Двоглавиот монструм

30.09.2013 08:34
Двоглавиот монструм

Груевски и Ахмети, толку се слични, а сепак толку различни.

Двајца луѓе, двајца газди на пропадната кафеана и цела држава на келнери пијаници.

Прават нарачки и не плаќаат, трошат и се караат, подметнуваат под маса, а цела држава им сервира и робува. Слични се овие двајца, колку и да се различни. Едно тело - две души, што би се рекло. Иста монета со две лица, его и алтер-его. Копродуцентско дуо кое прво од една херпесоидна демократија нѐ однесe до хетеродиригиран тоталитаризам.

Би биле совршени да се едно суштество, макар и двоглаво, ама ете, раздвоени се од раѓање и ништо на овој свет не може да направи да водат заедничка и кохерентна политика.

Едниов газда – номинално, по титула премиер, одамна заборави на својата државничка функција. Неговото тело се претвори во мистична духовна креација која ги лови неправдите врз Македонците и ги билда нивните митови.

Овој вториот газда, нешто попрагматичен, се задоволува со материјалното, територијалното и земското. Тој се храни на рушевините на првиот газда, кој решил кафеаната да ја претвори во општа калакурница.

И, така, чекор по чекор, не одат еден до друг, туку еден позади другиот, постојано си се бркаат, па се испреплетуваат, а се наоѓаат само кога парите треба да се поделат.

Првиот газда стана економски промотор, вториов дипломатски промотор. Првиов оди во Америка и ОН, го напаѓа цел свет и држи лекции за принципиелност, вториов, нешто подоцна, тргнува во дипломатска мисија да види колкава е направената штета и сметката за плаќање.

Првиов се занимава со антиката и со минатото, седи во кафеаната и со години му продава приказни на пијаниот народ како нашата големина е во нашата мизерија. Одвреме-навреме, ќе чeсти и по некоја чашка, чисто да не изветрее пијанството.

Вториов глуми загриженост за иднината, тој нѐ напојува со вода и горки пелинковци, како работава не оди, ама од правење газда во кафеаната ни случајно не се откажува.

Првиот зборува како Македонците нема никогаш да се преименуваат, дека не може да се смени идентитетот, вториов ни кажува дека сме блиску до решение и дека за идентитетот повеќе не се зборува.

Кога овие двајца би биле еден човек, би морале да му констатираме тешка форма на шизофренија. Но, државата и светот не ги интересира дали е еден или се двајца, нашата политика и нашата држава дејствуваат шизофренично и вака и онака.

Некои велат дека Ахмети полека му ја краде премиерската функција на Груевски. Некои пак дека имаме двајца премиери. Јас мислам поинаку.

Македонија денес се наоѓа во тажната состојба да нема премиер, има само двајца политички лидери на кафеански банди, и прават сè, освен водење политика. Двајца кафанџии, двајца неодговорни лидери со своите две банди на силеџии, и останатата пијана кафана која се наоѓа пред целосно пропаѓање.

Да бевме демократија ќе мораше да се секираме како да ја излечиме или отрезниме оваа двоглава и малцинска власт која нѐ упропастува. Не заборавајте, оваа власт се одржува на малцинството Македонци и малцинството Албанци, кои го малтретираат и се изживуваат врз мнозинството. ДПМНЕ и ДУИ владеат со 400 илјади гласа, а ние останатите, не знаеме точно колку, ама најмалку еден милион и двесте илјади, сме гости во сопствената земја, во нивната кафеана. Но, бидејќи не сме демократија, тука сите сме за лечење.

И затоа повеќе не верувам дека во Македонија постојат две фракции, две Македонии, две спротивставени страни. Не, постои двоглавото и насилно или поткупено малцинство на двајцата кафанџии и останатото мнозинство на уплашени и опиени клиенти во кафеаната. Првиве се луди ама организирани, гладни за моќ и богатење. Овие вторите се збунети, поделени, помирени дека не можат да излезат од зачадената кафеана, или, пак, апатични оти мислат дека ништо друго не постои.

Но, нешто постои, а тоа е токму оваа суштинска ништожност, која е најопасна, затоа што од ништо се раѓаат најголемите чудовишта.

Ете, тоа е можеби најдобрата дефиниција за овој монструм од двоглава власт.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото