Мед и млеко

31.10.2012 11:08
Новоговор: Мед и млеко

Ветувањето за тоа дека веднаш тука некаде зад аголот нè чека мед и млеко е дел од новоговорот од настанувањето на секој политички говор.

Во втората книга Мојсеева, на Евреите во Египет бог им ветува дека ќе ги насели „во земја добра и пространа, во земја во која мед и млеко тече“.

Држејќи го за збор, Евреите издржале четириесет години талкајќи низ пустина, и на нивна несреќа, го населиле Израел.

Но, она што во преводите на Стариот завет е мед, не е мед, туку сладок сируп кој се прави со мешање на сок од урма, смокви и грозје.

Ветувањето било дел од божјиот политички маркетинг.

Пчелата е еден од симболите на прастарата егејска божица која на разни места се појавува под различни имиња, како Господарка (Potnia) на Крит и во микенска Грција, Неит во Египет, Артемида во Мала Азија и Европа, Мелиса (Пчела)... Или како трикратна безимена божица која во Делфи имала свое пророчиште - кое го направиле пчели – многу порано пред да го преземе Аполон.

Оттука и потеклото на изразот кој и денес, не поврзувајќи го со медот, го користиме за оние кои нè заведуваат со убавиот говор - тие се слаткоречиви. А станале тоа затоа што кога биле деца на усните им слетала пчела.

Меѓутоа, слаткоречивоста на повеќе основи може да се поврзе и со дејствувањето на медовината, можеби најстариот алкохолен пијалак во историјата. Во старогрчкиот јазик така опстанал изразот за пијанство кој буквално значи „отруен од мед“, долго откако медовината како пијалак била потисната од виното.

Фараонот на Долен Египет ја носел титулата „владетел на пчелите“, а повеќе од две третини од зачуваните медицински рецепти од стар Египет се базираат на медот. Медот е принесуван како дар на боговите кои - кај Грците во секој случај - се хранеле со нектар, амброзија и мед.

Кога во 1804 година одлучил да стане цар, Наполеон на своето знаме ставил царски симбол, три пчели. Се верувало дека тоа е најстариот симбол на кралевите на Франките уште од Хилдерик, родоначалник на лозата Меровинзи од 457 година. Грешка: амблемот на Клодовик бил со три скакулци.

Тоа не им пречи на политичарите да ветуваат мед и млеко. Како да се крави и пчели, а не скакулци кои произведуваат само звуци.

Извор: vreme.com

Слика: Pawel Kuczynski

Слични содржини

Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор
Новоговор

ОкоБоли главаВицФото