Бизнисмен купил мал градски автомобил

14.10.2014 09:54
Бизнисмен купил мал градски автомобил

Скопје, 14 октомври 2014

Марко Стојковски, бизнисмен од Скопје, вчера купил автомобил марка „Киа Пиканто“, прв автомобил со должина помала од 3,5 метри кој го вози некој богаташ во Македонија.

Оваа вест вчера ја пренесоа сите регионални медиуми, а Стојковски ексклузивно за Пара вести ги објасни мотивите за оваа негова постапка.

„Сакав да земам нов автомобил кој троши малку и е практичен за возење низ град. Кога човек ќе ги пресмета сите заштедени пари, испаѓа дека овој автомобил е идеален за такво нешто“, објаснува Стојковски.

Поради својата одлука тој наишол на огромна осуда од страна на неговите најблиски.

„Ова е најголем срам за мене и целото мое семејство. Повеќе не смеам да ги погледнам во очи луѓето на улица, бидејќи цело Скопје знае дека син ми ја вози таа конзерва која не може ни да се нарече автомобил. За тие пари можеше да купи BMW 320 од 1984 или пак Мерцедес SE од 1981. Тоа се автомобили во кои секогаш можеш да поминеш по улица и гордо да го погледнеш комшијата о очи, или пак да ѝ довикнеш на некоја девојка низ прозорецот. Која женска сега ќе го погледне, која ќе му влезе во тој изрод од кола? Ќе ми ја сотре лозата“, тажно раскажува Ристо, таткото на Марко.

„Повеќе не смеам никому да кажам дека го познавам. Да облечеше женски фустан и така да се прошеташе на улица Македонија, не би се изрезилил до толку. Таквите луди идеи можел да ги најде само на Запад, таму има мажи што возат такви смешни автомобили. Го прашав зошто го купи тоа чудо, а тој ми зборува за некакви цифри, калкулации и заштеда. Па јас две години спиев покрај баба ми во кревет за да заштедам за мојот џип Мицубиши Пајеро од 1992“, признава Влатко, најдобриот пријател на Марко.

Во дневниот весник „Сноб“ денес излезе оглас во кој пишува дека цел град колективно се откажува од својот сограѓанин Марко Стојковкски, а меѓу потпишаните на огласот се наоѓа и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Извор: www.njuz.net