Научниците утврдија дека македонските спортисти сепак не можат да дадат 100% од своите можности

09.04.2012 12:38
Научниците утврдија дека македонските спортисти сепак не можат да дадат 100% од своите можности

Резултатите од истражувањето кое го спроведе институтот „Тодор Александров“ од Штип покажаа дека македонските спортисти, и покрај ветувањата, не се во состојба на теренот да дадат 100% од своите можности.

Тимот стручњаци од овој институт утврди дека не постои апсолутно никаква врска меѓу изјавите кои играчите ги даваат пред натпреварите и нивниот учинок на терен.

Професорот Александар Македонов, водач на проектот, вели дека истражувањето е спроведено врз 1.256 македонски репрезентативци од разни спортови кои во изминативе пет години, пред важните меѓународни натпревари, даваа изјави за домашните медиуми.

„Веќе со години пред речиси секој важен натпревар од нашите спортисти слушаме изјави дека на теренот ќе дадат 100% од своите можности, а потоа нивната лоша игра ќе нè разочара до тој степен што почнуваме да се прашуваме дали вложиле барем 30% од себеси. Токму тоа нè поттикна да извршиме истражување на оваа тема и конечно да ја решиме загатката дали нашите спортисти навистина можат да вложат 100% од своите сили“, вели професорот Македонов.

„Првин за секој играч утврдивме кои се неговите реални граници кога не дава изјава за медиумите. Потоа ги споредивме тие реални можности со учинокот на терен по изјавата за медиумите и дојдовме до запрепастувачкото откритие дека ниеден репрезентативец не е во состојба да даде 100%. Некои даваат 73,4%, некои 69,93%, а некои само 31,45%, ама никој досега не покажал дека може да даде 100% од своите можности“, истакнува професорот.

Тој напоменува дека многу е интересен фактот што многу наши репрезентативци ја достигнуваат таа граница од 100% ефикасност и посветеност кога играат за странски клубови. Неговата претпоставка е дека таму се подобро платени, па со тоа и мотивацијата е поголема.