Документарецот за Ходорковски е забранет во руските кино-сали

02.12.2011 13:39
Документарецот за Ходорковски е забранет во руските кино-сали

Затворениот руски нафтен магнат Михаил Ходорковски долго време нема да ја здогледа светлината на денот, исто како и документарниот филм за него кој се бори за место во руските кино-сали.

Премиерата на германскиот филм за затворениот руски нафтен тајкун Михаил Ходорковски беше закажана за вчера (1 декември), но ретко кој граѓанин на Русија ќе има можност да го гледа. Имено, повеќето руски кино-сали, освен една во Москва, одбија да ја прикажуваат приказната за поранешниот сопственик на нафтената компанија Јукос, кој во 2003 г. беше уапсен поради политички активности.

„Кога ги добивме правата за филмот во септември годинава, одржавме разговори со многу кино-сали со кои постигнавме одредени прелиминарни спогодби за прикажување“, вели Олга Папернаја, уметнички директор на компанијата што го промовира филмот во Русија. „Меѓутоа, кога дојде време да се потпишат договорите, наидовме на одбивања, така што можеме да претпоставиме што стои зад ова.“

Според Папернаја, првата кино-мрежа која одбила да го прикаже филмот била „Москино“, фирма во сопственост на градот Москва. Само една кино-сала решила да го прикаже документарецот, и тоа токму денес, на втори декември. Папернаја вели дека по одбивањата започнала „верижна рекација“ во која вкупно 19 фирми и мрежи со кино-сали одбиле да го претстават филмот пред руските гледачи.

„Се чини дека тоа следеше откако менаџерите и управниците на кината добиле неколку повици од државни службеници“, вели таа.

Исто така, и кината во Санкт Петербург одбија да го прикажат документарецот, како и вои Новосибирск, каде што Ходорковски во 2003 г. беше уапсен и каде што режисерот на филмот Сирил Туши од Германија сакаше да се појави за руската премиера.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Документарецот е сниман во периодот 2005-2011 г., иако многу пријатели на уапсениот олигарх одбија да учествуваат во тој проект, сметајќи дека главниот лик е претставен на премногу контроверзен начин. Снимањето се вршеше во Москва, Санкт Петербург, сибирскиот град Чита, Стразбур, Њујорк, Тел Авив и Лондон, т.е. во сите градови кои на некој начин се поврзани со аферата Јукос.

Првпат филмот се прикажа во февруари годинава, на Берлинскиот филмски фестивал, иако и таму се соочуваше со многу проблеми поради неколкупати украдените копии на истиот.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото