Уметницата е (сè)присутна

31.08.2012 11:25
Уметницата е (сè)присутна

На неодамна одржаниот фестивал за документарен филм во Белград, прикажан е филм за една од најпознатите уметници на денешницата, под наслов „Марина Абрамовиќ: Уметникот е присутен“. Во овој документарен филм, режисерот Метју Ејкерс ја следи подготовката на ретроспективната изложба на перформансот „babe”, како што Марина Абрамовиќ често се нарекува себеси, под наслов „Уметникот е присутен“, одржан во њујоршкиот Музеј за модерна уметност (Мома) пред две години.

Во меѓувреме, меѓународниот фестивал во Манчестер ја порача театарската претстава „Животот и смртта на Марина Абрамовиќ“, која во режија на Роберт Вилсон премиерно е прикажана за време на траењето на фестивалот минатата година. Во почетокот на август оваа година, заедно со Вилијам Дефо се појави во спотот за песната “Cut the world” на Ентони Хегерти која наведениот автор ја напиша за споменатата претстава.

Значи, во последните две години не само што Абрамовиќ ја круниса својата четириесетгодишна работа во перспектива, во една од најугледните музејски институции на светот за која не е карактеристично да организира перформанс од такви размери, туку и стана сеприсутна на уметничката сцена, во медиумите и во популарната култура воопшто.

Од перформанс до филм

Ретроспективната изложба на Марина Абрамовиќ „Уметникот е присутен“, одржана од 14 март до 31 мај 2010 година, на њујоршката публика ѝ овозможи увид во четириесетгодишната кариера на оваа уметница. Освен архивските снимки, публиката можеше да присуствува на изведувањето на некои од најзабележителните перформанси на Марина Абрамовиќ за кои се ангажирани млади перформанс-уметници.

На првиот спрат од музејот се наоѓаше Абрамовиќ со своето најново парче „Уметникот е присутен“. Седејќи на столица, без вода и храна во текот на целото работно време на музејот, вкупно 736 часови и 30 минути, Марина ги дочекуваше посетителите на музејот, еден по еден, гледајќи ги право во очи во траење кое зависи од личната проценка на оној кој би се нашол пред неа. Овој, наизглед едноставен, но исклучително провокативен акт на директна комуникација очи во очи, која човекот од модерното време често ја избегнува и со која не знае како да се носи, се покажа како вистински магнет за публиката.

За три месеци, колку што траеше перформансот, Музејот за модерна уметност забележа една од најпосетените изложби во поново време, со преку 750 000 посетители. Меѓутоа, тоа што ја разликуваше оваа изложба од класичната ретроспективна е фактот што музејот понуди и опција за пренос во живо преку интернет портал и на тој начин оваа изложба можеше да ја следи секој кој тоа ќе го посака, каде и да се наоѓа во тој момент.

Перформансот „Уметникот е присутен“ му послужи како инспирација на Метју Ејкерс за снимање на документарниот филм за Марина Абрамовиќ, нејзиниот приватен живот и кариера, но и подготовката и реализацијата на ретроспективата во Њујорк. Централните теми на овој документарец се подготовка и организирање на ретроспективата која има за цел препознавање на перформансот како легитимна уметничка форма, еднаква со сликарството, театарот и другите уметнички жанрови.

Преку екстензивни интервјуа со Марина Абрамовиќ, која во чекор го следи изборот на млади уметници со кои ќе соработува за време на перформансот, нивните обуки и реализацијата на работата, Ејкерс на публиката ѝ отвора безброј врати, не само во животот и кариерата на оваа уметница, кои се општопознати, туку и во целокупната маректиншка и продуцентска машинерија која стои зад една ваква изложба.

Филмот кој својата светска премиера ја доживеа на Санденс фестивалот, а европската на Берлинале оваа година, ги подели мислењата на публиката. Оние кои ја почитуваат работата на Марина Абрамовиќ, во филмот ја препознаа својата дива, достапна, соголена, ранлива и харизматична во секој момент.

Фокусот на режисерот на посетителите на изложбата кои доживуваа емотивна катарза, седејќи пред уметницата во нем дијалог, без сомнеж остави силен впечаток на публиката и поттикна многумина подобро да ја запознаат оваа харизматична жена. Истовремено, другиот дел од публиката, во сеприсутноста на Марина Абрамовиќ во последните неколку години, препозна исклучителен степен на комерцијализација на нејзиниот труд, што донекаде влијаеше на промената на нивната слика за неа.

