Бернардо Бертолучи - Копнеж на италијански начин

20.08.2012 15:31
Бернардо Бертолучи - Копнеж на италијански начин

Поминаа триесет години откако не снимав филм на италијански, мојот мајчин јазик, и посакав да слушнам како тој се говори во мојот филм.

Пролетва, кога повторно се појави во Кан, на сите им беше јасно колку му недостигаше на големиот филмски свет. После една деценија творечко отсуство и тешката битка за закрепнување од мозочниот удар, големиот филмски режисер, италијанската и светска легенда Бернардо Бертолучи (72), на својата армија почитувачи ѝ приреди големо задоволство - новиот филм „Јас и ти“, работен според романот на италијанскиот писател Николо Аманити.

Се вративте со нов филм и покажавте дека сте голем борец.

Со снимањето на филмот „Јас и ти“ се чувствувам како повторно да сум се вратил во трка и спремен сум и понатаму да снимам. Што е можно побрзо! Кога мојата принудна неподвижност стана моја нормална состојба и секојдневие, помислив дека деновите на моето филмско творештво засекогаш се завршени. Идејата за тоа повеќе да не работам на ниту еден филм значеше затворање на едно поглавје и отворање на друго, но кое друго - навистина не знаев! Водев тешка борба да го прифатам фактот дека ми е потребна инвалидска количка за да се движам наоколу, но малку по малку ја научив „уметноста“ на прифаќање на мојата состојба. Од тој момент знаев дека е можно да снимам филм, само што ќе го правам тоа од поинаква позиција - седејќи, а не стоејќи.

Значи, романот на Николо Аманити имаше некој вид терапевтско дејство врз вас, ве испровоцира повторно да творите?

Пред две години Николо Аманити ми го донесе романот „Јас и ти“ директно од печатница. Поминаа триесет години откако не снимав филм на италијански, мојот мајчин јазик, и посакав да слушнам како тој се говори во мојот филм со италијански глумци и на италијански терен. Читајќи ги првите страници на книгата почувствував искра, она фино чувство дека ова неминовно може да биде филм. Приказната на романот мораше малку да биде трансформирана за да се прилагоди за филмот и за тоа ми беше потребен Аманити да седи покрај мене и да го пишува сценариото, заедно со Умберто Контарели и Франческо Марсијано. Меѓутоа, некои од најголемите разлики помеѓу романот и филмот не се наоѓаа во сценариото, туку се случија во текот на самото снимање. Во тоа е магијата на филмот.

Што во овој роман на Аманити за вас беше најинспиративно?

Тој подрумски простор во кој живеат братот и сестрата, тој човечки микрокосмос. Бев фасциниран од идејата за трансформација на очигледната „клаустрофобија“ на таа мала, пренатрупана подрумска соба, во форма на „клаустрофилија“ - љубов на заробените во затворени простори. Во филмот „Јас и ти“ се потрудив таа подрумска ќелија да биде поинаква во секоја сцена. Таа подрумска просторија е дизајнирана така што доживува постојани трансформации кога во неа влегува момчето Лоренцо и кога влегува светлина, и затоа таа е како живо суштество, како трет лик во филмот.

И овој ваш филм е всушност посветен на младите.

Да, како „Сонувачи“, „Украдена убавина“, дури и „XX век“, „Последниот император“ и „Малиот Буда“, и филмот „Јас и ти“ е за копнежот, разочарувањата, борбите и соништата на младите луѓе и нивните специфични емоционални состојби. Дури и сега кога имам повеќе од седумдесет години, мене и понатаму ме интригираат младешките ликови. За мене е предизвик да ја „дофатам“ нивната виталност, љубопитност, тој процес на созревање и постепено растење низ неволјите. Неверојатно нешто и вистинска привилегија е што можев да гледам и да посведочам како мојот мал глумец Јакопо Олмо, кој го толкува ликот на Лоренцо толку „пазолиниевски“, расте и созрева пред нашата камера во текот на десетнеделното снимање.

Овој филм требаше да биде и ваш прв 3-Д филм, зошто не е?

Бев многу возбуден и одушевен да се обидам да работам со новите технологии кои доживеаја вистински процут во текот на овие десетина години колку што бев отсутен од филмската сцена. Во почетокот, намерата беше „Јас и ти“ да биде во 3-Д. Дури направивме и многу тестови во „Чинечита“, но испадна дека целиот процес за мене е премногу бавен, затоа што во моите филмови секој кадар го раѓа следниот, а за лабораториските техничари тоа не е лесно за реализација. Бев разочаран, но моравме да се откажеме.

Се откажавте и од дигиталните камери?

Да, имавме желба да снимаме дигитално, но таа неконтролирана острина ми беше неприфатлива. Што да ви кажам, дури сега сфатив колку носталгија за импресионизмот содржат триесет и петте милиметри! Затоа продолжив да го снимам „Јас и ти“ како стариот добар драг филм. Сепак, не се откажувам од 3-Д филмот, само го оставам за во иднина.

За романот на Николо Аманити...

За многу филмски работници, книжевното творештво на Николо Аманити кое ги опфаќа романите „Жабри“, „Доаѓам по тебе и те водам со себе“, „Не ми е страв“, „Последната Нова година“, „Како што сака господ“ и „Забавата може да почне“, е многу инспиративно и не е чудно што тоа ја заскокотка и филмската фантазија на легендарниот Бертолучи. Јунакот на романот на Аманити е момче отфрлено од својата средина затоа што не се вклопува во неа. Вниманието и грижата на богатите родители зафатени со самите себе се сведува на тоа да го однесат на психијатар тогаш кога му е потребно многу повеќе од нив. За да ги направи среќни, тој креира свет кој тие би го сакале - им соопштува дека зимскиот распуст ќе го помине со другарите на скијање, а наместо тоа, го поминува распустот скриен во подрумот во кој ја гради својата оаза, што е метафора на Аманити за положбата во микросветот. Тој подрум открива дека момчето не е единствена жртва на родителската негрижа, туку постои и неговата полусестра, само што данокот кој тој го плаќа е многу подрастичен. Аманити ни подарува приказна за упропастените и отфрлени млади луѓе кои токму семејството ги праќа во наркоманија и смрт.

Извор: Политика