Братска (и сестринска) поддршка на радикалната левица

23.11.2015 02:25
Братска (и сестринска) поддршка на радикалната левица

Значи, вториот „терористички“ напад по инцидентот во Диво насеље што ни се случува сега, и на кој безмилосно ќе бидеме изложени во следниот период, секако, за да ни се оттргне вниманието од вистинските проблеми и од суштинските реформи што треба да се случат, е планот „Б“ -

„федерализацијата“. (Како опција сигурно постојат и план „В“, „Г“, „Д“ !)

Нема крај на теророт, малтретирањето на граѓаните во Македонија. Не можеме да дојдеме до здив, да се избориме за пристоен живот. Не можеме да земеме здив, и буквално, а не само метафорички!

Простаклук на сите нивоа, низок менталитет кој од една страна е „нормален“ бидејќи секојдневно се практикува, а од друга страна, од голем дел од популацијата се игнорира како да не постои.

Мои колеги не кажуваат ништо во знак на протест против културолошкиот суицид кој се одвива со анти-проектот Скопје 2014, и покрај тоа што знаат дека е така, ама затоа ја шират македонската култура низ разни светски центри. Побргу ќе се воздржувам од учество во изложби и проекти и на овој начин како сега ќе бидам присутна на сцената, во ова прекрасно друштво на отпорот, отколку да барам средства од ова и вакво Министерство за култура, а за возврат да молчам! Не разбирам како е возможно да се нема минимум скрупули, минимум чувство за национална култура.

Радикалка!

Да, де. Нема правда - нема мир!

Само радикално движење, движење кое од корен ќе ги зафати сите наши проблеми, бидејќи до срж и на своја кожа веќе сме ги почувствувале сите болки, ќе има ефект. Без бегање од проблемите, без нивно потиснување, ами со директно соочување. Само правилно да се канализира тој револт! А тоа веќе се случи! Да! Фактички, целата оваа година се одвива(ше) тој процес. Затоа сега ги носи плодовите, во форма на нови општествени структури, нови центри на моќ, кои, како лавината, или, побргу, како лавата, ништо нема да може да ги сопре во понатамошните акции!

Секогаш се изнајдуваат решенија во историски моменти, само ако сме храбри и искрени до крај! Во овој момент тие прогресивни сили ја опфаќаат таа нова енергија, за нов зафат во следната фаза, а за тоа веќе постои критична маса! „За оваа генерација никој нема слух, оти оваа генерација, од една страна растеше во нихилизмот на транзицијата, но од друга страна израсна во аристократска генерација, образована, политички писмена и самосвесна. Затоа ним им е туѓ 'елитизмот' на СДСМ, исто колку и 'патриотизмот' на ДПМНЕ. И таква генерација сега ни треба – аристократија на духот, левичарство во умот! Можеби прв пат во Македонија се раѓа автентична левица, калена во суровите транзициски услови. И таа и таква отворена, умна, либерална, но и јасно идеолошки профилирана генерација мора да ја донесе трансформацијата.“ ( Т. Стојанов)

Но, не станува збор само за промена која треба да се случи заради незадоволството, кое е огромно кај нас, туку и промена која интерферира со светски процес! „Што се случува тогаш со суштинските вредности на либерализмот: слободата, еднаквоста итн.? Парадоксот е во тоа што самиот либерализам не е доволно силен да ги сочува од фундаменталистичките напади. Фундаментализмот е реакција – лажна и секако залажувачка – на вистинскиот недостаток на либерализам и поради тоа либерализмот секогаш одново го генерира. Препуштен на самиот себе, либерализмот полека ќе се урне, а единствено нешто што може да ги сочува неговите суштински вредности е обновената левица. На либерализмот му е неопходна братска помош на радикалната левица за да преживее таа главна оставнина. Тоа е единствен начин да се порази фундаментализмот, да му се извлече тлото под нозе.“ (С.Жижек)

Дали левицата ќе ја има таа историска улога, не само во светот туку и кај нас, не знам, бидејки не сум експерт за тоа, но еве, филозофите кои ги цитирам тоа го тврдат!

Јас можам да дадам автентичен придонес со толкување на значењето на боите. Во таа смисла, сепак, моја боја не е црвената, туку белата или златната како згусната, супстанционализирана бела, потоа Зелената... Но, којзнае, можеби баш Црвената треба да направи радикален пресврт и во овој момент! Таа е комплементарна на Зелената и е бoја на првата, базична чакра. Црвената е зафат овде и сега, но, да обрнеме внимание: единствено ако се случи на сите нивоа и ако е сеопфатен, широк зафат и во форма на духовен интернационализам кој ќе се инструментализира низ комплексни, темелни промени, ќе биде успешна овој пат! Ако до крај, до дно (до бездната и самата бездна) не се зафати таа маса за да се преобрази од внатре, на крај пак ќе се заплеткаме во уште поперфидна идеологија и демагогија! Затоа треба да бидеме многу внимателни, многу сè-свесни и многу трпеливи исто колку и енергични (трпеливост не е баш јака страна на црвената реалност).

Ако либерализмот е сината боја а левицата црвената, меѓу нив е белата боја, балансот, хармонијата која сè уште вистински не сме ја откриле и достигнале!

„Политиката која изгледа 'чиста' во своето суштествување повеќе не 'претставува', туку 'е', како субјективна индикација на внатрешната нужност и како радикална 'објективност'“. (Зборот „уметноста“ го заменив со „политиката“ во овој цитат од Д. Каспит.)

ОкоБоли главаВицФото