Жолтите плочки

17.10.2022 09:46
Жолтите плочки

Жолти плочки во Софија.

Во книгата „Трагач по нешта: 44 (не)обични предмети од блиску и далеку“, бугарската преведувачка и писателка Екатерина Петрова раскажува за интересни предмети. Преку конкретните приказни за предметите, таа всушност открива интересни јазични, културни, историски или географски елементи за местата од каде што тие произлегуваат. Еден од текстовите ја раскажува приказната за жолтите плочки во Софија, кои деновиве, по неквалитетно извршената реконструкција и граѓанските протести, одново стануваат актуелни.

 

Пред години, мојата пријателка Унгарка ми беше на гости во Софија. За време на задолжителната прошетка по градските знаменитости, се најдовме на плоштадот „Народно собрание“, а Агнес - наместо да се загледа во некоја од натрупаните важни софиски згради во реонот, зјапаше во плочникот. Со црвените чевли ми заличи на една вистинска Дороти, само што беше стапнала на посланиот со жолти плочки пат не од Канзас, туку од Будимпешта. Ѝ објаснив дека плочките - еден од симболите на Софија, всушност се нејзини сограѓани, и ѝ ја раскажав популарната верзија за нивната појава во младата бугарска престолнина во првите години на XX век како подарок од Австроунгарската империја за свадбата на Фердинанд. Агнес се пошегува дека сигурно затоа во Софија се чувствува како дома. Освен централните софиски улици, жолтите плочки покриваат и една невидлива граница на поапкстрактно ниво - од едната страна е нивната чисто утилитарна функција на патна подлога, од другата - сентименталната вредност на историски симбол и туристичка знаменитост.

Периодот во кој централните софиски улици се покриваат со жолти плочки (1907-1908 г.) се совпаѓа со појавата на амблематичните згради за Софија: Народниот театар (1906 г.), Воениот клуб (1907 г.), Халите (1911 г.), Централната бања (1913 г.), храмот „Св. Александар Невски“ (1904-1912 г.).* За разлика од историјата на зградите, која е добро позната, онаа на плочките е доста маглива и противречна. Во повеќето извори се тврди дека жолтите блокчиња биле излеани во Будимпешта, направени од дробен и испечен варовник, наречен лапорец, но официјален консензус за причината да се појават во Софија - нема. Популарната верзија за свадбениот подарок се покажува не многу веројатна - повеќе се задржала заради романтичната привлечност и благодарение на бескрајните повторувања. Според сајтот на Столична општина, „положувањето на керамичките плочки не е емотивен подарок по повод свадбата на кнезот Фердинанд со Марија Луиза, која во тоа време (1907) веќе не е меѓу живите“. Простата историска проверка покажува дека нема како плочките да бидат подарок и за втората свадба на Фердинанд I. Кога тој се жени за принцезата Елеонора фон Ројс-Костриц во 1908 г., софиските улици веќе се покриени со нив.

Жолти плочки во Будимпешта.

Речиси целосното отсуство на жолтите плочки од пазарот на сувенири е друга суштествена разлика помеѓу нив и останатите архитектонски објекти од епохата. Додека маици, поштенски картички, календари и макети со сеприсутниот лик на „Св. Александар Невски“ ги затрупуваат туристите во Софија (а и надвор од неа**), жолтите плочки присуствуваат само инцидентно - како детаљ кој не може да биде избегнат.

Тоа, се разбира, се должи делумно на нивната утилитарна функција - со своите златни кубиња храмот е многу поподатлив за сувенирски интерпретации отколку една улична подлога, колку и да е впечатлива таа. И сепак, место за такви интерпретации има - тоа го покажуваат репликите на плочките по дизајн на Гауди, кои се продаваат во Барселона. Се сеќавам и на разните сувенири печатени со специфичниот и препознатлив мотив од тротоарите во Билбао.

Жолтите плочки се разликуваат од своите современици, зградите-симболи на Софија и според нејасната иднина. Храмот-споменик „Св. Александар Невски“, Народниот театар, Воениот клуб и Централната минерална бања претрпуваат реконструкции и реставрации (колку се тие успешни е друго прашање). Од друга страна, со децении жолтите плочки - и покрај нивната естетска вредност и важната историска симболика - се третираат како најобична патна подлога, па бавно, неповратно и тивко (или најмногу со аргументот дека се непрактични) исчезнуваат од софискиот пејзаж, најчесто заменети од здодевен, грд и неквалитетен асфалт. Сепак, во 2016 година плочките се прогласени за дел од културното наследство на Софија и добиваат статус на недвижна културна вредност. Како што демонстрира неодамнешното неквалитетно реконструирање на подлогата во централниот дел на градот, тоа воопшто не го гарантира нивното зачувување.

Жолти плочки во Белград.

Иако не се сметам за голем патриот, глетката на жолтите плочки секогаш ме исполнува со една особена радост, а прошетката по нив ме потсетува на силната врска која ја имам со мојот роден град Софија. Секојпат кога ќе поминам по нив, особено ако ме немало долго време, во главата сама од себе изникнува фразата која Дороти од „Волшебникот од Оз“ си ја повторува како магиска формула: „Нема друго место како дома“. Затоа и постојано намалуваната површина, покриена со жолти плочки во центарот, и перспективата да исчезнат целосно од Софија, доста ме потиштуваат. Но, сепак, мислата дека плочките веројатно ќе останат уште долго барем на неколку места во светот, делува успокојувачки. Првото такво место го открив кога ја посетив Агнес во Будимпешта. Додека се шетавме бесцелно низ градот, се најдовме во една споредна слепа уличка во Будим. Првично ме обзеде чудно пријатно чувство и помислив дека доживувам некакво необјасниво дежаву, но во следниот миг забележав дека улицата е покриена со малку занемарени и изабени, но инаку апсолутно идентични на софиските жолти керамички плочки. Години подоцна наидов на жолтите плочки и во Белград - површината (нешто помеѓу мало плоштатче и двор) пред едно кафуле во тивкиот и зелен реон настрана од центарот во Стариот град беше поплочена со нив. За разлика од Софија, каде што плочките се подредени во една насока, овие беа наредени во посложена, „шаховска“ шара. Како и да е, глетката беше доволна за да го совлада малиот напад на носталгија која ја чувствував кон Софија токму тој ден, и да го натера мрачното небо над Белград да изгледа малку посветло.

Се чини дека сепак има и други места (речиси) како дома.

 

Според светската дама Султана Рачо Петрова, која пристигнува во Софија во 1885 г., „улици немаше, само огромни дупки и многу прашина, која се претвораше во кал кога врнеше, и го правеше секое движење невозможно“. Само за неколку децении Софија се претвора во престолнина со европски лик благодарение на австроунгарски, француски и бугарски архитекти образувани во Европа.

** Како сведоштво за огромната популарност и широкото распространување на туристички сувенири со „Св. Александар Невски“: неодамна, копајќи во една антикварница во малиот универзитетски град во малку зафрлената држава Ајова на американскиот Среден Запад, наидов на врамена графика на која е претставена катедралата. Во Софија ќе поминев преку графиката како сосема неинтересен туристички кич, но на растојание од 9000 километри, таа, сосема неочекувано, ме трогна до тој степен што едвај се воздржав да не си ја купам. Светот е навистина голем, но за среќа, домот нѐ демне отсекаде.

ОкоБоли главаВицФото