Капитализмот предизвикува изумирање на видовите

04.03.2021 01:28
Капитализмот предизвикува изумирање на видовите

Според извештајот на ОН за 2019 година, на еден милион видови (од кои вкупно околу осум милиони) во моментов им се заканува изумирање. Меѓутоа, ова никако не е целосна слика - сите овие организми живеат во динамични екосистеми и дури и исчезнувањето на само еден од нив може да има катастрофални последици за другите видови во рамки на системот.

Научниците веруваат дека во моментов се наоѓаме среде шестото масовно изумирање на видовите во историјата на Земјата, кое би можело да резултира со елиминација на 60 до 95 проценти од сите видови на Земјата. Секако, таквиот настан не би влијаел само на животинската и растителната популација, туку и на човештвото.

Биодиверзитетот е механизам преку кој се задоволуваат есенцијалните потреби за одржување на човечкиот живот на Земјата, вклучувајќи ги чистиот воздух, свежата вода и нашата залиха со храна. Здравите екосистеми функционираат и како противтежа на климатските промени, преку растот на растителниот живот и складирањето на јаглеродот во здравото тло.

За несреќа на човештвото и сите живи организми на нашата планета, живееме во капиталистички систем кој не е во состојба да го спречи губењето на биодиверзитетот. Капитализмот предизвикува загуба на видовите не само со неизбежното користење на фосилните горива, со загадувањето и климатските промени, туку и со својата незаситност за суровини како дрвената граѓа и земјоделското земјиште.

Според извештајот на група научници и научнички од Универзитетот во Мериленд од 2017 година, 158 илјади квадратни километри тропска прашума се исечени само во 2017 година, а стапката на дефорестација е во пораст. Овие прашуми често се заменуваат со монокултури како што се палмите за производство на палмино масло или за земјоделска употреба. Таквите монокултури не можат да ја одржат потребната животна средина која е потребна за одржување разновидни животински популации. Шумите се сечат исклучиво заради генерирање профит за капиталистите.

Згора на тоа, повеќегодишното загадување и претераното ловење риба ги доведоа светските океани на раб на колапс. Хемиските загадувачи често завршуваат високо во морските синџири на исхрана, што доведува до разорни последици. Пример за ова е инсектицидот ДДТ, загадувач на океаните кој стигна толку високо во синџирите на исхрана што предизвика белоглавиот орел да заврши на листата загрозени живи суштества.

Заради бескрајниот порив на капиталистите за профит и занемарувањето на природната средина, капитализмот едноставно не е во состојба да ја спречи загубата на видовите на масовно ниво. Сè додека анархијата на пазарот владее со човечкиот вид, залудни ќе бидат дури и најдобрите обиди на агенциите за заштита на животната средина и регулаторните тела за заштита на нашата планета од масовно изумирање.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.redflagonline.org/

ОкоБоли главаВицФото