За какви дела зборуваат од ДПМНЕ?

07.03.2013 11:13
За какви дела зборуваат од ДПМНЕ?

До изборниот ден останува доволно и не се малку деновите да се повтори и да се каже нешто повеќе од слушнатото (мислам дека тоа треба да се прави и похрабро) пред граѓаните, зашто оваа власт и владеење треба да замине. Билансите што добивме, а што изгубивме со Груевски на чело треба објективно да ги направиме.Тие не само што не одат во негов прилог како премиер кој успешно преку своите „викачи“ (партијци, новинари, интелигенција, дел од црквата и МАНУ...) знаеше да ги напаѓа своите претходници, туку не одат ни во прилог на државата.

Ние, граѓаните и државата, заедно сите изминати години со Груевски и неговиот потесен избор на личности околу него не само што не сме тргнале кон модернизација на општеството, туку напротив, и она нешто што како база беше оставено од претходниците и нивните приврзаници е „поплукано“.

Зошто е тоа направено? Зошто се тргна кон „дела“ кои се само перде пред очите на македонскиот граѓанин? Зошто тие „дела“ им беа понудени како гума за спасување и лага дека ништо и не се случува во државата? Одиме ли напред со таквите дела кои им се нудат на граѓаните за да ги изберат? („Избери дела! Македонија живее со дела!“)

Не, зашто такви „занаетчиски“ проекти тешко дека ќе можат да ја крепат македонската држава. На нив гледам како на нешто со кое се купува време, се чека денот Д, се лажат граѓаните дека тие (делата на ДПМНЕ) се главниот проект од кој ќе се спасуваме сите заедно со државата и дека тоа е тоа. Нема проект, ниту очекувам парите кои власта безмилосно  ги троши за такви промоции за стореното (за мене „под пат - над пат“, т.е преживување) да бидат пренасочени кон важното за државата и сите кои живеат и се поврзани со неа.

Република Македонија, (Кавадарци е тука) и граѓаните живеат тука. На Балканот. Дадена ни е шанса.

Таа или се користи или се пропушта. Зависи само од нас, таа не може да зависи од друг. Точно е дека просторот Балкан оставил нешто за сите. Нешто што ако оние побрзо го напуштат, ќе ги влече останатите зад себе. Прво тоа треба да си го признаеме пред себе, пред да сакаме другите да нè признаваат и да престанат да ни држат „отворени прашања“. Како што држиме и ние за нив.

За која и каква Македонија зборуваме, господа, коишто правите и подржувате дела? Имаме реална држава. Сигурно знаете што е реално, што е фиктивно. Кога би бил песимист, а не сум, би помислил дека сакате и такви какви што ќе ги оставите (делата) да бидат за друг. Пу, пу, глува да е земја, зарем повторно без сопствена држава?! Ги одвраќам слободоумните дека не сакаат да живеат овде по секоја цена. Не сакаат секаква Македонија. Да, оние кои бараат нешто повеќе од тоа што значи родена земја. Постои надеж. Но,со овие ДПМНЕ дела, конечно – безнадежно.

Нема проблемите да ги надминеме со вакви „дела“. Нивните дела ќе бидат запишани во историјата на македонската држава како недела направени во време кога, ете, Македонците „доброволно“ (на проблематични избори каде зборот „фер“ го нема) си земале „пауза“. А времето гази, животот минува, додека трепнеш доаѓа часот кога на твоите и секој на своите нема да знае да им кажешто барал и што дал за својата држава.

Што остана за спасување во нашата мила татковина? Нашите економски и социјални биланси загрижуваат, нашиот меѓународен кредибилитет е нарушен, не сме ги увериле другите што ние всушност сакаме. Почнаа да се сомневаат во нас дека поделеноста внатре (во Македонија) е таква што може да ги загрози нашите аспирации и перспективи. Европски, нормално,  и атлантски. Граѓаните (така се „воспитани“ во овие седум години) мораме да ги убедиме дека нема да има ништо на повидок (па и за нивниот џеб) ако изборите и резултатите покажат ориентација поинаква од европската. Треба да им кажеме дека тоа знаеме да го правиме, за тоа има луѓе, приврзаници и дека мора да се обнови разрушеното, да се надомести пропуштеното.

Нивниот џеб нема да биде пополн, туку попразен како што гледаме сиве овие години кога државата се гради на митови, кога за „главно јадење“ власта преку владеењето им сервира секојдневно дела кои не само што го попречуваат развојот на македонската држава, туку и ја оневозможуваат да стане модерна држава.

Почитувани, ако успеете со помош на нас да сфатите, прифатите и признаете (пред себе) дека демократијата е важниот „леб“ за вас и вашето семејство, а после сето она што следи - а ќе следи без исклучок - ќе имаме шанси. Ние, вие и нашата Македонија. Без почнување на тоа ново ДЕЛО, сите си го губиме времето, а можеме да ја изгубиме и Македонија.

Звонко Каров, Кавадарци

Слика: Rob Snow