За одметничкиот жанр на романот „Писмо за Глорија“

19.04.2023 11:30
„ПИСМО ЗА ГЛОРИЈА“

 

По прочитот на романот „Писмо за Глорија“ некако спонтано се присетив на Вилијам Фокнер, кој во своите „Совети до младиот писател“ меѓу другото вели: „Треба да се пишува само кога човек има потреба за тоа, кога ништо, ништо, ама баш ништо освен пишувањето не може да ви донесе мир“.

Главниот лик во романот на Живко Грозданоски, означен само со иницијалот Ж., како да се водел токму од тој совет затоа што пишувањето го практикува не само како творечки чин, ами, можеби уште повеќе, и како нешто лечбено,нешто што го лечи човека, на него делува успокојувачки, му помага да се ослободи од своите трауми и, најпосле, го воведува во некаков мир, во исцеление.

Живко Грозданоски напишал автофикција, се свртел кон еден „одметнички жанр“, како што описно го нарекуваат. Жанр кој во себе ги обединува автобиографијата и фикцијата, и кој се открива како изневера на традиционалното автобиографско писмо. Поаѓајќи од конкретното животно искуство, од лицата кои навистина постојат во стварноста, како и од средбите од кои повеќето се случиле, Живко ја воведува фикцијата во својата лична приказна имајќи ја предвид нејзината спознателна моќ. Фикционализацијата на нашиот сопствен живот е во насока на негово посуштинско спознавање, откривање на она „сѐ-уште-некажаното“. Или, како што вели Пол Рикер, фикцијата „ги изнесува на виделина оние особености кои се прикриени, иако веќе јасно исцртани во срцевината на самото наше практично искуство“.

Приказната во романот, раскажана од позицијата на ткн. сезнаечки раскажувач, е едно патешествие. Патешествие кое се јавува на две рамништа.

Првото, физичкото рамниште, како патување со автобус на главниот лик со група писатели и писателки од Македонија на промоција на нивните книги во Софија. Второто, духовното рамниште: патешествието кон самиот себе, кон
сопствената преобразба и исцелување. Важен момент во тоа патешествие е случајната средба, еден врел летен ден, во едно бистро, со келнерката Глорија. Таа сосема обична девојка, облечена во црна маица, со црна коса собрана во опавче, кај главниот лик предизвикува чудна, неопислива радост.

Кај него во мигот се јавува потребата да се измири со сите на овој свет, да побара прошка од сите, да им се заблагодари. На салфетата која ќе ја остави на масата, ќе го напише својот телефонски број надевајќи се дека Глорија ќе ја види салфетата и еден ден ќе го побара, ќе му се јави. Тоа е неговото кратко, сосема кратко писмо за Глорија. Иако на прв поглед изгледа како да се работи само за обично допаѓање, сепак тоа не е само тоа, туку нешто многу повеќе: Ж. е фатен во својата гранична ситуација. Доживува мистично искуство, блаженство кое не дозволува да биде искажано со зборови иако на човека му овозможува обнова и раст. Зборчињата како милост, мир, благодарност, љубов, живот, смисла – се прелеваат еден во друг во свеста на нашиот јунак и го губат своето конкретно значење. Далеку од тоа да биде некаква персонификација, Глорија станува единица мерка за смисла.

Средбата со неа во бистрото го покренува – како што се вели во еден од освртите кон романот – неискажливото доживување на врвната едност. Светот станува дом, свој дом, а не отуѓено и студено опкружување.

Приказната во романот е навидум хаотична, нaлик на повторувачко вртење во круг: една вмреженост во секојдневието исполнето со договорени или со случајни средби во сегашноста. Но и такви кои се случиле во минатото или се планирани да се случат во иднината. Некои од ликовите се предадени во својата говорна посебност, лексичка и синтаксичка, без оглед дали е тоа урбаниот говор или некој дијалект.

Раскажаните настани не следуваат еден по друг според временска линеарност, временските планови се испреплетени, се случува едно постојано движење напред-назад низ времето. Минатото упаѓа во сегашноста. Во раскажувачката постапка се присутни аналепсите („флешбековите“), односно присеќавањата на минати настани кои раскажувачот ги оживува при што за кратко ја прекинува „главната приказна“. Тие приказни од минатото се како парченца од некој претходен живот, фрагментарни, нецелосни. Некои од нив се приказни кои главниот лик самиот ги доживеал некогаш и некаде, другите пак се семејни приказни кои тој ги чул од некој припадник на неговата семејна лоза. Семејните приказни се врамени во некое време-пред-времето, кога главниот лик бил на мала возраст, нивната вистинитост е проблематична, тие се дел од семејната траума. Тоа преплетување на временските планови е во блиска врска со тоа што раскажувачот го именува како „синхроницитети“. Зад едноличната и вообичаената слика на секојдневието како да се открива една повисока логика и смисла преку преклопувањето на настани и ситуации кои се исти или слични меѓу себе.

На пример, сувото дрвце бенџамин кое главниот лик го одгледува во својот стан наспроти сувото дрвце на монахот во филмот „Исцеление“, филм кој Ж. го гледа во Кинотека. Пивото „Корона“ кое го пие во бистрото на Глорија наспроти пивото „Корона“ кое го пиел порано во Јелоустоун. Печалбарскот престој на прадедото Митан во САД наспроти неговиот неколкумесечен престој во истата земја.

Дали овие синхроницитети се – како што забележува Алберто Вилолдо – всушност, начинот на кој Бог му шепоти на човека велејќи му дека е на вистинскиот пат? Ова е само едно од многуте прашања кои си ги поставува Ж. во своите мисли. Тие прашања покренуваат во него – во процесот на самосоочување и себеосознавање – вистински имагинарен симпозиум со мислители и автори како Карл Јасперс, Хана Арент, Јулија Кристева, свети Августин, Лао Це, Салман Ружди и други. Тој општи со нив во своето внатрешно патешествие низ еден интензивен солилоквиум.

Низ романот се повторуваат неколку лајтмотиви кои функционираат како метафори на обновата која се случува во Ж. На пример, повторувањето на мислата дека треба да си купи ново сако; повторувањето на познатиот исказ од Јовановото откровение „И видов ново небо и нова земја“.

Крајот на „Писмо за Глорија“ е по малку необичен и комичен. Потсетување дека романот како книжевен вид е исткаен од духот на хуморот колку и, претходно, додека сме го читале, да ни изгледал тежок и сериозен.

Романот на Живко е приказна за себеосознавањето, проштевањето, исцелувањето. Приказна која овозможува лесна идентификација со ликовите и настаните раскажани во неа иако бара концентрирано читателско внимание и напор. Приказна која, најпосле, покренува мноштво прашања во самиот читател.  

Илустрација: портрет на Тони Попов

ОкоБоли главаВицФото