Молкот на критичарите како подмолна закана

03.01.2013 10:08
Молкот на критичарите како подмолна закана

Дали рецесијата што ја живееме е само минлива епизода или одраз на длабоката, суштинска криза на капитализмот и либералната демократија? Многумина тврдат дека не се работи за епизода и дека на демократскиот капитализам навистина му помина рокот. За чудо или не, приврзаниците на оваа теза се воздржуваат од подробна и уверлива аргументација. Сепак, начинот на којшто ги перцепираат кризата и капитализмот укажува на неколку значајни недоразбирања.

Првото од нив произлегува од самото поимање на општествените кризи. Премногу често тие се дијагностицираат врз основа на утописката парадигма и идиличната визија за совршено и праведно општество. Се заборава дека несовршенството, недовршеноста, неизвесноста и постојаната борба со кризите (од овој или оној вид) се темели на општествената, но и на индивидуалната егзистенција.

Кризите на демократскиот капитализам всушност покажуваат дека се работи за поредок скроен по мера на човекот, значи за нешто што е далеку од совршенството и правдата, но е неспоредливо поподносливо од алтернативите што се тоталитарни, токму зашто тие тежнеат кон совршенство, трајна сигурност и егзактни одговори на сите прашања.

Само тоталитаризмот нуди среќа. Демократијата нуди само прилика. Прилика за секој да го живее својот живот според сопствената волја, мера и способност, со пресметана можност за неуспех и со обврска да ги почитува поинаквите индивидуални избори. Со други зборови, демократијата бара од поединецот да преземе одговорност, што подразбира неизвесност, а неизвесноста не е ништо друго туку состојба на постојана криза. Тоталитаризмот нуди извесност и слобода од секоја, а особено од моралната одговорност. Тоталитаризмот е привлечен, речиси еротичен бидејќи бара лојалност и љубов од поданиците. Демократијата е досадна процедура што трае во текот на вечна криза и не опстојува поради љубовта туку поради критиката и сомнежот. Кризите не се она најлошото. Опасен е занесот.

Второто недоразбирање се однесува на мантрата за таканаречениот неолиберализам, фантомски поредок што стана некаков вид негативен тотем. Нејасно е за каков „либерализам“ и за каква криза на либерализмот станува збор, кога во најголем дел од земјите државата има толкава моќ што создаде нелогични финансиски дефицити, со што всушност и е предивикана актуелната рецесија. Фактот дека државите трошат повеќе отколку што заработуваат – ако собирањето даноци можеме да го наречеме „заработка“ – секако дека не е последица на подивеаната пазарна слобода туку е свесна политичка одлука со која владејачките елити ја потхрануваа илузијата дека е можно да се живее и над можностите. Непоимливите износи на финансискиот дефицит се математички доказ дека актуелната криза не е криза на либерализмот туку криза на државата и нејзината ирационалност во господарењето со јавните пари.

Но, најмачното недоразбирање е, секако, од етичка природа. Уживањето со коешто разнородните противници на капитализмот ликуваат над неговата „пропаст“ и „потрошеност“ колку што е невкусно, толку е и неодговорно.

Ако капитализмот навистина е во судбоносна криза, тоа би требало да биде причина за паника, никако за радост. Би било хумано, рационално и етички да се размислува за негово спасување наместо да се тријат рацете, од едноставна причина што неговата пропаст би можела да уништи стотици милиони егзистенции и – како што и се случува секогаш кога затечениот поредок непромислено се отфрла – би можела да предизвика војни, револуции, страдање и смрт, а тоа е неспоредливо пострашно од невработените јавни службеници и неотплатените кредити. Невозможно е безболно да се демонтира капитализмот и да се замени со нешто подобро и поправедно.

Напредокот е секогаш бавен, речиси незабележителен, а нетрпеливоста во воспоставувањето на подобрувањата секогаш предизвикува уште поголемо зло. Дури и кога би постоела алтернатива – а критичарите на капитализмот всушност не нудат таква – застрашувачки наивна е помислата дека транзицијата од капитализам во некој нов и непознат „изам“ не би била апокалиптична. Дури и ако е возможен подобар поредок, ништо не е вредно за една едниствена човечка жртва. Би било површно да се обвинат противниците на капитализмот (само) за интелектуална нечесност кога го избегнуваат одговорот на прашањето: „Добро, со ова не сте задоволни, но каква (хумана) алтернатива предлагате?“ Нивниот молк изгледа како подмолна закана.

Слики: Метју Риџвеј

Извор: tportal.hr

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото