(ни велеа никогаш повеќе да нема војни...)

18.03.2022 13:21

ни велеа никогаш повеќе да нема војни
на свечените концерти пеевме за празникот со солзи во очите
мислевме дека војната е останата во минатото
како црно-бел филмски журнал или рубрика за советските филмови,
си мислевме – војната со нас нема ништо, се радувавме на почесната стрелба
што сега е укината, повеќе не ја сметаме за плотун,
сфаќаме дека војната никогаш не завршува
како во учебникот по филозофија после презимето Хобс,
сфаќаме дека војна има, но победа нема, и кој видел војна
не сака да зборува за неа, а децата си играат војна
(во нашето детство беше вака – имав две пиштолчиња,
едно на вода, друго на пластични куршуми,
тогаш сѐ уште се правеа фишеци со бозел,
потоа се појавија играчките конзоли Dendy),
војна има, а победа не и нема ни да има,
победата зад никого не останува,
погледни се во огледалото и знај дека мирот –
тоа е војна,
ни велеа дека никогаш нема да има мир на земјата
дека светот лежи во зло, треба да се бара друга, да се пробаат
разни варијанти, ние одевме на празнични концерти
под лакот на Братството на народите
и мислевме дека историјата е завршена, а тоа било само пролог
историјата ти припаѓа само додека го читаш
а потоа не ѝ припаѓа на ниту една страна

(Награда ХАОС за необјавена песна, 2022)

Препев од руски: Лидија Димковска

Олга Брагина е родена 1982 год.во Киев. Дипломирала на катедрата за превод на Лингвистичкиот унверзитет во Киев. Пишува на украински и руски јазик. Објавила повеќе поетски збирки и романи и добила повеќе книжевни награди. Нејзината поезија и проза се преведени на англиски, полски, чешки, шпански, романски, шведски, турски, италијански, словачки, латвиски и др.јазици. Самата активно преведува од англиски и германски јазик. Нејзините дневнички записи и блогови наидуваат на голем интерес кај читателите. Олга Брагина беше приморана да го напушти Киев и моментно се наоѓа во Варшава.

 

ОкоБоли главаВицФото