Жените заработуваат повеќе ако не работат „машки“ работи

27.12.2012 10:38
Жените заработуваат повеќе ако не работат „машки“ работи

Јазот меѓу платите на жените и мажите е поголем во професиите во кои половите се натпреваруваат, покажа ново големо истражување спроведено во дваесет развиени земји. Научниците од Универзитетот Кембриџ и канадскиот универзитет Лејкхед откриле дека жените подобро заработуваат кога се држат подалеку од деловните сфери во кои доминираат мажите.

Научниците сметаат дека овие изненадувачки и поразителни резултати говорат дека на жените им е полесно да дојдат до висока положба и да стигнат до врвот на структурата кога во конкуренција има помалку мажи. Таму каде што работат ист број мажи и жени и во доминантно машките професии каде што жените сакаат да напредуваат, тоа тешко ќе се оствари.

Истражувањето објавено во Sociology today е спроведено со намера да се споредат разликите меѓу платите на мажите и жените во различните професии. Судејќи според резултатите, жените и мажите најрамноправно заработуваат во Словенија, каде што жените заработуваат дури и нешто повеќе од мажите, а во Мексико, Бразил, Шведска и Унгарија заработуваат речиси исто колку мажите. Во овие држави мажите и жените работат во различни професии во поголема мера отколку во другите земји кои се земени предвид при истражувањето.

Во Јапонија, Чешка, Австрија и Холандија, жените и мажите делат исти професии во поголема мера, но разликите меѓу нивните плати се многу поголеми. Најлоша е ситуацијата во Британија, каде што разликата во платите е најголема од сите дваесет земји.

Авторите на истражувањето, професорот Роберт Блекбурн, д-р Џенифер Јарман и д-р Гиртс Рако, велат дека во професиите каде што има поголема вкупна родова сегрегација, има значително помала превласт на мажите во однос на заработката.

Извор: www.businessnewsdaily.com