Бетмен Велит и ефектот на сварена жаба

10.02.2015 13:41
Бетмен Велит и ефектот на сварена жаба

Грујо сака ние полека да се навикнуваме на лошото, тоа да ни станува новото нормално.

Некои кретени од типот на Ванковска и Бетмен Велит сакаат да ни го одземат најкорисното во вакви црни сценарија на злобните тенденции на злобните владетели, а тоа е шокот т.е. шокираноста како состојба на свеста! Да се биде шокиран од нешто лошо и да се биде правопропорционално шокиран врз основа на силината на глупоста, престапот, злоделото, е еднa од најздравите реакции и рефлекси на едно човечко битие, а кумулативно тоа заедно како заедница на сите индивидуи и на едно цело општество и држава.

Диктатурата всушност сака да ја столчи таа појава, тој рефлекс, тој феномен - шокираноста. Таа, шокираноста, те блокира, те алармира, те разгневува, стопираш сè што работиш, креваш глава, мислиш, следиш, анализираш и следи реакција. Ако нема шок, ќе нема ни реакција, ни мислење, ни следење, ни анализа на она што се прави лошо во една земја. Затоа Грујо до сега немаше потреба од цврста диктатура со масовни апсења, тепања и убиства - тој го зароби шокот како одбранбен механизам на сите нас. Ние повеќето си тераме по старо како ништо да не било, иако во минатото се случија многу настани што заслужија големи количини шокираност.

Како го направи тоа Грујо, како ни ја одзеде и пригуши шокираноста како рефлекс? Преку медиумската пропаганда, преку контролата на медиумите и преку тргањето на маргините на објективните креатори на јавно мислење. Во тоа се подадоа - што би рекол Фрчко - разни луѓе кои имаат симпатии кон оваа власт и кон нејзината наводна кауза, а имаат реална или нереална аверзија кон опозицијата? Тие имаат право да имаат симпатии и аверзии, но сепак тоа не им е алиби да замижуваат, па дури и да учествуваат во кршењето на основните начела на една нормална држава.

Сите тие помогнаа кон она што се нарекува ефект на варена жаба. Пред неколку години се навикнавме прво на големите медиумски буџети на Грујо кој си ја плаќа пропагандата со милиони евра годишно, па се навикнавме на Скопје 2014, та, демек, сосема нормално било да се трошат стотици милиони евра за споменици и фонтани, па се навикнавме дека е нормално да ги снемува еден по еден критичките медиуми, па комичните емисии, па дека е нормално да не се оди на интервју кај критички новинар, па дека е нормално да не се оди на дебати, па дека е нормално да се носат автобуси од Пустец, па дека е нормално буџетот на владејачката партија за избори да е 10 пати поголем од оној на опозицијата, и законите да не важат за владејачката партија, па дека е нормално да се казнуваат критичките новинари со дебели казни и најновото - да се казнува лидерот на опозицијата за клевета затоа што открил аудио касети со коруптивни и криминални дејствија на владетелот. И сега најновото кое ни се заканува е да се навикнеме дека е сосема нормално власта сите да нè следи 24/7.

Шокираноста во западните демократии е позната како ПАБЛИК АУТКРАЈ, и преведено значи колективен плач, колективен вресок. Сигурно има цела наука за тоа, но за еден здрав колективен вресок потребно е здраво општество со здрава медиумска сцена, вистински интелектуалци - што значи храбри, достоинствени, одговорни, умни. Ние имаме дел здрави медиуми и дел здрави интелектуалци и јавни фаци, но има и ептен гадни медиуми и ептен гадни шљамови од т.н. интелектуалци и сосема промашени јавни фаци, и овие вториве се засилени од власта, а првите за жал се тргнати на маргините, загушени, потиснати.

Што е следно? На што следно ќе нè навикнат, а ние нема да се шокираме ако ова им помине? Дека е нормално еден по еден да нè снемува во ноќта? Кој ќе јави ако некого од нас снема, го изеде мракот? Кој медиум ќе јави, кој експерт ќе излезе на главните телевизии да нè брани, или пак ќе биде тоа акција за решавање на наводна шпионажа и државно предавство со цел одбрана на земјата? Што ако почнат да нè решаваат и малце погрубо со шлепери како што правеше Слобо? Или пак ако почнат да нè фрлаат во ископани дупки по планини, како што му се случи на Иван Стамболиќ по наредба на Милошевиќ? По десет години му ја најдоа само левата патика во една шума...

Денеска гледав документарец за Лукашенко. На едниот од опозициските лидери му одредил казна затвор од 8 години со принудна работа во некоја белоруска вукојебина. На жена му ѝ дозволил да го гледа еднаш годишно. Го малтретирал во затворот со тоа што му ставил цимер човек заразен со ХИВ вирус и плус депресивец склон на самоубиство, па често си ги сечел вените и целата ќелија била со крв за да го заплашат човекот деќа ќе се инфицира со ХИВ, како да не е малку што го затвориле на правдина и го одвоиле од семејството и му го уништиле животот?! На тоа ли треба и ние да се навикнеме?!

Луѓе, освестете се, ова веќе станува лудо што ни се случува, одамна е така. Не се заебавајте! Лефтерната денешна реакција на неодговорните шутраци од типот на Бетмен Велит кој денешната афера со прислушкувањето ја прогласи за мачкина кашлица, пичкин дим, кур се тресе у ладна вода, е уште еден обид да ни го уништат рефлексот на шок, и да нè остават да се вариме постепено како жаба во врела вода, додека еден ден не се разбудиме во тотално и целосно грозно параноично сјебано Труман Шоу општество од типот на Белорусија и Северна Кореја и тогаш рефлексот нема да ни биде од корист, само ќе можеме да пробаме да избегаме од земјата или да полудиме или да се фрлиме од некоја карпа или мост.

Чукнете ја главата, луѓеее!!!

Мактел, 10.02.15.
Слики: Свирачиња