Пара вести 2012 - Избор

02.01.2013 10:35
Најчитани пара вести на Окно во 2012

Ви претставуваме избор од дваесетина текстови од рубриката Пара вести кои се издвоија по својата читаност во изминатата 2012 година. Очекуваме и се надеваме на поубави (пара) вести во 2013.

Тодоров ќе испитува зошто се пијат многу антидепресиви

Министерот за здравство Никола Тодоров најави дека со повеќе здравствени институции ќе направат сериозна анализа зошто се зголемува употребата на лекови против стрес во земјава. Тој рече дека за овој проблем треба да се даде стручен одговор, кој ќе го добие во соработка со Бирото за лекови, Фармацевтската комора, Лекарската комора и лекарските друштва, односно дека со помош на овие институции ќе се обидат да ја најдат причината за зголемената потрошувачка на антидепресиви... (за да ја прочитате целата пара вест, кликнете на насловот)


Мендух Тачи под туш ја пеел „Македонско девојче“

Претседателот на ДПА Мендух Тачи доцна синоќа бил пријавен од соседите, затоа што во новиот стан во Чаир прегласно ја пеел народната песна „Македонско девојче“.
Полицијата неколку пати заѕвонила на неговата врата, но поради гласното пеење Тачи не го слушнал ѕвончето, па полицајците ја скршиле вратата, влегле во неговиот стан и го затекнале како под туш на цел глас пее: нема, нема, не ќе се роди, поубаво девојче, од Македонче.

 

Градот конечно на Груевски му додели плац на плоштадот!

Драмата почна на следниов начин: „Поради неспоредливи заслуги во уредувањето на нашиот антички плоштад и поради епохалните уметнички и архитектонски остварувања Градот Скопје и општина Центар, во знак на вечна благодарност, решија да ви отстапат една скромна парцела на просторот што е ваше животно дело, почитуван водачу“, му напишаа на Груевски неговите соработници и извршителите на грандиозниот проект СК014, градоначалниците Тодоровиќ и Трајаноски, и продолжија: „Поради вашите шестгодишни натчовечки напори секоја света педа на светиот плоштад да ја пополните со светиите на македонизмот, ние решивме, на своја рака, почитуван пастиру, не само да ви доделиме плац на плоштадот туку се обврзавме да ви подигнеме и една скромна куќа која еден ден, дај боже, ќе прерасне во Музеј на груевизмот“.

 

Ќе се гради аквапарк на скопскиот плоштад

Плоштадот Македонија ќе добие уште една нова содржина – аквапарк на 5.000 метри квадратни, а со неговата изградба ќе се комплетира замислениот изглед за овој јавен простор. Потсетуваме, на скопскиот плоштад веќе се поставени дваесетина споменици, а со планираното панорамско тркало, бродовите-сплавови и циркускиот шатор, кои треба да се изградат во текот на 2013 г., треба да се заокружи смисловната целина на овој дел од градот.

Авионско прскање против опозицијата

За претстојниот викенд во периодот од 00:01 до 23:59 часот на територијата на цела Македонија ќе се врши авионска деопозицисекција против сите припадници на опозицијата. Од Владата информираат дека е планирано да се изврши и теренскадеопозицисекција од 11 до 15 јуни во периодот од 00:01 до 23:59 часот.

Иванов ги открива најдлабоките космолошки тајни!

Откако претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, успешно го докажа македонското потекло на Свети Павле од Паљурци и на Драган од Охрид (морепловецот кој заедно со Колумбо ја открил Америка), научните и религиозните кругови во светот уште еднаш се протресени до дамарите од страна на екстравагантниот македонски претседател.

Имено, некни од кабинетот на Иванов до јавноста доплови (како орев на хартиено чамче, како што поетично се изразија во неговиот кабинет) уште едно сензационално откритие: името Македонија е создадено две илјади години пред создавањето на Светот!

 

Павел Шатев: Груевски со најголем рејтинг и во САД

Според анкетата на Институтот Павел Шатев, премиерот Никола Груевски има најголем рејтинг во споредба со сите останати кандидати за претседател на САД.
Акетата на „Павел Шатев“ е спроведена во период меѓу 16 и 19 март врз репрезентативен примерок од 1000 испитаници, по телефонски пат.

Грција ќе го признае името „Македонија“ за 100 евра месечно

Грчкиот премиер Лукас Пападемос денес соопшти дека конечно се постигна договор со Република Македонија околу признавањето на целосното име на нашата земја.
Според овој договор, уште од следниот месец Грција во Обединетите нации ќе ги повлече сите процеси околу правото на употреба на името „Македонија“, по што во ОН ќе се одржи седница на која дефинитивно ќе се усвои називот „Република Македонија“.

 

Груевски најавува контра-мерки против бугарското вето

На 12.12.2012, наместо за „крајот на светот“, многу Македонци се опседнати со „братско-сестринска“ Бугарија, односно, како да ѝ возвратиме на нејзините гестови на „романтична љубов“. Поточно, кои контра-мерки ќе ги преземе Македонија по ветото од Бугарија за ЕУ? Од извори блиски на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ дознаваме дека Грујо и бате Саше планираат да ги воведат следниве 12 контра-мерки по непринципиелното вето од „бате Бојко“ и „братувчед Росен“:

1. Отстранување на споменикот на Цар Самоил од „Грујоленд 2014“ и поставување на негово место на Василиј II Бугароубиецот.

2. Забрана за пеење на песната „Ранет ми лежи Тодор Александров“ и повторно воведување на неофицијалната химна на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ – „Девет Југовиќа“.

 

Студент по медицина паднал на испитот по фармакологија затоа што напишал рецепт со разбирлив ракопис

Студент по медицина од Медицинскиот факултет во Скопје паднал на испитот по фармакологија затоа што на практичниот дел од испитот напишал рецепт со разбирлив ракопис. Тој не го криеше своето незадоволство кога ни зборуваше за овој несекојдневен настан.

 

Автомеханичар закачил календар со слики од мртва природа

Драган Мајсторовски од Скопје, пред неколку дена закачил календар со фотографии од мртва природа на централниот ѕид од својата автомеханичарска работилница. Овој човек вели дека неколку месеци бил без календар и дека забележал дека луѓето збунето гледаат околу себе, за да го забележат датумот за сервис на нивниот автомобил.

 

Хулиганите однапред се извинуваат ако претепаат некој што не е геј

Хулиганите од Македонија денес издадоа соопштение во кое однапред се извинуваат ако за време на наредните недели претепаат некоја личност за која ќе се посомневаат дека е геј, а подоцна се утврди дека не е така. Во соопштението до медиумите хулиганите однапред жалат доколку се случи ваков немил настан и се надеваат дека граѓаните ќе имаат разбирање за таквиот пропуст.

 

Државен ресторан го промени маслото за готвење во фритезата по дваесет години

Државниот ресторан „Оаза на мирот“ од Скопје го промени маслото за јадење во фритезата по дваесет години, за време на прославата на дваесетгодишнината од постоењето на фирмата. Новото масло свечено го истури директорот на ресторанот Лазар Стипсаров. Директорот рече дека старото масло во фритезата за тој колектив стана повеќе од средство за работа и дека тоа веќе си го одработило своето.

Твитерашка имала секс

ленката на друштвената мрежа Твитер под име shmizzla_s имала сексуален однос ноќта помеѓу понеделникот и вторникот, дознаваат Пара вести. Според наводите на пријателите кои сакаа да останат анонимни, сè започнало кога shmizzla_s не се појавила на Tвитер цели 48 часа.

 

Сообраќајната полиција апелираше до возачите да не заборават на можноста за поткуп

Сообраќајната полиција утрово објави соопштение во кое ги повикува сите возачи во Република Македонија да не заборават на можноста „алтернативна понуда“ кога ќе бидат сопрени од сообраќаен полицаец на оние места на кои нема камери за надзор на сообраќајот.

„Сè повеќе возачи сакаат да ја платат казната за прекршокот што го направиле наместо да платат мито и да поминат неказнето“, изјави за Пара вести Милан Велковски, командир во сообраќајната полиција.

