корозивен за планетата и луѓето што создава темпирана бомба за идните генерации.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Marco David Castaneda

Извор: http://www.rebelnews.ie/

ОкоБоли главаВицФото