С.О.С(К)

07.02.2015 15:50
С.О.С(К)

Современото структурирање на Скопје започнува по Втората светска војна, а градот својата експанзија ја доживува после земјотресот. Во 1945 година градот брои 82.000 жители, во 1961 година 170.000 жители, за во 1980 година достигнува 410.000 жители. Дотогаш целосно се урбанизирани големи делови од градот: Аеродром, Лисиче, Чаир, Карпош, додека други делови, како на пример Ново маало и Маџар маало, се сосема отсутни од времето. Населбите Тафталиџе и Влае се делумно започнати и ад хок надополнувани. Градот до ден денес е неоформен,незавршен, просто измешан во просторот и времето.

За да се осети неговата поставеност најверодостојно ќе биде едно пешачење од населбата Ѓорче Петров до Аеродром. На тој пат ќе сретнеме целосно отсутни целини, кои на ваков или онаков начин влијаат на различните животни услови и реалности.

Од улицата Социјалистичка зора одиме по тротоарот долж булеварот Партизански одреди; потоа фаќаме правец преку улицата Аминта, за оттаму да се приклучиме кон булеварот Јане Сандански. Така движејќи се наидуваме на различни градски визури кои го менуваат урбаниот интензитет. Во делот на Карпош зградите се згуснуваат и тоа траекако што се одикон центарот на градот, за кулминацијата да се доживее во делот на Универзалната сала (улица 29 Ноември), каде просторот најмногу се редуцира а градските содржини почнуваат да се мешаат една со друга. Потоа влегуваме во центарот (денешниот партиски вилает) накитен со кичерај, надополнет со сокаци, воскреснати и боемски. Низ ГТЦ, преку затворена пешачка зона поминуваме покрај Градскиот зид од кадеизлегуваме во Ново маало. Ова маало е еден просторан вакуум, исполнет со живина и макадамски стази, по кој инстинктивно мораме да ја избереме насоката за да стигнеме до новата железничка станица, кадеќе го завршиме нашето градско движење.

Доколку од една страна ги гледаме остатоците од руралните пејзажи во градското ткиво, од друга страна јако е влијанието на современата архитектура зачната во 70-итеи 80-ите години. Иако често е во конфликт со контекстот таа сепак се издвојува со својата оригиналност и преку еден вид пластичностму пркоси на секогаш одново започнувачкиот град. Солидните градби какоАрхивот, гимназијата Никола Карев, Драмскиот театар, Соборниот храм, Поштата, ГТЦ , СОК... се среќаваат долж нашето пешачење.

На некои од овие архитектури се повикува и режисерот Манчевски кој преку кадри во Пред дождот ги снима токму скопските урбанитети кои слабо комуницираат со новоструктураниот модернизам, заради нивната неповрзаност со околниот контекст. Веројатно ненамерно ги прикажува со њу ејџ музика во позадината.

Токму оваа урбана материја која се создава во тој модернистички период, ќе успее да ги постави темелите на современата македонска архитектура и да се наметне како симбол и во современиот европски свет. Типичен пример за тој синхроницитет со Европа е и македонскиот брутализам, кој се инспирира од македонскиот фолкор. Тоа е правец кој се раѓа во 70-ите години и културолошки е близок на западната капиталистичка цивилизација (иако тогаш Југославија и Македонија, во нејзините рамки, е независна социјалистичка земја, надвор од западниот блок). Ново Скопје имаме и многу други модерни архитектонски примери на контекстуализмот, структурализмот, маниризмот итн.

Оваа архитектура од тој период е значајна и е пред своето време. Додека растевме во неа никогаш не успеавме да ја прифатиме, можеби зашто таа никогашне беше довршена. Се создадоа кубистички населби кои во отсуство на конзистентност ни задаваа визуелен конфликт. Затоа овие живеалишта не успеаа антрополошки да ни наметнат некаков сроден стил на живеење.

