Мали дози на ТНС можат да ги спречат оштетувањата на мозокот

08.06.2013 11:32
Мали дози на ТНС можат да ги спречат оштетувањата на мозокот

Иако марихуаната е добро позната како рекреациона дрога, во последнава деценија се направени и многубројни истражувања за нејзините терапевтски својства. Медицинскиот канабис често се употребува при лекувањето на хроничните болести, како на пример кај ракот, посттрауматските нарушувања, при отстранувањето на болките, несоницата, за недостаток на апетит и за најразлични други симптоми.

Професорот Јосеф Сарне од Центарот за биологија на зависноста при Универзитетот Аделсон во Тел Авив тврди дека канабисот делува и како заштитник на невроните. Тој утврдил дека многу мали дози на ТНС, писхоактивната компонента на марихуаната, го штитат мозокот од долготрајните когнитивни оштетувања на мозокот, кои можат да настанат како последица на хипоксија (недостаток на кислород), напади или редовна употреба на токсични лекови. Оштетувањето на мозокот може да доведе до невролошки нарушувања, кои можат да се манифестираат како лесни, но и како многу тешки когнитивни оштетувања.

Претходните истражувања биле изведени со давање високи дози ТНС во многу мал временски период, 30 минути пред или после оштетувањето. Моменталните истражувања на професорот Сарне, објавени во списанијата Behavioral Brain Research и Experimental Brain Research, покажуваат дека дури и екстремно малите дози на ТНС, кои се од 1000 до 10000 пати помали од содржината на конвенционалниот „џоинт“, дадени во период од 1 до 7 дена пред или од 1 до 3 дена по повредата можат да го поттикнат биохемискиот процес кој ги штити станиците на мозокот и ги заштитува когнитивните процеси со текот на времето.

Професорот Сарне тврди дека овој третман може да се применува при најразлични повреди на мозокот, особено заради големата временска рамка во која може да се делува со мали дози, и вели дека е целосно сигурен. За време на изведувањето на експериментите за природата на канабисот, било откриено дека мали дози на ТНС во голема мера влијаат на преносот на сигналите кај станиците, го спречуваат изумирањето на станиците и го поттикнуваат факторот за раст. По овие откритија следувале сериозни експерименти изведени со цел да се тестира невропротективното својство на ТНС како реакција на различните оштетувања на мозокот.

Во лабораторијата, научниците им вбризгале ниски дози на ТНС на глувците, пред и после изложувањето на трауми на мозокот. Контролната група глувци била изложена на повреди на мозокот, но без третман со ТНС. Од 3 до 7 недели по повредата, глувците кои примале терапија со ТНС покажале подобри резултати при тестовите за однесување, учење и памтење. Освен тоа, биохемиските студии покажале постоење на голема количина на невропротективни споеви во групата која била лекувана со ТНС, што не било случај со контролната група.

Заклучокот од истражувањето е дека употребата на ТНС може да овозможи долготрајна заштита од когнитивните нарушувања кои настануваат при оштетувањата на мозокот. Професорот Сарне го објаснува процесот на следниов начин: ТНС предизвикува моментално оштетување на кое мозокот реагира на тој начин што ги активира заштитните механизми со кои се спречуваат поголеми оштетувања. За поттикнување на овој процес неопходни се мали дози на ТНС, со цел да се спречат преголемите почетни оштетувања.

Соред професорот Сарне, постојат неколку практични предности при ваквиот начин на лекување. Поради големиот временски период во кој може да се дава терапијата, овој третман е корисен не само за лекување на веќе настанати оштетувања, туку и при превенција на оштетувањата кои можат да се случат во иднина. На пример, при операциите на отворено срце може да дојде до прекин на дотокот на крв во мозокот, па терапијата на ТНС може да биде превентивна мерка ако се примени пред интервенцијата. Исто така, малите дози на ТНС можат да бидат сигурен избор за пациентите со постојан ризик од оштетување на мозокот, како на пример епилептичарите или луѓето со висок ризик за срцеви удари.

Професорот Сарне и професорката Едит Хошхаузер од Рабинскиот медицински центар ја тестирале можноста за спречување на оштетувања на срцето со мали дози на ТНС. Прелиминарните резултати покажуваат дека ќе го пронајдат дејството на истиот заштитен механизам и при срцевата исхемија, состојба при која срцевиот мускул нема доволен проток на крв.

Извор: Wikimedia.org