1034 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 04:59
Постои ли справа верна како куче, нечујна како пума во џбун, сигурна како штаерски коњ, складна како виолина на Амати? Второ прашање: постои ли механичка справа чија работа предизвикува контемплации, нè уверува дека сме апсолутно здрави и, на крај, дека со нејзина помош сме постигнале внатрешна хармонија?
Сето тоа постои во една справа наречена велосипед или точак. Ако на верниот читател, склон на уживање, му се причинило дека писателот на овие редови претерува, не погрешил. До тоа доѓа заради убедувањето дека кој еднаш ќе ја проба уметноста на уживање во велосипед, никогаш веќе нема да му падне на памет дека другите хобија се посеопфатни (па макар и да се).
Велосипедот, како и многу значајни работи, е откриен во ренесансата. Наводно, Леонардо прв нацртал велосипед – секако, нешто слично на денешниот поим за тој апарат за поврзување на човечките мускули и механичките склопови. Всушност, велосипедот во овој облик е смислен пред околу сто години, за сè до денешен ден едвај да ги промени основните технички својства. Сепак, два изуми биле клучни: едниот е лагерот за синџир, а вториот се пневматските гуми. Токму поради тие две несродни супстанци – мешавината на нерѓосувачки челик и гумата напумпана со застоен воздух – велосипедот се смета за најефикасна справа измислена во историјата. Во поглед на односот меѓу бруто тежината и брзината, велосипедите се поефикасни од тркачки автомобил и воен авион. Еден велосипед овозможува возење од илјада километри за еквивалент на енергија од неполни два литри бензин.
Меѓутоа, сето тоа не би било доволно велосипедот да стане идеално хоби. Јасно е дека во оваа приказна не се работи ни за детски велосипед, ниту за велосипед за шампионите на „Тур де Франс“, иако и за тоа ќе стане збор, туку за средно сериозен „повеќебрзинец“ за патувања на релации од 50 до 100 километри во еден ден (вистинското уживање се случува на таа релација). Слично на зен будистичката пракса, а се осмелуваме да кажеме и во љубовното искуство, велосипедот го сублимира чувството на уживање, спокојство и исполнетост. Раѓа фикција на летање и бесконечна слобода. Кој ниеднаш не се возел на отворен пат, далеку од домашниот праг, никогаш нема да дознае зошто во разните јапонски вештини се зборува за тоа дека справата е само повод, или средство, а целта е самиот човек во борбата со самиот себе. На долгите возења се губи чувството за механика; велосипедистот стекнува необјаснива увереност дека шиба како некој седечки орел.
За својствата на велосипедот би можело многу да се зборува, а засекогаш да остане тајна зошто ниту еден велосипедист не сака да признае ниту една мана на ова хоби. На пример, писателот на овие редови никогаш не го доживеал како неприлика качувањето по брдо, туку како подготовка за фуриозното спуштање низ падината, при што се укинува чувството за простор и време, а неврозите паѓаат како калта од тркалата; вистинска сторија за борбата меѓу доброто и злото сведена на поимот за искушение.
Се разбира, велосипедот и е корисна направа. Во последните сто години, користен е како превозно средство, како војничко орудие, како тркачки коњ, селско животно за тегнење и како врвна шминка. Најмногу се употребува во најразвиените и најмалки развиените држави. Тоа значи дека и кај нас наскоро ќе биде главно превозно средство. Неговата најважна пазарна особина е дека може да чини колку и комплет книги за прво одделение во основно, но и многу повеќе, дури незамисливо многу. Заради тоа претставува идеално средство за социјално спојување и раслојување. Може да се вози цел живот, па и тогаш кога едвај се стои на нозе. Заради тоа велосипедизмот е еден од најпрофитните спортски бизниси. Никогаш не пропаднала ниедна фабрика за велосипеди, а вкупната заработувачка во светски рамки е поголема од сите спортски индустрии. Заради тоа производителите го третираат велосипедот како предмет на врвно уживање. Тоа е воочливо и на најевтините модели. Оние скапите имаат таква технолошка обработка и шминка што се употребуваат и фарови од злато, свилени седишта и благородни легури премачкани со бои за вселенски бродови. Секој што држи до себе нема да се задоволи само со фабричка серија. Ќе бара изработка на рам според анатомските својства, рачно изработено седиште и вкупна тежина едвај поголема од чевли број 45.
Се разбира модните лудости доведоа и до „планински“ модели, но тоа е уживање во кое не сме се впуштиле. Како што се гледа, упатени сме само на претпоставката дека во изработката на велосипедот се споени искуствата на холандските обработувачи на дијаманти, левантинските трговци и читателите на авантуристички романи. Заради тоа може да се случи велосипедот да се користи и како реквизит за модни ревии, како украс во стан и како „глумец“ во филмовите на Жак Тати.
Лекарите препорачуваат како идеално рекреативно средство и рехабилитациско средство. Велосипедистот ја воедначува работата на срцето и белите дробови, ги хармонизира движењата и го урамнотежува метаболизмот. Само по три месеци тренинг, обичниот граѓанин добива желба да отпатува на олимписките игри. Сепак, најважно е чувството на внатрешното прочистување и неограничен дијалог со себеси и природата како таква.
Што се однесува на писателот на овие редови, тој не само што вози велосипед од чисто задоволство, туку со иста страст и чита и пишува за велосипедот. Во филмот „Брод на лудаци“ се вели дека за сè се виновни велосипедистите и Евреите. Тоа беше шега, а вистина е дека велосипедистите се најбројниот народ во светот, а кога ќе се најдат на едно место изгледаат како масонска ложа на излет додека ги изведуваат своите ритуали на отворен пат и под капата небеска. Доколку некој ми предложи подобро хоби, радо ќе го усвојам, но се плашам дека трудот ќе биде залуден. Во овој случај и не се работи за вистинско хоби, туку за уметност на уживањето.
Слики: Henri de Toulouse-Lautrec
Извор: Vreme