Значењето на овие изолирани градби кои се најдоа во новосоздаденото Скопје, се чини, неможе да се процени ни ден денес. Експресивноста на оваа архитектура добива на значење дури во денешната ера и со помош на интернетот, каде преку својата иконографија и оригиналност овие градби успеваат да ги воодушеват и заинтересираат архитектите ширум светот. Тоа наше културно богатство кое некогаш се пренесувало од генерација на генерација, денес се шири од континент на континент. Зданијата како Универзитетот, Студентскиот дом, МНТ, зградата на Телеком, а исто така и Македониумот, Костурницата (кои не се во Скопје) во последните неколку години постојано се интерес на истражување и студии на најпознатите светски институти и универзитети.

Затоа мораме да најдеме начини да ја заштитиме модерната скопска архитектура, а притоа таа да може и да се продолжи, надополни, за да се комплетира самата по себе.

Битна работа би претставувало и групирањето на сите дела кои се со особени вредности, за да може да се започни процес на заштитата и обнова. Преку надлежните институции: Факултетот за архитектура, Архитектонската комора, Здружението на архитекти, оваа проблематика мора да се наметне при секторот за заштита на културното богатство на Европската унија и со тоа да се издејствува дополнителен услов за влез на Македонија во ЕУ. Услов со кој ќе мора да се гарантира и почитува опстанокот на културното и историско наследство.

Еднаш заштитени овие градби ќе мора да поминат процес на реставрација, преку посебен буџет кој може многу лесно да се издејствува преку европските фондови кога е во прашање заштитата на наследното добро. Европа е пред сè тоа, ентитет на традиција, на културната надградба и на креативните достигнувања.

Со овој процес ќе се збогати и универзитетската платформа преку правецот во реставрација на современите објекти, каде би се изнашле начини за третирање на современите техники на градби и заштита на истите од тој период. Реставрацијата на бетонот и адаптирање на функционалноста би биле исто така многу битни. Одличен пример за тоа може да бидат студентскиот дом Гоце Делцев и универзитетот Св.Кирил и Методиј, кои би се реставрирале без да се уништи нивната вредност и оригиналност.

Сето ова културно богатство е веќе 30% уништено како последица на проектот СК014. Други 30% осакатување се предвидени и со новите ноншалантни зафати меѓу кои спаѓа и ГТЦ.

Битен јазол исто така се уништува пред наши очи, кој е симбол на плоштадот, една од ретките градби која долго време егзистира во нашиот центар. Дуетот дејци на зградите кои сега се нарекуваат Сити галери, Брезовскии Злоковиќ, иако творат во различни периоди, компактно се надополнуваат. Пред очи ни се осакатии зградата на Владата, некогашната ЦК.

Ова е причина заради која ќе мораме да интервенираме и до Обединетите нации и Унеско.

Целово богатство имавме прилика да го прикажеме ина светско ниво преку минатогодишното Венециско биенале. Иако претставивме една хронолошка презентација на современо Скопје (на школски начин), не успеавме да се носиме со јачината на проблемот кој произлезе токму како последица од уништувањето на нашиот оригинален модернизам. FUNDAMENTALS (Основи) беше воедно и тема зададенаод кураторот Рем Коолхас. Објектите што ги прикажавме на светот делумно беа веќе уништени а никој за тоане дозна. Не се дозна ни за поделениот град, ни за политичкиот фундаментализам како психо(патолошки) феномен на узурпација. Колку да потсетам: токму архитектонскиот тертман на продлабочениот политички проблем на Кореја го доби овогодишното гран при.

И овојпат, како многупати до сега, се премолча урбаниот геноцид врз Скопје и врз Македонија!

Сиве овие модерни креации на скопската современа архитектура некому се свиѓаат, а некому не; но лесно е сите да се сложиме дека тие градби се посебни и оригинални дела кои како такви тешко би можеле да се најдат на кое било друго место во светот.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото