Со велосипед по кејот

26.02.2014 10:32
Со велосипед по кејот

Патувајќи од Лондон пo Темза, Англичанецот Џером К. Џером го напишал евергринот „Тројца в чамец, а за песот и да не говориме“, Американецот Марк Твен го опишал животот долж тивката река Мисисипи, a јас вчера се прашав зошто да не напишам репортажа патувајќи по Вардар низ срцето на Скопје?

Се разбира, Вардар не е пловен, но скопјани повеќе од 20 години се горди на неговото регулирано корито крај кое, по насипот, или непосредно до реката може да се оди или да се вози велосипед. И така, скокнав на мојот „Маунтин бајк“ и се спуштив долу под мостот на „Обединетите нации“ кај Влае. „Мостот на Обединетите нации“ - звучно белосветско име за мостот на кој едвај се разминуваат два градски автобуси! Но, да не заборавиме, пред 30 години овој град беше граден со помошта на 83 држави во светот, па мостот го заслужува тоа име, дотолку повеќе што на него денес се разминуваат белите возила на Унпрофор!

А под него некогаш минуваше теснолинискиот пионерски воз со кој од станицата „Стив Наумов“ во паркот, се одеше до Сарај - излетничко место и крај на светот за тогашните деца. „Ех, еден ден - велеа старите скопјани - можеби прогресот ќе придонесе градов да се спои со соседното гратче Ѓорче Петров...“ И тоа чудо се случи.

Веднаш откако ја минав населбата Карпош 4 и пол , кај Стара Телевизија, почнува пејзаж сличен на оној на Месечината: големи наслаги песок и камени блокови донесувани од секаде, помешани со урнатините уште од земјотресот. Тука и таму по една база за цемент на нашите градежници. Од левата страна на Вардар низ еден висок слап се цедат водите на Лепенец што се влеваат во поголемата река. Веројатно сликата би требало да биде живописна на пролет кога има повеќе вода.

Меѓу месечевиот пејзаж на десниот брег на моменти се зеленеат малите приватни бавчички како сопственост на руралниот дел оджителите на Карпош. Тие мали оази на домати, краставички, лукчиња и кромитчиња сѐ повеќе ги голта бетонот и песокот со кои треба да се подигне нивото на земјата. Овде реката прави една голема меандра така што на просторот помеѓу Вардар и булеварот „Илинден“ еден ден ќе може да се изгради уште една огромна населба како цел Карпош или Тафталиџе.

Веќе сум под мостот кај Базенот и Воената болница, па почнуваат местата на некогашните плажи: Руска, Војничка, Градска... Денеска нема ниту трага од нив, останал само ситниот песок под пожолтениот пиреј. Тука сретнувам неколку „рекреативци“ што трчаат во тренерки крај реката. Горе е секогаш бучниот пат што скопјани од некои причини го нарекуваат “Тетовска трошарина“, пат вдлабнат во глинест терен. Од спроти е и големата карпа од која со Тарзан фризура и тарзански извик некогаш скокаа во Вардар младите чаирчани.

Непосредно до пешачкиот мост што се наоѓа под Француски гробишта, здогледувам мала чергарска населба: шатори од ќебиња и даски. Околу населбата прибрани предмети од сите контејнери во градот. Во реката ловат риба две црни деца со сламени шапки, како Том Соер и Хаклбери Фин.

Од таа страна е и зградата на Старото Сајмиште, која во 50-тите беше со години недоизградена, поради тоа што тонеше, потоа имаше краток среќен живот како саемска зграда и ресторан „Златен брег“ по кој, еве, одново е напуштена - изгорена од некаков пожар.

Широките гуми на мојот велосипед веќе не се пробиваат низ чакалот. Откај кафеаната „Опатија“ започнува најпрвин бетон, а потоа плочник. Веќе сум на оној дел од кејот на Вардар со кој скопјани се гордеат. Се сетив на нешто што сум го напишал за потребите на една ноќна програма:

Зар се тоа само ѕидови на недоверба спрема реката,
Камени окови ѕидани со страв од нејзиниот ненадеен бес?

Овде најчесто се сретнуваат љубовни двојки, па го подигам погледот кон Музејот на Современата уметност, сместен на ридот, со симболика која треба да докаже колку е далеку модерната уметност од народот, а потоа во скопското Кале кое очекува подобри времиња за да биде проучено и реконструирано.

Веднаш кога ќе се мине под мостот „Гоце Делчев“ од десната страна се издига натур-бетонското здание на поштата кое ја олицетворува визијата на Олдос Хаксли за „Прекрасниот нов свет“ во кој луѓето немаат чувства и се раѓаат во лаборатории слични на нашата Пошта.

Од тука Кејот станува посебно раскошен и широк за да го покаже древниот Камен мост во сета должина на неговите 11 арки. И за него имам пригоден стих:

Стамен, со дух на грацот вѕидан во темелот
Тука е да пркоси на сѐ што тече и се менува.

Кога ќе се мине Новиот мост со високите канделабри што потсетува на лондонските мостови, Кејот одново станува обичен, што значи освоен од пожолтената трева, застаклен од фрланите шишиња и напуштен од метлите на „Комуналец“.

Под мостот на Револуцијата, во темнината се притаила уште една мала чергарска населба, чии жители имаат поглед на Академијата и Македонската радиотелевизија. Плочникот и овде е од убавиот травертин, но плочките се во бедна состојба низ целиот пат што води околу старото живописно Маџир-маало.

Состојбата е посебно впечатлива кога ќе се мине под железничкиот мост. Велосипедот тука минува низ вистинска авантура пробивајќи се низ грмушки, песочни предели и напуштени домашни животни.

Кај пешачкиот мост што ја врзува населбата Острово со индустрискиот дел на градот, Вардар е посебно тивок. Но тоа е вода каква ја има шанецот на куќата Ашер, вода од која се појавуваат скелети на автомобили. Натаму кејот е едноличен, но чист. Од насипот се наѕираат високите згради на населбата „13-ти ноември“. На затревените површини крај Вардар тука се сретнуваат и стада овци во пролетните денови. Ceгa кејот е пуст. Само по некој рибар од таа страна на Вардар упорно очекува од реката да му ја прекине здодевноста на принудниот одмор.

Бодликава жица со столбови како во Аушвиц го дели кејот од базата на „Гранит“ кај населбата „Јане Сандански“. Излегувам со велосипедот веднаш по мостот кај Ново Лисиче.

Ете, тоа беа моите доживувања од една маршрута достапна за секој граѓанин. Можеби еден ден ова ќе биде исто така еден документ за тоа како изгледала регулацијата на Вардар па и самиот град со неа, кон крајот на 20-тото столетие. Можеби еден ден овој град навистина ќе слезе до реката и ќе почне да живее со неа. Кај нас сѐ завршува со „можеби еден ден...“

Извор: А, списание за култура на просторот, 4/1994.

Слични содржини

Уживање / Спорт
Јавни Простори / Скопје 1963-2013

ОкоБоли главаВицФото