Комерцијализација

Одличен пример за уметникот како забавувач од висока категорија е годишната гала на музејот “Moca” во Лос Анџелес, за која беше задолжена Абрамович кон крајот на минатата година. Ако го земеме во предвид „Животниот манифест на уметникот“ кој Абрамовиќ го претстави во ноември во Лос Анџелес во Музејот на современата уметност, овој заклучок станува повеќе од очигледен.

Имено, галата која се организира на годишно ниво со цел да се соберат средства, ги собра членовите на американскиот, односно холивудскиот естаблишмент.
Гостите, вкупно 750, беа од светот на уметноста, глумата, модата и бизнисот, присуствуваа на спектаклот за кој беше задолжена Марина Абрамовиќ и на кој беа собрани два и пол милиони долари.

Значи, сите оние кои, како што самата уметница ги наведува во едно интервју, имаат доволно капитал да го поддржат уметничкото творештво и кои ги претставуваат покровителите на денешницата, присуствуваа на овој комерцијално-авангарден настан. Во текот на настанот, на кој настапија и Светлана Спајиќ и Деби Хери, заедно со неколкумина уметници што ја следеа, Марина Абрамовиќ го прочита својот манифест. Како што е истакнато во една од ставките во манифестот, „уметникот не треба од себеси да прави идол“.

Иако оваа ставка делува доста јасно и очигледно, сепак има свој контроверзен момент, пред се ако земеме во предвид дека Абрамовиќ се повеќе остава впечаток на рок ѕвезда со своите безбројни фанови, додека музеите ги препознава како храмови. Како што таа наведува во едно интервју, луѓето веќе не одат во црквите, тие одат во музеите, а во нив треба да бидат присутни уметниците.

Маркетинг, уметност и поп-култура

Случајот со сеприсутноста на Марина Абрамовиќ во различните видови на уметничкото изразување можеме да го толкуваме на два начини. Првото толкување е во врска со влијанието на медиумите и маркетингот во уметноста денес, како и забрзаната популаризација т.е приближувањето на уметниците и нивниот труд кон пошироката публика.

На тој начин, ликот и делото на Марина Абрамовиќ стануваат препознатливи и за јавноста која не е заинтересирана за перформансот. Заради тоа, многумина ја нарекуваат уметница која во значителна мерка го комерцијализирала својот труд во последните неколку години заради остварување на извесни лични цели. Многу јасен пример за комерцијализација во нејзината работа е годишната гала во Музејот за современата уметност во Лос Анџелес во ноември минатата година, додека друг таков пример е веќе споменатиот видео-спот на Ентони Хегерти т.е неговиот бенд кој пред извесно време беше прикажан премиерно.

Спротивно од опишаното, второто толкување е директно поврзано за нејзината исклучително богата кариера, како и повеќедецениското залагање перформансот да се препознае како уметничка форма која може и треба да стои рамо до рамо со сликарството и останатите убави уметности. Земајќи го предвид наведеното, таквата медиумска покриеност е повеќе од заслужена и оправдана.

Двете толкувања за присутноста на Марина Абрамовиќ денес се легитимни и во голема мерка се испреплетуваат, заради што е тешко да се донесуваат заклучоци, што е дури и исправно. Ако избереме да се фокусираме на зборовите на уметницата, нејзините напори перформансот да премине од категоријата алтернатива во мејнстрим на уметноста, тогаш себеси ќе си го олесниме донесувањето на одлуките.

Секое ново време со себе носи промени, од производствените и општествените односи, до користењето на новите медиуми за пренесување на пораки и комуникацијата. Со тоа, уметноста како огледало на општеството и оној негов елемент кој го преиспитува контекстот во кој се наоѓа човекот во одреден момент, исто така треба да остане отворен за промени.

На сите нам ни е јасно дека работата на Марина Абрамовиќ заслужува да биде признаена и доколку патот кон тоа е подобар маркетинг и поголема присутност во медиумите од една страна и трансформацијата на улогата на музеите од друга, во што вешто се прикажа, зошто да ѝ го скратиме правото на тоа и да ја обвинуваме за предавство на своите вредности?

Извор: http://www.vreme.com

ОкоБоли главаВицФото