 

Открила дека освен на десктопот, постои простор и на хард дискот

Наташа К. (25) која работи како секретарка во една странска компанија, открила дека освен на десктопот, постои простор и на хард дискот од нејзиниот компјутер.

-Немав веќе простор на десктопот, каде ги снимав сите мои документи, слики и останати фајлови, па бев решена да купам нов и поголем монитор, што ќе собира повеќе информации. Ме фати паника кога се вратив од одмор, немав простор каде да ги префлам сликите од моето летување, вели Наташа.

 

На маскенбал курва се појавила маскирана во девојче

Според нејзините зборови, идејата за костимот ја добила кога на интернет случајно видела „една многу стара фотографија на Сузана Спасовска, од 2001 година, без деколте и без видливи препони.“

„Си помислив дека таквиот ретро стил би можела да го ископирам, па дури да бидам и поекстремна: да облечам некои фармерки, чевли без потпетици и некоја обична широка маица. Морав да одам на посебен шопинг, зашто такви работи во шкафот немам. Кога се погледнав себеси во огледалото речиси да не се препознав“, ни вели Хризантема.

 

Милијардерот Андреј Мељниченко на сопругата Сандра ѝ ја купил смислата на постоењето

Рускиот милијардер и бизнисмен Андреј Мељниченко, кој во 2008 година на својата сопруга Александра ѝ купи јахта од 300 милиони долари, овој пат одлучи да ѝ ја подари смислата на животот на својата сопруга.

-Ми беше многу тешко да одлучам што да ѝ подарам на Сандра, затоа што досега ѝ купив сè што може да се купи со пари, изјави рускиот милијардер. Еден ден се запрашав дали постои нешто што и недостасува на мојата сопруга и тогаш се сетив дека тоа е смислата на животот, додаде тој.

 

Мајка и син имале нормален разговор и сето тоа го снимиле со мобилен!

МВР извести дека Мирјана Атиновска се среќавала со својот 16-годишен син во еден скопски парк, каде што со него водела нормални разговори. Родителските моменти момчето ги снимало со мобилен, а на снимките се гледа како мајката му држи лекција по убаво однесување и го кара поради националистичките испади на училиште, за што добил и укор од класниот раководител.

 

Паднала на испит иако објавила десет статуси дека учи

Ѕвездана Ѓорѓиовска не го положила испитот по психологија, иако непосредно пред испитот ставила барем десет статуси на Фејсбук за тоа дека учи. Оваа студентка наведува дека не и јасно зошто го паднала испитот, кога сите нејзини активности на оваа социјална мрежа биле посветени само на учење.

 

Сè повеќе хипстери користат dial-up

Dial-up конекцијата, која се користеше за поврзување на Интернет пред појавата на ADSL-от, бележи голем пораст на популарност кај хипстерите во Македонија.

Показателите добиени од најновите истражувања сведочат за порастот на оваа застарена конекција, и тоа најмногу кај младите припадници на средната класа.

 

Се забранува секс после 19 часот

Пара вести дознаваат дека законот за забрана на продажбата на алкохол после 19 часот ќе биде проширен и на консумацијата на секс во истиот временски период, најави Министерството за внатрешни работи на Македонија. Од министерството велат дека ова е уште еден чекор кон ускладување со европските правила.

„Забраната на алкохол не е доволна, вечерниот секс исто така исцрпува, така што луѓето утредента тешко се будат и неволно одат на работа“, објаснуваат од министерството. „Во ЕУ оваа одредба донесе значаен пораст на ефикасноста и продуктивноста, така што, верувајте –оправдана е во целост.“

 

Полицијата спречи закажана тепачка помеѓу фановите на Епл и Самсунг

Полицијата денес успеа да спречи однапред закажана тепачка помеѓу фановите на Епл и Самсунг, која требаше да се случи на паркингот кај салата „Борис Трајковски“, а информацијата за тепачката произлезе од редовите на Епл фановите.

Како што дознаваме од извори од полицијата, на паркингот во 11 часот се насобрале околу 50 Самсунг и 30 Епл фанови. Многу од нив биле вооружени со стапови, камења и стари „Nokia 3310”, кои во споменатите хулигански кругови се сметаат за едни од најубиствените оружја.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото