Деспинување на еден спин

08.10.2014 08:28
Деспинување на еден спин

Спинот е дел од пропагандата и претставува омилена алатка на политичарите (посебно оние кои веќе се наоѓаат на власт). Во моментот кога поголем дел од медиумите во една држава се поставени во зависна улога или во многу тесна врска со владејачката структура, спинот станува основна алатка на политичкото делување. Во ситуација кога спинувањето станува редовна алатка на политичкото делување и политичката борба, мора да се развијат методи за деспинување, со цел да се избегне опасноста илјада пати повторуваната лага да стане – „вистина“.

Не секој спин треба да се деспинува. Имено, има незначајни спинови кои немаат суштинско влијание врз јавното мнение. Меѓутоа, има спинови кои претставуваат дел од поширока кампања и кои создаваат многу погрешен став кај голема група луѓе. Овие спинови мора да бидат деспинувани од страна на медиумите кои ќе го идентификуваат спинот.

Еден од најефикасните начини за деспинување е соодветна анализа на спинуваната вест, идентификување на фалинките (вградената дезинформација или дури и отворена лага) и презентирање не само на вистината, туку и на евентуалното прекршување на правото кое се прави со и преку спинот.

Само како пример ќе го земеме спинот за трошењето на парите на Фондацијата отворено општество Македонија, кој пред извесно време се појави во повеќе медиуми, а кој не беше, или не беше соодветно, деспинуван (еден од малкуте обиди да се деспинува, макар и како дел од една поширока анализа беше направен во колумна за Утрински весник, потоа пренесена во други медиуми).

ПРВИОТ ДЕЛ ОД СПИНОТ е поврзан со прашањето: Каде отидоа 92 милиони евра на Сорос? и со веднаш дадениот спин – одговор: ако се земе во предвид дека конкретни проекти јавноста не виде, или “Невладина и медиумска мрежа наместо проекти- Кој ги “лапаше“ парите на Сорос?“.

Наједноставен начин за деспинување на горното тврдење е едноставното набројување на сите проекти кои ги поддржала или, пак, ги спроведувала фондацијата и сите материјални донации за конкретен период. Само како пример:

-1993 – меѓу другото: пополнување на библиотечниот фонд на училиштата, опрема за факултети (фармација, земјоделство, електро-техника, шумарство, медицина, …), потрошен материјал и опрема за болници, опрема за Академијата на науки, за музеи, театри … Најголем дел од парите во овој период се потрошени на хуманитарна и медицинска помош

-1994 – меѓу другото: компјутери за средни училишта, обука на наставници, опрема за заштита на националното богатство, поддршка на бегалците од Босна и Херцеговина, медицинска опрема, …

-1996 – меѓу другото: помош на факултетите (книги, опрема, финансирање на конференции и посети на научни случувања), поддршка на библиотеки, формирање на првата интернет мрежа на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, медицинска опрема и потрошен материјал за болници

(…)

-2007 – меѓу другото: подобрување на условите за живеење на Ромите, зачувување на живото наследство

(…)

-2009 – меѓу другото: самовработување на млади, развој на рурални подрачја, помош на мали фармери за зачувување на семејните земјоделски имоти (источен и централен регион во Македонија), поддршка за жените во руралните подрачја, поддршка на занаетчиите од Берово, …

(…)

Посебно важен аспект на деспинувањето во овој, а и во наредните делови е наведувањето на полниот назив на фондацијата. Поврзувањето на фондацијата единствено со името на Сорос, ја заматува сликата на комплексноста на нејзиното делување и начинот (изворите) на добивање на средствата со кои понатаму се финансираат конкретните проекти.

ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СПИНОТ се однесува на замислените активности и инвестиции кои би можеле да се направат со овие пари, или: Што можеше да се направи со парите на ФООМ? Поголем дел од медиумите кои го шират спинот посочуваат конкретни активности и конкретни вложувања во кои можеле да бидат искористени парите на Фондацијата (на пример: автопати, изградба на Технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), фабрики.

Деспинувањето на овој дел треба да се направи со повикување на Законот за здруженија и фондации.

Според Законот за здруженија и фондации:

Правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.
Организациите се независни во управувањето, определувањето и остварувањето на целите и дејностите утврдени со нивниот статут во согласност со Уставот и закон.
Актот за основање на фондацијата содржи цели на фондацијата.
Со статутот се уредуваат – целите на фондацијата и дејноста со која се остваруваат целите на фондацијата.

{Се поставува прашањето со кое право медиумите се мешаат во слободното определување на целите и дејностите на една фондација, доколку тие не се спротивни на законите и уставот? И со кое право бараат од фондацијата да делува спротивно на актот за основање и статутот со кои има стекнато правен легитимитет во Република Македонија? Самото мешање и повикувањето фондацијата да делува надвор од усвоените акти, претставува закана и отежнување на делувањето на легално формираната фондација и треба да биде соодветно санкционирано.}

Организациите не можат да се основаат за стекнување со добивка.

{Поттикнувањето на една ваква организација да ги вложува средствата на начин кој претставува остварување на профит, а отворањето фабрики по дефиниција е токму тоа, односно, медиумското барање овие средства да бидат потрошени на активности кои не се предвидени како цели на организацијата со статутот и програмата, претставува поттикнување на прекршување на законите и како такво треба да биде санкционирано.}

ТРЕТИОТ ДЕЛ ОД СПИНОТ се однесува на вреднувањето на намените за кои се потрошени дел од парите на Фондацијата. Во неколку од медиумите многу директно се посочува дека станува збор за “Буквално фрлени милиони на безвредни портали“.

Деспинувањето мора да се движи по линијата на граѓанските и политички права и основните слободи гарантирани со меѓународните договори, кои ги има ратификувано Република Македонија (и со тоа прифатено како дел од националната легислатива). Имено, негирањето на различноста (макар и партиска), навлегува во областа на негирање на плуралитетот како фундус на демократијата.

ЧЕТВРТИОТ ДЕЛ ОД СПИНОТ е најверојатно и оној најсировиот и најлесен за деспинување: Сорос во Mакедонија потроши 92 милиони евра, ич ќар за државата.

Во деспинувањето треба да се укаже на проектите, кои претставуваат поддршка и ќар за државата и кои како такви се или поддржани од државата или прифатени како донации или, пак, се дел од партнерскиот однос меѓу фондацијата и државата. Само како пример:

-2007 Иницијативата за ментално здравје која ја имплементира Министерството за труд и социјална политика. / Тренинг политиките за државните службеници, проект кој го имплементира Агенцијата за државни службеници

-2009 Образование за сиромашни, проект во кој партнер организација е Министерството за образование и наука. / Кривично-правната реформа, која се прави во партнерство со Министерството за правда.

Деспинот мора да го опфати и елементот на давачки. Имено, потполно неточно е дека државата нема никаков ќар од спомнатите милиони евра. Дури и ако ги тргнеме на страна сите проекти, стипендии, обуки, курсеви и директни материјални вложувања, останува фактот дека НА СЕКОЈ ПОТРОШЕН ДЕНАР СЕ ПЛАЌААТ СООДВЕТНИТЕ ДАВАЧКИ ЗА ДРЖАВАТА. Ова е посебно важно затоа што практично без исклучок во земјите-членки на ЕУ не само што фондациите се ослободени од истите тие давачки, туку дури и донираните средства служат како основа за ослободување од данок! Со упорното оданочување на донираните средства, Македонија влегува во групата земји предводени од Русија.

ПЕТТИОТ ДЕЛ ОД СПИНОТ се однесува на градењето впечаток дека станува збор за узурпирање на државата од некој надворешен ентитет (според некои медиуми Македонија е веќе 21 година запоседната од Сорос).

Деспинувањето мора да сврти внимание на законските можности кои ги има државата во однос на надворешни ентитети, што ги кршат законите и не го почитуваат националното и меѓународното право. Значи, или станува збор за прекршување на законите (и тоа мора да биде соодветно процесирано и санкционирано), или, пак, станува збор за клевета (или набедување дека некој сторил кривично дело без да постојат основи за вакво тврдење).

ШЕСТИОТ ДЕЛ ОД СПИНОТ е нешто што, исто така, бара посебно деспинување. Имено, финансирањето на меѓународно признати невладини организации како Human Rights Watch никако не може да биде разбрано како негативна компонента од аспект на начинот на трошење на парите на пошироката (светска сцена) и покрај негативната конотација која е дадена во контекст на целиот спин-текст.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Dan McPharlin