Доктори по цензорски науки

12.06.2014 10:48
Доктори по цензорски науки

Поплавите во Србија однесоа преку педесет човечки животи, направија штета од две милијарди евра, ја покажаа неспособноста на Владата, а од поплавените подруми, заедно со кабастата стока, на светло го извадија стариот Александар Вучиќ, во сите аспекти на неговиот претходен политички идентитет. Тоа најдобро може да се прочита во манипулацијата на медиумите и нивната цензура, која бранот поплави ја доведе до драматична црвена линија, заради што реагираше Дуња Мијатовиќ, претставничка на ОБСЕ, задолжена за слобода на медиумите. Таа на конференцијата во Стокхолм изрази загриженост „заради трендот на цензурата во Србија изминатата недела“. Притоа мислеше на неколку случаи на цензурирање содржини на блоговите „Druga strana“ и „Teleprompter“, како и на отстранувањето на текстот на новинарот Драган Тодоровиќ од сајтот „Blic“, во кој заради катастрофалната работа за време на поплавите, го повика премиерот Вучиќ да поднесе оставка. Потоа беше објавен прогласот „Во лицето на цензурата“ кој го потпишаа десетици блогови, портали и поединци. Клучното барање на овој проглас беше „крај на цензурата и почеток на одговорноста“. Медиумите под контрола на премиерот Вучиќ истовремено почнаа пресметка со потписниците на прогласот, подбивајќи се со претставничката на ОБСЕ и очигледно сугерирајќи дека таквите облици новинарство и требало да бидат цензурирани и дека цензурата е неопходна за до крај да се изведе европската реформаторска мисија на премиерот и неговите високообразовани министри. Меѓутоа, цензурирачкиот тренд продолжи и во неделата попладне на 1 јуни, кога на сајтот Пешчаник беше објавен текстот со наслов „Како до докторат? Лесно. Случајот на министерот Стефановиќ“. Имено, двајца доктори (др. Углеша Грушиќ и др. Бранислав Радељиќ) и еден докторант (Слободан Томиќ) од англиските универзитети, се позанимавале со оваа проблематика, преиспитување сомнителни дипломи, како еден од актуелните проблеми на високото образование во Србија. Прв на ред бил докторскиот труд на актуелниот министер за полиција, Небојша Стефановиќ, новопечен доктор од Универзитетот Мегатренд, кој оваа ласкава титула ја доби во јуни минатата година. Излезе дека тоа е невралгична точка на власта. Веднаш по појавувањето на овој текст на Интернет, започна хакерски DOS напад на сајтот Пешчаник. Набрзо, повеќе не беше можно да се отвори овој сајт и да се прочита текстот за училишните денови на др. Стефановиќ.

Премиерот Вучиќ жестоко реагираше кога претставничката на ОБСЕ ја предупреди светската јавност за новиот тренд во Србија, но притоа не се осврна на својот скандалозен третман на медиумите и опструирањето на дистрибуцијата на вистинити информации за внатрешната состојба во земјата. Напротив, негираше каква било цензура, објаснувајќи дека сето тоа е реакција на доследната надворешна политика на Србија, сакајќи да каже дека некој го нарушува тешко стекнатиот меѓународен углед на Србија, затоа што Владата не се согласи да воведе санкции за Русија. Ваквото извртување тези, за кратко ја смири домашната јавност, меѓутоа, испливувањето на вистината за плагијатот на докторската теза на неговиот министер Стефановиќ доведе до ескалација на нова цензура на мрежата. Како и да е, Пешчаник беше турнат, а министерот за полиција се најде во незгодна ситуација, не знаејќи како да реагира, затоа што токму неговиот ресор за сајбер криминал ќе мора да се занимава со овој настан. Ако сака да биде консеквентен, мора да спроведе истрага и тоа најпрвин за хакерските напади, кои секако дојдоа од адреса на специјален тим на Владата, односно СНС, за вонредни ситуации кога на Интернет некој изнесува критички факти за премиерот Вучиќ. Тогаш, ќе мора да направи уште еден чекор, т.е да истражи зошто е направено тоа. На тој начин секако ќе дојде до приказната за својот докторат. Во текстот што ја предизвика оваа бура, ќе наиде на прекрасно извршена работа, затоа што авторите на текстот многу прецизно ги детектирале оние места каде препишувал, предупредувајќи на литературата од која „преземал“, односно крадел. Имено, авторите на текстот ја утврдиле следната дијагноза во докторскиот труд на министерот: „Докторатот на министерот Стефановиќ изобилува со плагијати. Додека одредени делови од неговата дисертација се буквално копирани од туѓи трудови, без соодветно наведување, другите делови се од мозаички вид“.

Министерот Стефановиќ пријави теза од омилената област на нашите политичари, менаџмент: „Новата улога на стратегискиот менаџмент во управувањето со локалната самоуправа (пример, градот Белград)“. Меѓутоа, излезе дека министерот Стефановиќ не само што препишувал туку и ја утнал темата, затоа што студијата на случај Белград не се ни споменува во докторатот. Авторите на текстот со право истакнуваат дека полагањето на испитите и научното истражување во периодот додека Стефановиќ раководел со седниците на Собранието на Србија, биле физички невозможни. Сепак, Стефановиќ „успеал“ да докторира во рекорден рок. Ова не е вообичаено во Српската напредна партија, затоа што и Томислав Николиќ исто толку „успешно“ дипломираше среде изборна кампања. Може да се каже дека ваквите нешта не можат да се бранат со други средства освен со цензура. Меѓутоа, проблем е европскиот курс на Владата кој забранува посегнување по такви облици за вршење на власта. Заради тоа, Владата употребува суптилно заплашување на граѓаните и медиумите. Од една страна, ги апси оние кои „креваа паника“ на Фејсбук за време на поплавите, додека, од друга страна врши притисок на омбудсманот Саша Јанковиќ така што го суспендира продолжувањето на договорот на неговите деветнаесет соработници. Објаснувањето зошто се прави тоа го даде претседателот на Административниот одбор на Собранието на Србија, Зоран Бабиќ. Тоа гласи „омбудсманот требало да покаже повеќе разбирање за загрозените од поплавите“. Во превод, и омбудсманот, и блогерите и независните медиуми треба да му посветат поголемо внимание и љубов на премиерот Вучиќ, затоа што во спротивно или можат да бидат цензурирани или можат да добијат ќотек. Нека бираат кој метод им е подраг. Дотогаш, Владата ќе ја спроведува својата популистичка политика која засега успеа да ги мобилизира широките народни маси, но и интелектуалците од таканаречената прва и втора Србија. Во таа нова национална синергија, ваквите случаи за гушење на медиумите очигледно претставуваат само добар повод за шега.

07.06.2014

Извор: http://pescanik.net/