Коцката е фрлена

06.05.2015 15:51
Коцката е фрлена

Ако некој до синоќа имаше надеж дека политичката криза во Македонија, вака или онака, ќе може да заврши по мирен пат, по она што се случуваше пред зградата на Владата во доцните вечерни часови во вторникот на петти мај, сè повеќе е јасно е дека разрешницата ќе биде насилна. Бев и видов силен набој, страшен гнев, висока агресија и жестока репресија од страна на полицијата. Регистрирав сцени на полициска бруталност кои доскоро ги имаше само на телевизиските извештаи од странство. А богами и почувствував на сопствена кожа како изгледа удар со полициски пендрек. На своја 50-годишна возраст да доживеам вакво „огнено крштевање“ можеби и не е за некоја фалба, ама уште помалку е за срам. Бев и добив ќотек заедно со оние што заслужија да бидам со нив. И повторно ќе бидам таму. На улицата која го носи називот на најголемиот македонски слободарски празник – Илинден. Забеганата власт која сатрапски го присвојува Илинден силувајќи го називот ВМРО, веројатно заборавила дека главното мото на илинденците било – подобро ужасен крај, отколку ужас без крај.

Синоќа пред стиропор-барокот на Илинденска без број, се случи ужас, кој неминовно ќе заврши со нечиј крај. А сите ние добро знаеме чиј.

Полицаецот кој го напушти кордонот и аплаузите и гушкањата од граѓаните кои ги доби за тоа, или децата на некои поддржувачи на власта кои учествуваа на протестите, му дадоа особен белег на синоќешниот петти мај на Илинденска. Испишаа некоја нова страница во македонската борба за демократија и некои нови стандарди за она што го нарекуваме и го чувствуваме како слобода.

Ги ислушав вчерашните „бомби“ и, повеќе немам намера да бидам конструктивна со претставниците од власта и да им давам совети и предупредувања. Тие веќе не се моја власт, не се мој народ, не се мои сограѓани. Тие се багра. Тие се орда безумници, стадо измамници, група криминалци и збирштина од манипуланти. Како такви, од вчера ТИЕ се мои непријатели. Колку сакаат можат да инфилтрираат провокатори во нашите редови (а синоќа забележав и таква група насилници кои без никаква причина агресивно јурнаа кон припадниците на МВР), колку сакаат можат да ја подбуцнуваат полицијата против нас, колку скааат можат да блујат лаги и гадости на нивните комесарски портали, сепак, крајот е близу.

Бев пред Собранието на „црниот понеделник“, бев со студентите кога се поставуваа темелите на автентичниот македонски граѓански отпор, бев во Професорскиот пленум кој спонтано застана зад нивните барања за автономија на универзитетите, бев и со новинарите кога се бунтуваа за нивниот затворен колега, бев со генералот Стојанче Ангелов кој протестираше против медиумскиот мрак на јавниот сервис – МРТВ, бев да го „гушкам“ ГТЦ, бев и со хонорарците и со средношколците. Сега сум со моите граѓани во последната битка со граѓанските непријатели и душманите на мојата држава. И ќе останам до последната трошка надеж дека нешто ќе се смени на подобро во мојата земја.

Од синоќа, македонскиот Рубикон е преминат. Враќање назад – нема.

П.С. На полицаецот кој ми го врати мобилниот телефон, срдечно му се заблагодарувам.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографии: Кире Галевски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото