Приватноста во различните култури

20.11.2012 10:25
Приватноста во различните култури

„Ми треба малку дистанца“,ѝ вели малата Кристина на својата мексиканска мајка. Таа ја повлекува ќерката кон себе, строго велејќи: „помеѓу нас нема дистанца!“ Таа сцена од американската комедија „Spanglish“ покажува колку е поинакво сфаќањето на приватноста во различните култури. Да се биде сам, да се развиваме слободно без другите да ни пречат - во западњачките култури приватноста е обичај и право. Во Германија приватноста се смета за простор во кој личноста може да се однесува слободно и лежерно, без другиот да може да гледа или слуша. Во САД приватноста е - „the right to be let alone“ - правото да нè остават на мира.

Контактни против неконтактни култури

Сите култури немаат исто сфаќање на приватноста. Истражувачите на културата ги делат земјите на таканаречени „контактни култури“, во чие средиште стои заедницата и „неконтактни култури“, кои ги одликува индивидуализмот. Холандскиот професор Герт Хофстеде веќе со децении ги истражува вредностите во културите ширум светот. За него, сфаќањето на приватноста зависи од индивидуализмот или колективизмот на културата. Не само тоа: „Колку приватност има некој зависи и од тоа колку има простор, и со самото тоа, богатство. Богатството доаѓа пред индивидуализмот“, додава Хофстеде.

Во контактните култури спаѓаат арапскиот свет, Латинска Америка и Јужна Европа. Во тие култури има многу блискост и телесен контакт помеѓу луѓето. Во неконтактните култури како што е Северна Европа, телесниот контакт се ограничува на најнеопходното. Хофстеде го нарекува тоа „угодна оддалеченост“, дистанца која луѓето ја одржуваат за да се чувствуваат пријатно.

Мигрантите ја чувствуваат разликата

Особено луѓето кои мигрираат во Германија ги чувствуваат културните разлики на полето на приватноста. Така вели и иранецот Ескандар Абади: „Во Иран е тешко да се повлечете во самотија. Дванаесет деца делевме две соби.“ Од друга страна, тврди Абади, во Германија сè има свое место и секој има своја соба. Кога Абади се сеќава на своето време во Иран, мора да се насмее: „Мајка ми ме посетуваше во мојата малечка студентска соба. И’ реков дека морам да учам, па седна и беше мирна. Една минута подоцна ме прекина и ме праша дали напредувам и дали ми треба помош.“

Кинеската Лин Фу, која дошла во Германија пред тринаесет години, ги забележува културните разлики кај својата шестгодишна ќерка: „Направи табличка на која пишува ве молам тропнете. Го закачи тоа на вратата од својата соба“, вели Фу. Во нејзината култура, такво нешто би било незамисливо. Сепак, Фу мисли дека тоа е интересно: табличката на вратата е симболичен гест според кој може да се препознае преминот на културите. Хофстеде го смета ова за таканаречен тригенерациски процес: „Првата генерација во најраните десет години од животот прифаќа одредени вредности, кои ги носи со себе низ целиот живот. Нивните деца, втората генерација, доживуваат два различни системи на вредности, дома и на училиште. поради тоа понекогаш се чувствуваат изгубено. Третата генерација е целосно приспособена на новата култура, иако во семејството постојат уште неколку традиции од старата култура“, вели Хофстеде.

Приватноста во меѓународниот деловен свет

Сфаќањето на приватноста во другите земји се гледа и во деловното секојдневие. Особено ако станува збор за меѓународни состаноци. Александар Грот, експерт за советување лица на раководни позиции учествувал на конференции ширум светот и може да зборува врз основа на сопственото искуство: „Мажите во Аргентина ви приоѓаат страшно блиску. Го чувствувате нивниот здив на своето лице и постојано ве туркаат“, вели Грот. За некој од северна Европа, тоа е многу непријатно. Во Индија му се приближувале уште повеќе: „Замислете дека индискиот колега ве води во ресторан и притоа ве држи за рака. Како Европеец, тоа ве прави многу нервозен“.

Во деловниот свет, интеркултуралната комуникација е пожелна тема. Бројни автори на книги за менаџмент, заедно со истражувачи на културата, настојуваат да истражат различни земји. Во меѓувреме, социолозите сè уште размислуваат за тоа што „приватноста“ воопшто значи. Не е лесно да се дефинира тој поим: „Приватноста е прилично суптилна, може да се мери само со телесно растојание“, вели Хофстеде. Дефинирањето на поимот дополнително го отежнува фактот дека приватноста се сфаќа различно не само од култура до култура, туку и од личност до личност. Поради тоа, американската професорка Џули Ц. Инес во својата публикација „Приватност, интимност и изолација“ тврди: Светот на приватноста е хаотичен.

Извор: Deutsche Welle
Слики: Geoff McFetridge