Кинезите ја пречекаа годината на зајакот

23.01.2023 01:53
Кинезите ја пречекаа годината на зајакот

Кинезите ширум светот во неделата го прославија најважниот датум во нивниот лунарен календар, ја испратија годината на тигарот и ја дочекаа годината на зајакот.

Настанот се слави и во Тајван, Монголија, Виетнам и многу земји од Југоисточна Азија - како Индонезија, Малезија, Мјанмар, Филипини, Сингапур и Тајланд. Големи прослави има и во Камбоџа, иако таму не е официјален празник.

Во кинескиот зодијак, зајакот е четврти знак и е симбол на хармонија и долговечност.

Пречекот засенет од пандемијата

Ова е прва новогодишна прослава откако комунистичките власти ги укинаа строгите ограничувања за пандемијата, дозволувајќи им на милиони Кинези повторно да се обединат со членовите на нивните семејствата. Стотици милиони луѓе се враќаа последниве денови во нивните семејни домови и не беше лесно да се најдат места во автобусите и возовите.

И покрај славеничкото расположение во земјава, пречекот на Новата година и оваа година остана во сенка на пандемијата. Иако ситуацијата во големите градови како Пекинг и Шангај се врати во нормала, по зголемувањето на бројот на заразени во декември, останува да се види што ќе се случи во руралните области.

Здравствената заштита таму е многу рудиментарна, а до модерните болници најчесто мора да се вози со часови. Најмал број на вакцинирано население има токму во селата, а се очекува врвот на новиот бран зараза да биде следната недела.

Значење на годината на зајакот

Годината на зајакот започна во неделата и завршува на 9 февруари 2024 година.

Родените во годината на зајакот се сметаат за нежни, тивки, елегантни, будни, брзи, вешти, љубезни, трпеливи, многу одговорни и верни луѓе.

Во однос на кариерата и парите, годината на Зајакот би требало да биде значително подобра од (претходната) година на Тигарот , бидејќи оваа година се активираат и директното и индиректното богатство. Директното богатство се однесува на богатството кое произлегува од напорна работа, стабилна кариера и бизнис, додека индиректното богатство се однесува на можности или ненадеен прилив на пари.

Бидејќи зајаците се многу друштвени, ова е година идеална за здружување со други луѓе (партнерство) за подобра заработка. Долгорочните и стабилни кариери се поповолни оваа година, како и онлајн работните места и бизнисите (на пр. блогирање, онлајн продажба и слично).

Последната година на зајакот беше 2011 година, кога североисточна Јапонија беше потресена од цунами. Повеќе од 22.000 луѓе загинаа, а нуклеарната централа Фукушима беше уништена. Таа година беше и почеток на Арапската пролет и годината кога САД објавија дека го убиле лидерот на Ал Каеда Осама Бин Ладен.

Меѓу познатите личности родени во годината на зајакот се научникот Алберт Ајнштајн, фудбалерот Дејвид Бекам, актерката Анџелина Џоли и актерот Бред Пит.

Кинеска Нова Година - обичаи

Едно од најважните начела на кинеската Нова Година е семејното собирање на вечера на новогодишната ноќ.

Бидејќи повеќето луѓе не живеат со своите родители поради работа, тие се враќаат дома од другите градови и од странство за да ја дочекаат Новата година со своите родители. Тоа значи дека огромен број Кинези се враќаат во местата на раѓање, а овој процес се нарекува пролетна миграција. Ова претставува најголемо годишно движење на населението во Кина, но и во светот.

За Нова година не е дозволено туширање, а чистење на куќата и фрлање на ѓубре е дозволено само по петтиот ден од празникот. Ова се почитува за да не се измие или избрка среќата. Денот пред Нова година е наменет за чистење, со цел да се избрка лошата среќа и да се создаде место за новата.

На овој празник, наместо подароци, децата добиваат црвени пликови со пари, кои означуваат пренос на богатството од постарите на децата. Вакви пликови може да се даваат и на колеги и пријатели.

На менито дефинитивно ќе се најдат пролетни ролати, кнедли и тестенини, риба, пилешко и зеленчук. Задолжителна е и оризовата торта, која го симболизира успехот, но и колачот сличен на мафин кој се јаде за да се привлечат пари. Со вечерата се пие и вино наменето за оваа пригода.

Кинезите веруваат дека црвената боја ги брка духовите, па домот го украсуваат со мотиви во оваа боја. Вратите често се насликани со богови или кинески симболи за среќа.

Новата облека означува добар почеток и се смета дека носи среќа, а луѓето често избираат облека во црвена боја. Улиците се украсени со црвени лампиони и светлечки украси, а често се изведува и традиционалниот Змејски танц.