Зад тврдината

22.05.2013 12:11
Зад тврдината

ЖЕНСКО ПРАВО

Какво право е тоа
жената да не смее во небо да гледа
по ѕвезди да копнее
бидејќи децата ќе ѝ останеле гладни…
…да, гладни по бога…


БАЛАДА ЗА МАЈСТОРОТ НА МОСТОВИ

Сум ти била жена
А ти мајстор на мостови
Учењето за градбата
од многу мајстори пред тебе
си го стекнал
но не си го усовршил

Многу од мостовите ти се рушеле
Си доаѓал навечер нажален
Сум те тешела
Утре мостот ќе држи
Но твоите мостови не држеле
Премногу биле тешки
Гравитацијата ги влечела надолу
Калта, глината, каменот

Требало да се вгради нешто полесно
Нешто прелесно
Пердув можеби
Мисла за возвишеното

Години поминувале
Полека си го учел занаетот

Твоите претходни мостови
Оние помалите
Оние дрвените
Те пренесувале до селската шумичка

Таму си гледал како скока еленот
Со каква леснина го прави тоа
Си одел скришум
си го учел секое негово движење
секој негов скок
Колку лесно скока над водата
Над реката

Си сфатил зошто животните му требаат на човекот
Што од нив може и треба да се научи
Можеби грешка било
што прво си сакал да ги припитомиш
да ги присвоиш
да ги отуѓиш од самите себеси
да ги доближиш до себеси
да ги направиш поблиски до човекот

Си ги носел дома
Засолништа си им правел
за одблиску да им ја гледаш
вештината на скокот

Но тие да скокаат не можеле
Ниту пак знаеле
Како се скока во толку тесно
Како се живее толку неслободно
Толку неприродно

Можеби грешка било што си решил
да направиш шумска куќичка
повторно за одблизу да ги набљудуваш
да станеш дури уште спијат
и да ги фатиш неподготвени
или да бдееш над нив
над секое нивно движење
небаре тие со часови вежбаат за својот скок
без да знаат дека секој нивни скок
е всушност неповторлив
засекогаш запаметен во моментот
а избришан од нивните сеќавања
но затоа зачуван во твоите
Си се преселил сам
Без жена, без деца
за да научиш
како се живее во моментот
како се живее лесно
без товарот на мислата
без товарот на вината
дека скокот е несовршен

Во себе си го замислувал
совршениот скок
на еленот
со него си се поистоветувал
за од него да ја научиш
леснотијата на лакот -
основата за твојот совршен мост


ЖЕНАТА КОЈА СТИГНАЛА НА КРАЈОТ НА ПАТОТ

Жената која стигнала на крајот на патот
сфатила дека на крајот нема никој
никој неа не ја чекал
а таа ниту паметела
дека со некого
била договорена да се сретне

Таа само сакала да дојде до крајот на патот

Жената која стигнала на крајот на патот
сфатила дека од толкаво брзање
да го види крајот на патот
останала сама
без никој покрај себе

Од многу брзање сите зад себе ги оставила

Жената која стигнала на крајот на патот
сфатила дека таа и не се сеќава на патот
ништо не останало запаметено во нејзиното сеќавање
оти таа само на крајот на патот мислела

Почетокот на нејзиниот пат билa мислата за неговиот крај

Жената која стигнала на крајот на патот
сфатила дека треба да ги собуе обувките
ако нешто и останало од нив по толкавото брзање
и со исто толкава смиреност
колку што било и нејзиното итање
да се врати назад кај оние што ги оставила
и кои ја чекаат да се врати
по истиот тој пат


ЗАД ТВРДИНАТА

Да се урне тврдината, да се урне тврдината
ечи во свеста на многумина
што неа копнеат да ја освојат -
таа темна тврдина
но безглавиот поход
нив во мрачна ќелија ги фрла
и свои заробеници ги прави

само оној што знае
дека не мора да се умре
за да се остане жив
знае и дека не мора да се урне тврдината
за да се види
онаа што зад нејзините ѕидови
својата убавина ја крие
оти таа ќе ја напушти тврдината сама
во моментот кога ќе го сретне
оној што факелот го носи
за тврдината да ја осветли
и неа да ја види


ЗА ДУШАТА НА ОСВОЈУВАЧИТЕ

Она што ја предизвикува душата на еден освојувач
е копнежот по убавината
неговата варварска душа
копнее да се сретне со својата спротивност
неговата суровост копнее по длето
како кога ги гледал резбите
и се запрашувал која резбарска рака тоа го направила
а каменот како се вградил во некоја тврдина,
и како оној мост с
è уште стои
па наместо да оди во поход и да ги уништи
небаре така ќе ја разбере тајната на нивното создавање
одеднаш почнува да копнее
како да ја научи резбарската вештина
како да ја научи градителската вештина
вештината на правење мостови
та трга во поинаков поход
и со своето копје мост прави во воздухот
не за да погоди нечие срце
туку за да испрати порака
до мајсторот на тие вештини
дека доаѓа


ПРЕЛЕВАЊЕ

Мажот огнот првин го открил
тоа сјајно злато
и со златен факел
тргнал да ја бара
онаа која во водата се огледала
тоа чисто сребро
која од неа сребрен пехар создала
за во него да се прелее
течното злато


ОТКРИВАЊЕТО НА ЖЕНАТА

Жената е мистерија
најголемата мистерија
првин за себе а потем и за другите
не се знае дали нејзините деца се првите
меѓу најхрабрите
кои тргнуваат во поход по неа
испитувајќи го секој дел од неа
однатре
онадвор

Или можеби тој поход кон неа
веќе го сторил нејзиниот маж
за да ја открие во целост
секоја нејзина површина
секоја нејзина линија
секоја дамка
секоја бемка
и да ја проучи нејзината сенка
секое делче од нејзиниот грб,
од нејзиниот врат
од нејзината рака
од нејзината нога
небаре таа е неговиот аџилак
неговиот пат до бога

Слики: Joanne Nam

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото