Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ убиствени за медиумите

29.01.2016 06:26
Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ убиствени за медиумите

Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за регулирање на медиумската сфера се провидни, недоветни и небулозни. Со нив медиумите се третираат како изборен плен, партискиот интерес се смета за јавен, а предложениот закон за владино рекламирање ја убива смислата на медиумите во едно демократско општество. Вака реагираа новинарски куќи и еснафски здруженија на предлозите што владејачката партија ги достави до работната група за имплементација на Договорот од Пржино. Здруженијата бараат СДСМ, ДУИ и ДПА како и меѓународната заедница да ги отфрлат предлозите на најголемата владејачка партија.

За Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар, предложените „решенија“ на ВМРО-ДПМНЕ за медиумите, вклучувајќи го и предлогот за владиното рекламирање, претставуваат уште една потврда дека за оваа власт новинарите и медиумите се само продолжена рака на огромната пропагандна машинерија, која секојдневно, под превезот информации и факти, на граѓаните им сервира лаги и манипулации.

-Предлозите само покажуваат дека медиумите се еден од клучните столбови на владеењето на овој режим и дека владејачката партија нема никаква намера да се откаже од нив. Навистина не сакам да навлегувам подетално во коментирање предлози што се провидни, недоветни, па дури и небулозни. Како, на пример, оној за уредниците во МРТ или оној за овластените предлагачи за членови на Советот на Агенцијата за медиуми – вели Бејкова.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, смета дека законот на ВМРО-ДПМНЕ за владините реклами предложен на работната група претставува брутален напад врз независноста на медиумите и со него се прави упад врз мисијата, финансирањето и уредувачката политика.

-Предлогот ја убива смислата на постоење на медиумите во едно демократско општество, а тоа е точно, навремено да информираат, критички да ја опсервираат реалноста и да поттикнат дебата за прашања од јавен интерес. Преку медиумските кампањи власта во името на наводна заштита и унапредување на информирањето, во суштина изразува огромен страв и недоверба во работата на медиумите. Кампањите треба да покажат дека медиумите не работат во интерес на граѓаните, затоа е потребно власта да ги мотивира со пари за да ја научат лекцијата како се штити јавниот интерес – рече Селмани.

Вистинската цел на кампањите, според него, е медиумите да ги заборават граѓаните, јавниот интерес и демократијата и да бидат огласна табла за фалење на владините политики. Со овој предлог власта планира со пари на граѓаните да ја засили, прошири и да ја надгради корупцијата во медиумите, со цел да ги контролира и да ја задуши секоја критика.

-Законското решение предвидува надлежност на Агенцијата на медиуми што не е предвидена во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту својствена во демократски држави. Никаде во Европа медиумскиот регулатор не одобрува јавно кампањи, не одлучува за нивната дистрибуција во медиумите, ни по која цена да се емитуваат, ниту пресметува проценти и удели за учество на пазар, што е прашање на медиумската индустрија – истакнува претседателот на ЗНМ.

Највеселата математика во законот е правена со казните. Ако Владата и институциите незаконски објавуваат информативни кампањи, нема да сносат кривична одговорност, туку ќе бидат казнети парично, до 3.000 евра.

ЗНМ побара од другите партии во преговорите - СДСМ, ДУИ и ДПА - како и од меѓународните посредници да го отфрлат овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, а на Владата ѝ порача, ако сака да им помогне на медиумите, да го земе предвид концептот за субвенционирање што ѝ е предложен.

Сличен став има и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

-Да се предложи вакво законско решение има само две објаснувања: или се сака да се купи време или, пак, ова е лов во матно и обид да се протнат и да се легализираат практиките што власта веќе ги има. Со предлозите ВМРО-ДПМНЕ покажува дека за неа медиумите се само изборен плен, а јавниот интерес е всушност партискиот интерес – рече Тамара Чаусидис, претседателка на Синдикатот.
Предлогот МРТ, јавниот сервис, 100 дена пред избори да има двајца директори, еден од власта и еден од опозицијата, за Чаусидис е исто како со закон да се регулира секоја операција да ја прават и хирург од ВМРО-ДПМНЕ и хирург од СДСМ.

Дознаваме дека СДСМ целосно ќе го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата на работната група под водство на медијаторот Питер Ванхауте, што требаше да се одржи синоќа.

Извор: Слободен печат
Слики: Kai Ti Hsu