Маж преку интимни фотографии ја документира битката на неговата сопруга со ракот

08.11.2014 14:50
Маж преку интимни фотографии ја документира битката на неговата сопгруга со ракот

Се случила љубов на прв поглед кога Анџело Мерендино ја сретнал Џенифер, која подоцна станала и негова сопруга. Пет месеци по нивната венчавка, на Џенифер ѝ бил дијагностициран рак на дојка. Набрзо по нивната прва годишнина, по двојната масектомија, хемотерапија, радијација и конструктивна хируршка интервенција, докторите соопштиле дека Џенифер се ослободила од ракот.

Но, само неколку месеци подоцна, тие откриле дека ракот метастазирал во нејзиниот црн дроб и коските. Двајцата сфатиле дека колку и да се загрижени нивните роднини и пријатели, и колку и да сакаат да помогнат, всушност немале поим низ што поминува оваа двојка, па решиле да ја документираат борбата на Џенифер со ракот преку интимни фотографии. Мерендино покажува колку е точна веќе клишираната изрека дека една слика вреди илјада зборови, преку неговите моќни фотографии од кои зрачи силна емоција.

„Моите фотографии го прикажуваат секојдневниот живот. Тие го хуманизираат лицето на ракот, преку ликот на мојата жена. Го прикажуваат предизвикот, тешкотијата, стравот, тагата и осаменоста со која се соочивме, со кои Џенифер се соочи, додека се бореше со болеста. Најважно од сè е што фотографиите ја покажуваат нашата љубов. Овие фотографии не нè дефинираат, но тоа сме ние“, ги објаснува Анџело неговите фотографии.

Иако приказната на Џенифер не завршува онака како што сите би посакале - со победа над ракот - нејзината храбра борба може да им пружи олеснување на други пациенти кои се борат со смртоносната болест. Анџело ја основал организацијата The Love You Share за да им помогне финансиски на жените и нивните семејства кои се борат со рак на дојка. Фотографиите од борбата на Џенифер со ракот ги собрал и ги објавил во книгата „Битката што не ја избравме: борбата на жена ми со ракот на дојка“, а приходите од продажбата ќе одат за неговата организација која им помага на жените.

Повеќе за приказната на Анџело и Џенифер можете да прочитате на неговиот блог, а доколку сте во можност, можете и да донирате средства преку страницата на The Love You Share.

Извор: Viralnova

ОкоБоли главаВицФото