Трансформерси

02.09.2009 13:56
Transformers_Optimus_Prime_4(2).jpg


Трансформирањето на ликот и идентитетите на јавните личности кај нас е еден од најпопуларните спортови, кој можеби лесно може да се востоличи и во национален спорт и гордо завештание за идните генерации. Овој процес подразбира способност на локалниот поединец да се прилагоди, или поточно приклони, кон надворешните општествени и културни фактори и во склад со нив да го изконструира и вообличи својот јавен лик, а кон нив да ги усклади своите јавни дејанија.

Појавата е од општ тип и се среќава на сите ќошиња од нашава убава земја, и тоа во медиумите, бизнисот, културата, уметноста, спортот, политиката, или народски кажано во секоја дупка од нашeво општествено свиркало.

Во јавноста најинтересни се политичките трансформерси (Decepticons или Distractors), кои успеваат да ги пребродат сите смени и промени на политичките сили и некако со својата способност за трансформација секогаш да останат во јадрото на политичките случувања, а кај јавноста да остават впечаток дека тие се највештите од својот вид.

Иако примерите се бројни најистакнатиот политички трансформерс е MegaBajram кој е познат по својата способност да се трансформира во сите можни услови, и некако да се ушлепа во сите Влади и парламентарни мнозинства. MegaBajram е толку успешен во своите политички трансформации што напросто стана парадигма за политичкото трансформациско маневрирање и преобликување. Тој успеа да го вклучи во политичкиот живот и својот следен модел (MiniBajram) кој успеа само со основно школо да стане и градоначалник. Замислете каков трансформерс ќе биде тој кога ќе заврши факултет? Веројатно ќе мора да се откажеме од него и да го поставиме како легитимна замена за ЕУ комесарите. Како и да е, MegaBajram е извонреден примерок на Трансформерс, нема збор, него ќе го посака во својата колекција речиси секој.

На времето имаше еден друг трансформерс (Iron Andov) познат по извонредните способности да се движи од центар во лево, од лево во десно, од социјалист кон конзервативец, од конзервативец во либерал, од либерал во лустратор, но и покрај овие негови завидни вештини MegaBajram се покажа како ненадминат мајстор на својот занает и посовршен модел, кој со право го држи приматот во оваа сфера.

Една од поинтересните и популарни трансформации е онаа кога Decepticons-ите се обидуваат да се трансформираат во Optimus Prime, инаку идеалниот трансформерс, алтруистичен робот, автобот, и херојски предводник на својот вид кој се грижи за другите, се бори за правдината и ги штити послабите. Иако се направени бројни обиди, сепак оваа трансформација речиси никогаш не е успешна. Тие и покрај своите робусни димензии, ненаситни апетити, наклонетост кон уривање и уништување на се’ што ќе им падне под челичните шепи, се обидуваат тоа да го прикажат како кул-работа која треба да влее стравопочитание кај обичните смртници. Но, од Decepticon не бива Optimus Prime, тоа е се’ што може да се заклучи, вака пост фестум, па единствено што им останува е да сеат страв наоколу.

И во другите сфери од нашево живеење среќаваме интересни и мошне популарни трансформации. Едната од нив е новинарската трансформација која се манифестира периодично, и тоа обично при цикличните промени на власта. Новинарите малку ќе сочекаат да видат како се развиваат надворешните услови и кои модели новинарски роботи и автоботови се во тренд, па потоа лека-полека започнува и нивната трансформација: се преобликуваат во комбиња со огромни мегафони кои шпартаат по нашите улици и го шират гласот и пораките на владејачките политички decepticon-и.

Постојат и наивни новинарски поединци кои понекогаш одбиваат да се трансформираат и да пијат нафта како погонско гориво, па ним decepticon-ите најчесто им го праќаат Bonecrusher да им објасни како треба да врват работите или пак во поблага форма мораат да се соочат со отказни решенија од своите работодавци и да попијат едно непријатно горчливо и скапо гориво со назив „тужба“. Значи колективниот дух и подведување под препорачаните алгоритми се доминантни појави кај овој тип роботи.

Има и такви новинарски поединци кои во некои свои претходни фази одбивале команди и се однесувале како ботови-поединци кои не есапеле жива сила, но во здоговорно содејство со decepticon-ите се трансформираат во тур-автобуси кои обичниов народ го возат наоколу и му ги покажуваат тематските паркови на власта, од кои најпопуларни и најпосетени се парковите: „новоотворени фабрики“, „индустриски зони“ и „инвестициски рај“, како и хорор парковите „опозициско дувло“, „соседските куќи на стравот и ужасот“, „предавничките пештери“, и така натаму.

За истакнување секако се и „интелектуалните трансформери“. Тие се онака физички најскромни, не може да се каже дека поседуваат некаква си физичка импресивност, но сепак се истакнуваат како „техничарчиња“ кои мошне лесно и сонично-брзо заземаат посакувани форми: од боеми во религиозни ботови, од либерали во конзервирани конзервативци, од професори во амбасадори, од писатели во проповедници, од дисиденти во послушници, и така натаму. листата е доооолга и постојано се должи.

Како и да е, популарноста на нашиве трансформерси не се намалува, па и покрај разните критики за нивното лошо влијание по нас, ние и понатаму манијакално ги следиме, ги сакаме, ги купуваме, си правиме разни колекции и им го одржуваме бизнисот и понатаму.

ОкоБоли главаВицФото