Наскоро градот ќе падне

09.06.2021 12:33

Сонце над покривите, сонце над градот,
над муштериите и продавачите, над кафе-мераклиите,
над издувните гасови, над љубовниците и нивната љубов –
светот продолжува, и животот, иако неговиот крај е
во него, во нив.

Наскоро градот ќе падне
од гужвите пред сендвичарите и во кафетериите
и од мрморот на службениците заковани за нивните маси,
од тропањето на сушарите во јавните перални,
од чкртањето зо заби и од коленичењето
на јавните работници и робовите на претприемачите,
дали странски или домашни, од благодарноста
на примателите на помош и посетителите на јавните кујни,
кои го бараат и го наоѓаат
своето животарење по ѓубриштата.

Наскоро градот ќе падне
на таблите на келнерите што итаат да ги послужат
големите и малите директори,
високите службеници, членовите на важни одбори,
господарите на пристаништата, на водата и струјата;
политичарите и нашите народни избраници,
чија вештина е во тоа колку ќе си го наполнат џебот;
газдите на храната, гасот и банките,
тие корисници на нашиот труд, Фараоните на Израел,
пред чии нозе ние сме сал работни мравки,
и за кои, ако ние паднеме, синовите наши по нас идат,
вазали, занаетчии и работници што ним им служат.

Наскоро градот ќе падне
од лошата настава на наставниците, потиснати до земја,
од субвенциите за Јешива студентите, осудени на вечни студии,
предодредени да бидат издржувани од сите нас;
од печатарите на гласачки ливчиња и од редиците гласачи,
од партиските штабови, постерите, паролите,
од гласачките кутии, без
нашите гласови што замреа в молк.

Наскоро градот ќе падне
од малодушноста на тие што загубиле надеж, и на тие без моќ за дејство,
од нашите мисли што не се наши мисли,
од ТВ екраните што божем сонуваа
додека чекоревме во нивната светлина;
од тишината на сите овци, од говорите на волците,
од весниците што ја исполнуваат волјата на сопствениците,
и од апежот на нашите тирани кои јадат крваво месо,
а нема кој да отвори уста за лелек
од страв да не биде тужен на суд.

Наскоро градот ќе падне
од глувците и луѓето,
од наведнатите погледи пред блокадите на патот,
од мртвите, од освојувачите на планини
и од самата претстава за пејзажот на нивната татковина,
од бараките на Аушвиц и градбите на Масада,
од холокаустот што беше и од тие што ќе бидат,
од нас и од нашите деца, од оваа нација ко плева,
од кадишот отпеан на нашите гробови
и од кадишот отпеан на нивните,
И да не речеме амин, и да не зборуваме на нивниот јазик,
и да одбиеме да ги следиме нивните примери, закони и грешки.

За еден ден, можеби два, градот ќе падне,
а ако не падне, тогаш излезете и срушете го!


Превод: Зоран Анчевски

 

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото