Почина Владимир Глигоров

28.10.2022 17:07
Почина Владимир Глигоров

Утринава драги пријатели од Лондон, на кои пред некој ден им ги препорачав луцидните колумни на Владимир Глигоров на српскиот портал „Пешчаник", ми јавија дека тој вчера ненадејно починал во Виена, во 78-та година од животот. Ме трогна тажната вест, затоа што со Владо си заминува од овој свет еден многу значаен период од интелектуалниот живот во поранешна Југославија. Освен тоа, иако беше една од неколкуте харизматични интелектуални личности на тоа време, тој ја избегнуваше славата и јавноста, а уште повеќе егзибиционизмот и нарцисоидноста на некои денешни интелектуалци во регионот на некогашна Југославија.

Навистина, на крајот на седумдесеттите, кога го запознав и едно време редовно се среќававме на долги, инспиративни разговори во Белград, секогаш кога јас престојував таму заради моите постдипломски студии по естетика, Владо важеше за најумниот млад интелектуалец во тогашна Југославија. Сите од мојата генерација во Скопје го знаеја или имаа само чуено за него. И му се восхитуваа! Дури беа и горди што еден од најголемите интелектуалци во Југославија потекнуваше токму од Македонија.

Зборуваше македонски со белези од штипскиот дијалект, што, барем за мене, беше особено шармантно.

Сите знаеја дека учествуваше активно во демонстрациите 68-та, дека беше син на еден од најпочитуваните југословенски политичари во владата на Тито, Киро Глигоров, кој подоцна стана првиот претседател во самостојна Македонија.

Знаеше дека како еден од најкритичките умови беше постојано под присмотра на службите за безбедност, но тоа го коментираше со хуморот во стилот на Вуди Ален, чии филмови ги сакавме обајцата. Владо имаше пријатно циничен став кон сите нешта во животот, но, во исто време, добрина и широкоградост, како и една неверојатна, речиси детска веселост, што правеше во негово друштво не само да бидете испирирани за критичка размисла, но и постојано да се смеете. Критичката размисла кај него потекнуваше од неверојатно темелното образование не само во политичка економија и политичките науки, туку и во филозофијата, историјата и, особено, историјата на културата. Владо поседуваше префинет естетски вкус и се интересираше за речиси сите сфери во уметноста., но, во особена мера, за филмот и сликарството и, секако, за литературата.

Во времето кога го запознав само што се беше вратил од Нју Јорк, каде што беше докторирал, но надлежните на универзитетот во Белград не беа многу восхитени од тој факт и не сакаа веднаш да му го понудат тоа што го заслужуваше таков блескав ум. Владо сето тоа го примаше со благ, широкоград хумор.

Во последните две-три години со интерес ги читав неговите извонредни колумни во „Пешчаник". Кај секоја луцидна, цинична метафора веќе го гледав ликот на младиот Владо Глигоров како се насмевнува, раскажувајќи со спокојно рапав глас. Вечен да е споменот на него и нека почива во мир!

ОкоБоли главаВицФото